fbpx

Како чадот од цигарите влијае на репродуктивното здравје и плодноста?

tonus

Пушењето е една од најштетните навики, односно зависности и е застапена кај загрижувачки голем број на луѓе. Се смета дека чадот од цигарите и сите различни хемикалии кои ги содржи (над 7000 различни соединенија) негативно влијаат врз речиси секој орган во телото. На овој начин, ризикот од појава на разни заболувања значително и континуирано се зголемува.

На нашиот блог континуирано ги издвојуваме ризиците од пушење преку неделни статии. На тој начин сакаме да ја подигнеме свеста и навистина да нагласиме дека пушењето е екстремно штетно, иако можеби проблемите кои ги предизвикува не се веднаш воочливи.

 

Дополнително загрижувачки е што младата популација е предводник во статистиките за пушачи ширум светот, но особено и во нашата држава. Според некои статистики дури 30% од младите – тинејџерите посегнуваат по цигара, а над 50% од возрасните лица (над 18) се пушачи. Покрај зголемениот ризик за појава на разни заболувања (срцеви, белодробни, бубрежни и сл.), пушењето негативно влијае и на плодноста на луѓето, велат бројни истражувања и студии.

"“Online”/

 

Како влијае пушењето врз репродуктивното здравје?

 

Се смета дека пушењето влијае негативно како на машкото репродуктивно здравје, така и на женското. Бројните хемикалии кои се наоѓаат во цигарите (цијанид, јаглерод моноксид и др.) го забрзуваат процесот на губење на јајце клетките. Кога тие ќе се изгубат, нажалост, невозможно е нивно повторно создавање. Па токму поради ова, жените кои се пушачи, во просек, имаат менопауза 1-4 години порано од жените кои не се пушачи.

 

Од друга страна, машкото репродуктивно здравје е исто така на удар поради пушењето. Штетниот ефект на цигарите се одразува врз квалитетот на спермата, односно се јавува помал број на создадени сперматозоиди и се намалува нивната подвижност. Исто така, се зголемува и бројот на создадени сперматозоиди со абнормална форма или со некаков друг дефект. Дополнително, се верува дека пушњето ја намалува способноста на сперматозоидите да ја оплодат јајце клетката.

 

Пушењето влијае негативно и врз шансите за забременување

 

Истражувањата покажуваат дека жените кои пушат имаат намалени шанси за забременување. Статистиката покажува дека бројките за неплодност се двојно поголеми кај пушачите, отколку кај популацијата која не пуши. Ризикот за појава на проблеми поврзани со репродуктивното здравје се зголемува со бројот на испушени цигари во денот.

 

Се смета дека дури третманите за подобра фертилност може да не се доволни за да го неутрализираат и да компензираат за штетниот ефект од пушењето. Жените пушачи имаат зголемена потреба од ваквите лекарства и сепак имаат помалку јајце клетки од жените кои не пушат. Споредено со жените непушачи кои се на терапија за фертилност, жените кои пушат имаат 30% помалку шанси за забременување.

 

Пушењето исто така го оштетува и влијае негативно врз генетскиот материјал во јајце клетките и сперматозоидите, па така шансите за компликации во бременоста, како и појава на деформитети кај плодот се зголемени.

 

Штетното влијание на пушењето врз здравјето на децата

 

Некои истражувања покажуваат дека мажите чии мајки пушеле половина кутија цигари, имале помалку сперматозоиди. Пушењето и изложеноста кон чадот од цигари доведува и до проблеми со развојот и растот на плодот за време на бременоста. Тоа може да доведе до раѓање на дете со помала тежина. Ваквите деца се смета дека имаат зголемен ризик за бројни здравствени состојби подоцна во животот. Исто така, изложеноста кон чадот од цигари го зголемува ризикот за појава на астма кај децата.

 

Доколку сакате да прочитате повеќе околу штетните ефекти од т.н „пасивно пушење“, кликнете тука.

 

Дали откажувањето ги подобрува шансите за бременост?

 

Откажувањето на цигарите го подобрува репродуктивното здравје, но штетата што претходно ќе ја предизвика (пр. изгубени јајце клетки) е нажалост непоправлива. Меѓутоа, шансите за компликации и проблеми за време на бременоста се намалуваат. Колку подолго луѓето се откажани од цигарите, толку се помали и шансите за некаков проблем при забременување или при самата бременост.

Покрај тоа, откажување од пушењето ги заштитува и малите деца и новороденчињата од чадот, кој нажалост често се занемарува и потценува. Тој може да предизвика бројни здравствени проблеми кај малите деца. Иако откажувањето е исклучително тешко и бара силна посветеност и желба, тоа носи бројни бенефити и подобрувања за вашето здравје. За зголемување на шансите за успешно откажување, побарајте помош од вашиот лекар, како и поддршка од најблиските, партнерот, пријателите и сл.

Д-р Митов

Д-р Митов

Ние ви помагаме ВИШОКОТ КИЛОГРАМИ и поврзаните БОЛЕСТИ, на ПРИРОДЕН начин и трајно да ги отфрлите, за да бидете: ПОЗДРАВИ, ПОЛЕСНИ и ПОЛЕТНИ!

Leave a Replay

X
Добијте бесплатен пристап до нашиот неделен информатор