fbpx

Како влијае ЧАДОТ од цигарите врз здравјето на нашиот респираторен систем?

 

Ризиците од пушењето на цигари по нашето здравје се многубројни, научно докажани и се сè повеќе зборувани. Но, и покрај тоа, статистиката вели дека над 1 милијарда луѓе ширум светот се пушачи.

Во нашата држава, дури 48,4% од луѓето посегнуваат по цигарите, а загрижувачки е и тоа што над 30% од младите се пушачи, вели истражување објавено во 2020 година. Ваквата статистика ја става нашата земја, како една од најлошо рангираните земји во Европа и регионот по бројот на пушачи. Просечно еден пушач во Македонија, пушел по 20 цигари дневно, стои во истражувањето. Глобално, а и во нашата држава, мажите се побројните пушачи во однос на жените. Во Македонија, 57,9% од пушачите се мажи, додека 39% се жени.

Пушењето го зголемува ризикот за појава на многубројни заболувања и состојби. Тоа делува штетно на речиси секој орган и ткиво во човековото тело. Можеби најштетно е секако за нашите бели дробови и дишни патишта, па токму ова ќе биде тема на нашата денешна статија.

 

Пушењето и респираторниот систем

 

Секој орган во човековото тело си има сопствена клучна и незаменлива улога. Органите овозможуваат правилно и оптимално функционирање на организмот како целина. Повеќето здрави луѓе ги извршуваат дневните задачи и обврски без значајни потешкотии, бидејќи нивното тело функционира оптимално. Ова е особено видливо кога станува збор за белите дробови.

Белите дробови имаат задача да го обезбедат телото со кислород преку воздухот кој го вдишуваме и да го отсранат непотребниот и штетен јаглероден диоксид. Пушењето ја нарушува оваа функција на белите дробови. Тоа предизвикува штета врз ткивото на белите дробови како и на дишните патишта, па така многу лесно воочлива е способноста на пушачите и непушачите да извршуваат одредени активности. Пушачите лесно се задишуваат, побрзо се заморуваат и имаат потешкотии извршувајќи активности кои бараат одредена физичка ангажираност. Иако се смета дека ниеден производ од тутун не е безбеден, цигарите поради процесот на согорување, се особено штетни за белите дробови.

 

Кои се ризиците?

 

Пушењето може веднаш да предизвика штета врз вашето здравје. Секој здив со чад од цигари содржи над 7000 различни соединенија. Овој чад многу брзо пристигнува до белите дробови, а потоа крвта која зема кислород од белите дробови, ги распространува ваквите штетни соединенија низ целото тело. Чадот од цигари содржи јаглерод моноксид, штетен и смртоносен гас кој го истиснува кислород во крвта, па така доаѓа до намалено количество на кислород кое се доставува до органите во телото.

Меѓу останатите соединенија, чадот од цигари содржи и акролеин, соединение кое може да предизвика сериозно оштетување на белите дробови, а дури и во мали количини може да предизвика болки во грлото по само 10 минути.

Пушењето кај тинејџерите може да предизвика развиток на помали, послаби бели дробови. Пушењето исто така може да ги оштети и уништи цилиите – мали структури кои потсеќаат на влакненца кои се наоѓаат во дишните патишта. Тие имаат улога да ги отстрануваат и заробуваат нечистотиите кои инаку би пристигнале до белите дробови. Кога ваквите „влакненца“ се уништени, доаѓа до појава на зачестена, хронична кашлица која е типична за луѓето кои подолго време и секојдневно пушат.

Се смета дека 8/10 случаи на обструктивна хронична белодробна болест (ОХББ) се поради пушењето. Луѓето кои страдаат од ваквата состојба имаат потешкотии со дишењето, а понекогаш тоа резултира и со смрт. Не постои конкретен лек за третирање на ваквата состојба.

Дополнително, се проценува дека повеќето од случаи на рак на белите дробови се предизвикани од пушење. Ракот на белите дробови е главен причинител за смртни исходи од карцином. Пушачите се проценува дека имаат 20 пати повеќе шанси да имаат рак на белите дробови, наспроти непушачите. Покрај ракот на белите дробови, ризикот за појава на канцер се зголемува и за останатите делови од респираторниот систем.

 

Како да ги заштитиме нашите бели дробови?

 

Белите дробови претставуваат еден тип на филтрационен систем, земајќи го кислородот од воздухот од атмосферата и предавајќи го на крвта со цел негово искористување низ нашиот организам. Непотребниот јаглерод диоксид исто така се отстранува и издишува.

Кога се вдишува чадот од цигарите, присутните хемикалии  го нарушуваат овој деликатен и исклучително важен процес. Најдобриот начин за да се осигураме дека ќе го зачуваме здравјето на белите дробови е всушност никогаш да не започнеме со користење на цигарите. Но, доколку веќе е пројавена зависноста од цигари, ризикот од појава на заболувања се намалува исклучиво со целосно отжакување на цигарите. Таквиот процес секако дека не е лесен и бара голема желба, решителност и истрајност. Само на тој начин, можеме да му дадеме време на респираторниот систем да закрепне и да ја санира причинетата штета. За откажување од цигарите никогаш не е доцна. Секако, постојат повеќе алтернативни опции на пушењето за оние кои одбиваат целосно да се откажат од тутунот.

Откажувањето можеби е тешко, но придобивките од истото се многубројни:

– Нашето срце и бели дробови функционираат подобро и ризикот од појава на заболувања кај нив се намалува

–  Физичката подготвеност и кондицијата се подобруваат

– Ризикот од појава на бројни заболувања, меѓу кои е и ракот, се намалува значително

– Позитивните ефекти од откажувањето се кумулативни, односно колку подолго сме непушачи, толку нашето здравје се подобрува

Пушењето – штетна зависност која го зголемува и ризикот за појава на дијабет

Пушењето претставува долготраен и константен проблем во јавното здравје. Последиците од него се многубројни, штетни и сериозни. Истражувањата и доказите се неоспорни и јасни. Но и покрај тоа, пушењето останува еден од главните причинителни на бројни заболувања кај луѓето. Во САД, статистиката вели дека во последните години, пушењето е заслужно за околу 480,000 смртни случаи годишно.

Во нашата држава статистиката е исто така многу поразителна. Речиси секој втор возрасен е пушач, а дури 30% од тинејџерите посегнуваат по цигарите. Исто така, имаме едни од најдостапните цени за цигари во Европа. Кампањите против пушењето се речиси непостоечки, а луѓето без соодветна помош навистина тешко можат да се откажат од цигарите, при што не се посветува внимание на алтернативите на цигарите.

Загрижувачки е што цигарите се често употребени и од лица кои имаат разни други заболувања. Како едно од најчестите вакви заболувања, може да се издвои дијабетот. Во продолжение ќе продискутираме која е поврзаноста меѓу дијабетот и пушењето и како комбинацијата од двете е штетна и опасна за здравјето.

 

Пушењето и дијабетот

 

Пушењето се смета за еден од најлесно превентабилните ризик фактори за разни заболувања и предвремена смрт. Покрај зголемениот ризик за појава на канцер, срцеви заболувања, белодробни заболувања и низа други здравствени проблеми, пушењето го зголемува ризикот и од појава на тип 2 дијабет.

Истражувањата покажуваат дека пушачите имаат 30-40% поголеми шанси за појава на тип 2 дијабет, наспроти непушачите. Дополнително, луѓето кои се дијабетичари а при тоа и пушачи имаат повеќе потешкотии при дозирањето на инсулинот и регулирањето на болеста. Ризикот за појава на тип 2 дијабет се зголемува со бројот на испушени цигари.

Се смета дека без разлика на типот на дијабет, цигарите го отежнуваат контролирањето и подобрувањето на состојбата. Пушачите кои се дијабетичари имаат зголемени шанси за појава на сериозни здравствени проблеми, а при тоа имаат и зголемен ризик за други компликации како:

  • Срцеви и бубрежни заболувања
  • Намалена и влошена циркулација, особено во стапалата и нозете што може да доведе до значително посериозни проблеми
  • Ретинопатија
  • Периферна неуропатија (оштетување на нервите кај екстремитетите, што може да доведе до вкочанетост, втрнатост, болки, слабост и сл.)

 

На кој начин пушењето влијае врз дијабетот?

 

Според едно истражување од 2014 година, постојат повеќе начини како пушењето може да влијае врз појавата на дијабет или врз влошување на состојбата кај дијабетичарите. Хемикалиите кои ги содржат цигарите предизвикуваат оштетувања на клетките во телото и може да го загрозат нивното нормално функционирање. Ова предизвикува воспаление во телото, на тој начин намалувајќи ја ефективноста и фунцкијата на инсулинот. Дополнително, кога хемикалиите од цигарите се среќаваат со молекули на кислород во телото, настанува процес наречен оксидативен стрес, што дополнително предизвикува штета на клетките. Инфламацијата и оксидативниот стрес се сметаат за главни причинители кои доведуваат до зголемен ризик за појава на дијабет.

Покрај тоа, истражувањата покажуваат дека состојките во во цигарите можат да го зголемат нивото на шеќер во крвта.  Имено, може да дојде до:

  • Инусилнска резистенција
  • Воспаленија
  • Зголемена телесна тежина и таложење на масти, особено во пределот на стомакот
  • Зголемен „лош“ LDL холестерол и намалени нивоа на „добар“ HDL холестерол
  • Покачување на нивоата на триглицериди

 

 

Здравјето доаѓа преку позитивни промени во живеењето

 

Откажувањето на цигарите не е лесно, но е секогаш правилната одлука за вас. Никогаш не е доцна за откажување на цигарите, а доколку не успевате во тоа, побарајте помош од вашиот лекар. Постојат и бројни помагала и суплементи кои може да ви помогнат во ваквата одлука. Со откажувањето на цигарите, вашиот ризик за појава на разни заболувања, драстично и брзо опаѓа. Ќе се чувствувате подобро, поенергично и вашиот квалитет на живот ќе се подобри.

Во поглед на дијабетот, мали промени во начинот на живеење може да имаат исто така корисни и посакувани ефекти. Здравата исхрана, регулирање на телесната тежина, лекарства, физичката активност, редовно контролирање и мониторирање на вредностите за шеќер во крвта, се дел од активностите и промените кои може да ви ја подобрат здравствената состојба.

Повеќе за дијабетот може да прочитате тука.

Што е всушност КАТРАНОТ кој го има во цигарите?

Катранот може да се каже дека е она што е најмногу заслужно за штетните ефекти на цигарите. Бидејќи терминот катран кај цигарите се користи за опишување на низа на супстанци, тоа е најчесто делот од цигарата што ги содржи најтоксичните соединенија. Исто така, тоа е она што формира кафеави или жолти дамки на филтерот од цигарите, но и на нашите заби и прсти.

Катранот значајно допринесува за зголемување на ризикот и појава на разни белодробни заболувања. Цигарата содржи околу 7,000 различни хемикалии, а повеќето од нив се смета дека се наоѓаат токму во катранот. Покрај заболувања на белите дробови, овие токсични соединенија може да предизвикаат и низа на други заболувања – рак, дијабет, срцеви заболувања, импотентност и сл.

Главниот штетен ефект на катранот се смета дека е врз цилиите во дишните патишта. Тоа се тенки структури што потсетуваат на влакненца и се наоѓаат и ги обложуваат трахеите. Тие имаат улога да заробуваат и спречуваат навлегување на загадувачи, но кога тие се оштетени, ваквите загадувачи може да патуваат длабоко во белите дробови. Доколку тие подолго време останат во белите дробови, може да предизвикаат разни заболувања.

Катранот се создава при горењето.

Катранот всушност не е супстанца, туку израз што се користи за да се опише машински измерената тежина на вкупните честички во чадот од цигарите минус водата и никотинот.

 

ДАЛИ КАТРАНОТ Е СУПСТАНЦА?

 

Не. Катранот е машински измерена количина на преостанатите честички во чадот од цигарите откако ќе се отстранат никотинот и водата од мерењето.

 

ДАЛИ ОВОЈ КАТРАН Е ИСТИОТ ОД КОЈ СЕ ПРАВАТ ПАТИШТА?

 

Не, воопшто. Катранот во овој контекст е мерење на тежината на преостанатите честичките во чадот од цигарите откако ќе се одземат никотинот и водата.

 

ДАЛИ КАТРАНОТ Е ДОБРА МЕРКА ЗА ТОА КОЛКУ СЕ РИЗИЧНИ ЦИГАРИТЕ?

 

Катранот историски се користел за мерење на остатоците од цигарите користејќи голем број машински, стандардизирани процеси. Додека катранот може да биде кориснa мерка за пушачите да го споредуваат интензитетот на вкусот помеѓу брендовите цигари, методите за пресметување на катранот варираат во зависност од користениот метод на тестирање.

Важно е дека количината на катран не може да го отслика однесувањето на пушењето во реалноста, така што некои здравствени агенции – како што се оние во Европската унија – се оддалечуваат од барањето од националните власти да ги печатат овие мерила на пакувањата цигари поради загриженоста дека можат да ги доведат  потрошувачите во заблуда. Пушачите секако не треба да претпоставуваат дека бројките отпечатени на пакувањата означуваат прецизни количини што би ги вдишиле преку пушењето цигара и не треба да претпоставуваат дека помалите бројки значат дека одредена марка цигари е безбедна, побезбедна или помалку штетна од друга. Најдобар начин да се минимизира ризикот од болести поврзани со пушењето е пушачите да се откажат од цигари и никотин.

Катранот генерално не се користи како мерка која се поврзува со бездимните алтернативи  бидејќи хемискиот состав на аеросолот (или „пареата“) е суштински различен од цигарите по тоа што не горат тутун. Кога научно поткрепените производи без чад се направени според соодветни  стандарди за квалитет и безбедност за да се избегне согорување, ова може да доведе до значително намалување на бројот и просечното ниво на штетни и потенцијално штетни соединенија во споредба со цигарите. Но, овие намалувања мора да бидат поткрепени за секој производ поединечно и не значи дека овие производи се без ризик.

Алтернативите без чад не горат тутун, затоа аеросолниот состав на производите без чад е фундаментално различен од чадот од цигари. За производи без чад, намалувањето на бројот и просечните нивоа на низа штетни и потенцијално штетни соединенија треба да се потврди за секој производ поединечно.

Избегнување на горењето може да доведе до значително намалување на изложеноста на штетни и потенцијално штетни соединенија во споредба со чадот од цигари. Откажувањето од тутун и никотин во целост е секогаш најдобриот избор, но научно поткрепените алтернативи без чад, иако создаваат зависност и не се без ризик, имаат потенцијал да бидат многу подобар избор од продолжување со пушењето за оние кои не се откажуваат – претпоставувајќи дека овие алтернативи се произведени според соодветни стандарди за квалитет и безбедност.

Најдобар избор секогаш е целосно да се откажете од тутун и никотин. За оние кои не се откажуваат, преминот кон научно поткрепена алтернатива без чад е подобар избор отколку продолжување со пушењето.

Поврзаноста меѓу пушењето и телесната тежина

Иако сме свесни за последиците од пушењето, тоа продолжува да биде главниот, број 1 здравствен проблем во државата. Дури 48,4% од населението во нашата држава посегнува по цигарите и ваквата бројка нè прави лидери во регионот, но и во Европа.

Покрај тоа, истражувањата покажуваат дека и над 30% од младите се пушачи. Ние се наоѓаме и високо на светската топ 10 листа на држави кои имаат највисок процент на население – пушачи.

Интересно е што дел од пушачите ја поврзуваат телесната тежина со штетната навика на пушење. Според некои, откажувањето на цигарите доведува до неизбежен раст во телесната тежина, но дали е тоа секогаш така?

 

Како се пушењето и телесната тежина поврзани?

 

Покачувањето на телесната тежина по откажувањето од цигарите може дополнително да ги обесхрабри и премисли луѓето. Истражувањата покажуваат дека луѓето кои се пушачи и имаат прекумерна телесна тежина имаат поголема тенденција да додадат килограми по откажувањето, наспроти луѓето кои се пушачи но имаат нормална телесна тежина.

Некои статистики покажуваат дека луѓето кои имаат зголемување во телесната тежина по откажувањето, во просек додаваат околу 2,2 до 4,5 килограми. Постојат повеќе причини за ваквиот феномен, а едната од нив е начинот на кој никотинот влијае на телото.

Имено, никотинот се смета за супстанца која го забрзува метаболизмот и проценките се дека поради тоа, тој ја зголемува дневната потрошувачка на калории за 7-15%. Покрај тоа, цигарите го намалуваат апетитот, а и служат како дистракција и навика. По нивното откажување, апетитот се зголемува, а луѓето како некој вид на алатка за пополнување на времето може да се насочат кон храната.

Но, ваквата појава не е застапена кај сите луѓе кои се откажуваат од цигарите. Првичните 3 месеци се сметаат за најкритични и луѓето обично тогаш внесуваат повеќе храна. Но, некои анализи покажале дека по 12 месеци, дел од пушачите ги изгубиле додадените килограми, а дел од нив (16-21%) дури и ја намалиле телесната тежина.

 

Како подобро да се контролира телесната тежина по откажување од пушењето?

 

Далеку поважно е фокусот да биде насочен кон откажувањето, отколку кон потенцијалното покачување на телесната тежина. Придобивките од откажувањето се далеку поголеми и побројни, а дополнителните килограми можат лесно и здраво да се отсранат. Совети кои можат да помогнат при регулација на телесната тежина при процесот на откажување од цигарите се:

 

  • Во периодот кога имате потреба од цигара, имајте при рака гума за џвакање или некаков јаткаст плод или здрава „грицка“. Ваквите намирници ќе служат како дистракција за рацете, а гумата за џвакање ќе ви помогне да го намалите внесот на храна.
  • Вложете ги заштедените пари од купувањето цигари на здрави и вкусни намирници кои се ниско калорични, а се погодни за секојдневно, често „грицкање“. Семки од сончоглед или тиква се одличен пример за вакви намирници.
  • Бидете физички активни. Вежбањето помага со регулацијата на телесната тежина, но исто така помага и при откажувањето на зависноста од цигари. Тоа исто така допринесува кон подобро расположение и може да помогне со непријатните симптоми при откажувањето.
  • Подгответе си ги однапред оброците со цел да се справите со евентуалните ненадејни потреби од храна. Доколку знаете дека дома ве чека вкусен, зготвен ручек, најверојатно ќе ја прескокнете нездравата ужинка која моментално ја мислите.
  • Не се изгладнувајте. Често практикувајте здрави грицки и насочете се кон храна која е пониско калорична, а ве држи сити подолго. Таквата храна најчесто е онаа која содржи сложени јаглехидрати, протеини и здрави масти. Полнозрнести житарки, овошје, зеленчук, семиња и јаткасти плодови се одлични намирници за извор на нутриенти и за подолго чувство на заситеност.
  • Практикувајте редовен и квалитетен сон. Недоволниот сон доведува до поголема склоност кон внес на нездрава, високо калорична храна, која е богата со масти и шеќери.

 

Придобивките од откажувањето се далеку поголеми од можните неколку килограми плус

 

Откажувањето на цигарите е тежок процес, кој бара посветеност и решителност. Не треба да дозволиме истиот да го започнеме кога веќе се јавиле проблемите. Откажувањето можеби е тешко, но придобивките од истото се многубројни.

  • Нашето срце и бели дробови функционираат подобро и ризикот од појава на заболувања кај нив се намалува
  • Физичката подготвеност и кондицијата се подобруваат
  • Ризикот од појава на бројни заболувања, меѓу кои е и ракот, се намалува значително
  • Позитивните ефекти од откажувањето се кумулативни, односно колку подолго сме непушачи, толку нашето здравје се подобрува

Како чадот од цигарите ги уништува бубрезите?

Пушењето е една од најштетните навики, односно зависности и е застапена кај загрижувачки голем број на луѓе. Се смета дека чадот од цигарите и сите разчични хемикалии кои ги содржи (над 7000 различни соединенија) негативно влијаат врз речиси секој орган во телото. На овој начин, ризикот од појава на разни заболувања значително и континуирано се зголемува.

Иако, најчесто негативните ефекти и последиците од пушењето ги асоцираме со белите дробови, тоа сериозно влијае и врз здравјето на срцето, мозокот, но и на бубрезите.

Токму поради тоа, во продолжение ќе го погледнеме ефектот, односно штетата што ја предизвикува пушењето на бубрезите.

 

Како влијае чадот од цигарите врз здравјето на бубрезите?

 

Уште во 1978 година била спроведена студија која ја покажала поврзаноста меѓу пушењето и заболувањата на бубрезите. Оттогаш, бројни студии го потврдиле и дополнително проучиле штетниот ефект на цигарите.

Постојат повеќе начини на кои тие директно и индиректно, штетно влијаат врз бубрезите, но најчесто се смета дека тоа е поради:

 

  • Зголемување на крвниот притисок и пулс
  • Намален проток на крв до бубрезите
  • Зголемено создавање на ангиотензин II (хормон кој се создава во бубрезите)
  • Стеснување на крвните садови во бубрезите
  • Оштетување на артериолите (разгранувања на артериите)
  • Појава на артериосклероза (задебелување и стврднување) на артериите во бубрезите
  • Влошување и губење на нормалната функција на бубрезите

 

Покрај тоа, некои истражувања покажале дека пушењето и неговиот штетен ефект може да ги прогресираат и да го зголемат ризикот за бројни бубрежни заболувања, меѓу кои е и појавата на протеинуријапрекумерни количества протеини во уреата.

Здравствени состојби како дијабет или хипертензија се сметаат за двете главни причини за појава на хронични бубрежни заболувања. Луѓето кои ги имаат ваквите состојби, а дополнително се и пушачи, сериозно го зголемуваат ризикот за хронични бубрежни, како и за низа на останати, сериозни заболувања.

 

Пушењето штетно влијае и на здравите бубрези

 

Според едно истражување, мажите кои немаат никакви бубрежни заболувања, но се пушачи, имаат зголемен ризик за нивна појава. Ваквиот ризик дополнително се зголемува за посериозни пушачи. Откажувањето на цигарите е еден од најлесно превентабилните ризик фактори за разни заболувања – срцеви, бубрежни, канцер, мозочен удар и сл.

Некои истражувања покажуваат дека пушачите имаат 4 пати поголем ризик за појава на бубрежни заболувања, отколку непушачите. Тие исто така имаат 2 пати поголеми шанси за појава на канцер на бубрезите, наспроти непушачите. Ваквиот ризик се зголемува со бројот на испушени цигари на ден.

 

Никогаш не е доцна за откажување, а истото веднаш носи здравствени придобивки

 

За луѓето кои имаат проблеми со бубрезите, откажувањето на цигарите може да доведе до низа на корисни бенефити:

 

  • Моменталните – актуни ефекти од пушењето се повлекуваат
  • Се подобрува функцијата на бубрезите кај луѓето кои страдаат од некакво бубрежно заболување, но и од дијабет
  • Се намалува ризикот од појава на рак на бубрезите
  • Се намалува ризикот и прогресијата на бројни други бубрежни заболувања

 

Покрај тоа:

  • По 20 минути од гасењето на цигарата, вашиот пулс и притисок се враќаат во нормала
  • По 12 часа, нивоата на јаглероден моноксид во крвта се нормализираат, овозможувајќи повеќе кислород да се пренесе до виталните органи и срцето
  • По 48 часа, храната е повкусна и сетилото за мирис се подобрува
  • По 72 часа, дишењето станува полесно и нивото на енергија е зголемено
  • По 2-12 недели се подобрува циркулацијата и кожата изгледа подобро и поздраво
  • По 1 година, ризикот за појава на инфаркт или мозочен удар е преполовен, а по 4 години непушење, ризикот за мозочен удар е еднаков како и на непушач.

 

И пасивното пушење е штетно за срцето

Можеби првата асоцијација за штетноста од пушењето е нивниот ефект врз белите дробови. Тоа е неоспорливо и можеби и најголемо штетно дејство што цигарите го имаат врз нашето тело. Но, нажалост нивното влијание не запира тука и огромниот штетен ефект што го имаат цигарите може да се согледа и врз кардиоваскуларното зравје. Со секоја испушена цигара, науката вели дека се зголемува ризикот за појава на проблеми поврзани со здравјето на срцето.

 

Како влијаат цигарите врз кардиоваскуларното здравје?

 

Грубата статистика покажува дека 25% од инфарктите се предизвикани од пушењето. Исто така, пушачите се од 2 до 4 пати поподложни на разни срцеви заболувања. Штетниот дим од цигарите кој е причина за т.н „пасивно пушење“ може да влијае и да го загрози здравјето и на луѓето околу вас.

 

Нашето срце зависи од редовен и континуиран доток на кислород и нутриенти од крвта. Тие доаѓаат до срцето преку крвотокот или т.н циркулаторен систем. Со тек на време, наслаги од масти може да се појават во внатрешноста од крвните садови. Ова доведува до стеснување, а тоа го намалува протокот на крвта и го зголемува ризикот од инфаркт. Оваа состојба е наречена артериосклероза. Пушењето се смета дека го забрзува ваквото таложње и стеснување на крвните садови. Дополнително, пушењето ги оштетува и останатите крвни садови низ целото тело. Ваквите „периферни артериски заболувања“ може да доведат до намалена циркулација – особено кај дланките и стапалата, згрутчување на крвта и сл. Откажување на цигарите се смета како најпревентабилен чекор за намалување на ризикот од појава на ваквата состојба.

 

Пушењето исто така може да доведе и до мозочен удар – состојба кога дотокот на крв до мозокот е попречен или целосно запрен. Тоа може да предизвика трајно оштетување на мозокот, па дури и смрт. Ризикот за мозочен удар е највисок кај активните пушачи, наспроти луѓето кои ги откажале цигарите или пак никогаш не пушеле.

 

Дополнителен ризик во комбинација со некои останати состојби

 

Без разлика на бројот на испушени цигари, пушењето е штетно по кардиоваскуларното здравје. За жени кои користат орална контрацепција или луѓе кои имаат дијабет, а се пушачи, ризикот од вакви заболувања е уште поголем.

Пасивното пушење, односно вдишувањето на чадот од туѓа цигара, исто така претставува ризик за појава на заболувања. Особено за децата ваквиот чад е штетен, бидејќи може да влијае врз нивните нивоа на HDL или „добар“ холестерол, нивниот крвен притисок и може да предизвика оштетувања на срцевото ткиво.

Некои истражувања покажуваат дека непушачите кои редовно се изложени на дим од цигари, имаат 25 до 30% поголем ризик од појава на коронарни срцеви заболувања. Ваквата статистика е загрижувачка и се смета дека 30.000 смртни случаи во САД се предизвикани од пасивно пушење.

Пушењето го покачува крвниот притисок, а тоа може дополнително да е штетно и проблематично за луѓето кои веќе имаат хипертензија.

 

Откажувањето на цигарите значи и поздраво срце

 

Иако најдобар начин да го заштитите здравјето на вашето срце е никогаш да не пушите, откажувањето сепак доведува до значително подобрено здравје со тек на времето.

  • По 20 минути од гасењето на цигарата, вашиот пулс и притисок се враќаат во нормала
  • По 12 часа, нивоата на јаглероден моноксид во крвта се нормализираат, овозможувајќи повеќе кислород да се пренесе до виталните органи и срцето
  • По 1 година, ризикот за појава на инфаркт или мозочен удар е преполовен, а по 4 години непушење, ризикот за мозочен удар е еднаков како и на непушач.

Откажувањето не е лесно, но е неопходно за подобро здравје. Не чекајте да се јават проблемите за да реагирате. Пушењето е штетно за вашиот организам и доведува до помал квалитет на живеење. Со ваша волја и решителност, како и поддршка од средината, можете трајно да ги откажете цигарите.

ЧАДОТ од цигарите е вистинскиот проблем за здравјето, а не никотинот

Сите знаеме дека пушењето е штетно, но дали всушност знаеме која е главната причина за болестите поврзани со пушењето. За да го проверам Вашето знаење, Ве молам одговорете го следното прашање:

 

Која е основната причина за болести поврзани со пушењето?

а. Соединенија кои се создаваат при горењето на тутунот како катран и јаглерод моноксид;

б. Никотин кој доведува до зависност;

в. Не знам

 

Многумина одговорија дека никотинот е главната причина, но еве неколку помалку познати факти кои  докажуваат дека никотинот не е главниот причинител за болести поврзани со пушењето.

 

 

НИКОТИН – 10 ПОМАЛКУ ПОЗНАТИ ФАКТИ

 

,,Луѓето пушат поради никотин, а умираат од катран, позната изјава на познатиот британски психијатар, Мајкл Расел (1932-2009) кој се смета еден од пионерите во развој на концептот на намалување на штетите поврзни со пушењето.

Кога се споменува никотин, првото нешто што паѓа на ум е пушењето и како тоа влијае врз организмот. И тоа е така бидејќи никотинот е супстанца која предизвикува зависност и  не е без ризик. Но, она што е факт е дека многу луѓе поставуваат знак за еднаквост помеѓу никотинот и пушењето, а токму ова е многу погрешно. Во продолжение неколку факти кои разјаснуваат многу:

  1. Никотинот е природен алкалоид кој природно се наоѓа во сите растенија од фамилијата SOLANACEAE. Во оваа фамилија растенија спаѓа тутунот, но овде спаѓаат и модриот патлиџан, карфиолот, компирот, доматите, бамјите, чили пиперките, бабурите. Односно, никотинот е присутен во нашата исхрана, но во мали дози. Некои процени се дека луѓето секојдневно консумираат околи 1400 ng никотин преку вообичаената исхрана. Но, никотинот најмногу е присутен во тутунот чие латинско име впрочем е Nicotiana Tabacum.
  2. Што вели Американската агенција за храна и лекови (ФДА) за никотинот: ,,Повеќето луѓе знаат дека цигарите и другите производи кои содржат тутун создаваат зависност, но многу луѓе не ја разбираат улогата на никотинот во зависноста од тутун, болести и смрт. Никотинот е високо зависен и ги поттикнува луѓето да користат тутунски производи, но не е она што го прави тутунот толку смртоносен. Тутунот и чадот од тутун содржат илјадници материи. Токму оваа мешавина – не никотинот – предизвикува сериозни болести и смрт кај корисниците на тутун, вклучувајќи фатални белодробни заболувања, како хронично опструктивно белодробно заболување (ХОББ) и рак”.[1]
  3. Никотинот ја создава зависноста од пушењето, но тој не е примарен причинител за болестите поврзани со пушењето согласно голем број научни истражувања. Според законските ограничувања во Законот за тутун, цигарите не смеат да содржат повеќе од 1mg никотин. За да дојде до труење со никотин, пушачот треба без престанок да консумира 400 цигари или 20 пакувања една по друга.
  4. Никотинот може да стигне до човековиот организам преку белите дробови, устата или кожата. Согласно СЗО, никотинот од запалена цигара може да стигне до мозокот за 7 секунди. Кога се апсорбира, никотинот влегува во крвотокот и се пренесува во различни концентрации до сите ткива и органи, вклучувајќи го и мозокот каде доаѓа до активација на никотински ацетилхолински рецептори што резултира со чувство на задоволство, подобрување на расположението и ослободување на допамин, а ова предизвикува привикнување кај пушачите.
  5. Никотинот може да дејствува и како стимуланс и смирувачки, во зависност од околностите и количината која се внесува. Ова може да се објасни зошто некои пушачи велат дека цигарите им даваат енергија и ја стимулира нивната ментална активност, додека други тврдат дека пушењето им ја ублажува анксиозноста и ги релаксира.
  6. Кога пушачот ќе проба да се откаже од цигарите, недостатокот на никотин предизвикува појава на т.н. синдром на апстиненција кој вклучуваат интензивна желба за никотин, раздразливост, вознемиреност, депресија, нетрпеливост, проблеми со спиењето, немир, глад или зголемување на телесната тежина и потешкотии со концентрацијата.
  7. Но, никотинот ја создава зависноста, а токсините како катранот, јаглерод моноксид, бензен и слични други хемиски соединенија кои се присутни во чадот при горењето на тутунот ги предизвикуваат болестите од пушењето. Согласно Скот Готлиб, директор на ФДА во периодот од 2017-2019, никотинот е причината, но никотинот е и решението на проблемот со пушењето.
  8. Кога ќе се запали цигарата, тутунот гори на температура над 600 степени целзиусови, но за да се ослободи никотинот од тутунот доволни се минимум 250-300 степени. Со други зборови, никотинот може да биде ослободен и на други начини различни од пушењето. Токму на овој принцип се развиени алтернативни производи кои овозможуваат задоволување на потребата од никотин, но избегнување на чадот, односно на горењето на цигарите. Така впрочем е развиена никотинската лепенка од страна на Д-р Френк Ецкорн која е одобрена од страна на Американската агенција за храна и лекови.
  9. Производителиtе на цигари се повеќе се ориентираат кон развој на производи преку кои се избегнува процесот на согорување, намалувајќи ја штетата. Такви производи се уредите кои го загреваат тутунот, наместо да го горат. Такви се и електронските цигари каде никотинот е присутен во облик на течност кои може но и не мора да биде екстрахиран од тутун. Таков производ е и шведскиот снус кој всушност претставува тутун спакуван во кесички кои се користат за орална употреба. Некои од овие производи се присутни и на македонскиот пазар.
  10. Некои држави како Велика Британија, Шведска, Нов Зеланд и други ги препознаваат овие производи како дел од своите стратегии за намалување на пушењето и намалување на штетноста од пушењето. Шведска е земја со најмала инциденца на пушење во Европа од само 5%.

 

Најдобра одлука за пушачите е да се откажат целосно од пушењето. Ова е во интерес на нивното индивидуално здравје и добросотојба, но и на здравјето на околината. Имајќи предвид дека сме препознаени како нација на пушачи, Македонија треба да ги следи светските трендови, институциите треба да направат повеќе да се реши овој најголем здравствен проблем. Добри примери од светот има и не е тешко да се имплементираат.

[1] Nicotine: The Addictive Chemical in Tobacco Products | FDA

ПУШЕЊЕТО – здравствен проблем БРОЈ 1 во Македонија

Иако сме свесни за последиците од пушењето, тоа продолжува да биде главниот, број 1  здравствен проблем во државата. Истражувањата се многубројни, доказите се неоспорни, а сепак статистиката за бројот на пушачи и понатаму е загрижувачка.

Во резултатите од истражувањето на тинк-тенк организацијата „Аналитика“ и универзитетот во Чикаго, кои беа објавени во 2020 година, се наведува алармантна и застрашувачка статистика.

 

Загрижувачка статистика

 

Дури 48,4% од населението во нашата држава посегнува по цигарите и ваквата бројка нè прави лидери во регионот, но и во Европа. Покрај тоа, истражувањето покажало дека и над 30% од младите се пушачи. Ние се наоѓаме и високо на светската топ 10 листа на држави кои имаат највисок процент на население – пушачи.

Ваквите информации, особено кога ќе ги поврземе со фактот дека и како држава високо сме рангирани и по бројот на денови со екстремно загаден воздух, треба да го вклучи алармот и да биде поттик за промена.

Дополнително, штетноста од чадот од цигарите не ги засега само пушачите, туку и луѓето околу нив кои го вдишуваат чадот, наречени „пасивни пушачи“. Особено загрижувачки е ваквото „пасивно пушење“ кое се јавува кај децата. Родителите пушејќи близу до децата или во затворени простории ги изложуваат на штетните ефекти од чадот. Ризикот од појава на пневмонија, бронхитис и астма кај овие деца е зголемен како резултат на вдишувањето на чадот од цигарите.

 

Никотинот ја создава зависноста, а чадот не’ убива 

 

Со пушењето на цигарата – никотинот директно и многу брзо стигнува до мозокот. Привремено ни дава чувство на зголемена енергија, но со ослабнување на тој ефект, се осеќаме уморно и имаме потреба од повеќе никотин. Тој екстремно лесно преминува во „навика“, односно прави зависност кај пушачот, па затоа на луѓето им е толку тешко со откажувањето. Според некои рангирања, никотинот е на третото место во светот како најзависна супстанца.

Кај нас, во Центарот за јавно здравје, постои одделение за помош при одвикнување од пушењето, но информираноста кај луѓето за ваквото одделение е нажалост мала. Но, зошто пушењето продолжува да е главниот здравствен проблем во државата? Тој е сериозен здравствен проблем бидејќи засега огромен број од популацијата, а неговите штетни последици по здравјето се докажано многубројни.

Иако никотинот е тој кој е одговорен за зависноста, вистинската штета по телото ја прават супстанциите кои се ослободуваат при процесот на согорување на тутунот.

Пушењето доведува до низа на сериозни здравствени проблеми. Во прилог ќе одвоиме само дел од нив.

 

Некои од ризиците за појава на заболувања како резултат на пушењето се:

 

  1. Малигни заболувања на белите дробови –  над 80% од дијагностицираните малигни заболувања на белите дробови кај луѓето се поврзани со пушењето. Чадот од цигарите содржи илјадници штетни соединенија кои завршуваат првенствено во белите дробови, но на крајот се распространети и во целото тело.
  2. Појава на малигни заболувања на: грло, мочен меур, бубрези, црева, желудник, панкреас, црн дроб
  3. Кардиоваскуларни заболувања – никотинот делува врз крвните садови, стеснувајќи ги пришто се намалува протокот на крв во телото. Пушењето исто така ги ослабнува ѕидовите на крвните садови, го зголемува крвниот притисок и го зголемува ризикот од појава на тромбови.
  4. Појава на инсулинска резистентност – кај пушачите било потврдено дека поради ова доаѓа до зголемен ризик за појава на тип 2 дијабет.

 

Откажувањето не е лесно, но за тоа никогаш не е доцна

 

За откажувањето мора да имаме желба и мотивација. Не треба да чекаме да е предоцна и да се јават здравствените проблеми, па тоа да не натера да ги откажеме цигарите. Откажувањето не е лесно, но за среќа постојат помошни средства и експерти кои можат да ви помогнат. Не мора да се случи одеднаш и не секогаш успева од првиот обид, но важното е да продолжиме да се обидуваме. Интересно е што нашето тело секогаш има механизми со кои ја санира штетата која е направена, па по одреден период по откажувањето, набројаните ризици за заболувања се намалуваат, а вие ќе се осеќате подобро и поздраво.

 

Почнуваме со континуирана кампања на порталот на Д-р Митов со цел постојана едукација и борба со пушењето. Во следниве месеци, ако треба и години, редовно ќе ве информираме за ризиците од пушењето и што може да се направи на патот кон откажување на цигарите.

 

 

X
Добијте бесплатен пристап до нашиот неделен информатор