fbpx

Како влијае ЧАДОТ од цигарите врз здравјето на нашиот респираторен систем?

tonus

 

Ризиците од пушењето на цигари по нашето здравје се многубројни, научно докажани и се сè повеќе зборувани. Но, и покрај тоа, статистиката вели дека над 1 милијарда луѓе ширум светот се пушачи.

Во нашата држава, дури 48,4% од луѓето посегнуваат по цигарите, а загрижувачки е и тоа што над 30% од младите се пушачи, вели истражување објавено во 2020 година. Ваквата статистика ја става нашата земја, како една од најлошо рангираните земји во Европа и регионот по бројот на пушачи. Просечно еден пушач во Македонија, пушел по 20 цигари дневно, стои во истражувањето. Глобално, а и во нашата држава, мажите се побројните пушачи во однос на жените. Во Македонија, 57,9% од пушачите се мажи, додека 39% се жени.

Пушењето го зголемува ризикот за појава на многубројни заболувања и состојби. Тоа делува штетно на речиси секој орган и ткиво во човековото тело. Можеби најштетно е секако за нашите бели дробови и дишни патишта, па токму ова ќе биде тема на нашата денешна статија.

"“Online”/

 

Пушењето и респираторниот систем

 

Секој орган во човековото тело си има сопствена клучна и незаменлива улога. Органите овозможуваат правилно и оптимално функционирање на организмот како целина. Повеќето здрави луѓе ги извршуваат дневните задачи и обврски без значајни потешкотии, бидејќи нивното тело функционира оптимално. Ова е особено видливо кога станува збор за белите дробови.

Белите дробови имаат задача да го обезбедат телото со кислород преку воздухот кој го вдишуваме и да го отсранат непотребниот и штетен јаглероден диоксид. Пушењето ја нарушува оваа функција на белите дробови. Тоа предизвикува штета врз ткивото на белите дробови како и на дишните патишта, па така многу лесно воочлива е способноста на пушачите и непушачите да извршуваат одредени активности. Пушачите лесно се задишуваат, побрзо се заморуваат и имаат потешкотии извршувајќи активности кои бараат одредена физичка ангажираност. Иако се смета дека ниеден производ од тутун не е безбеден, цигарите поради процесот на согорување, се особено штетни за белите дробови.

 

Кои се ризиците?

 

Пушењето може веднаш да предизвика штета врз вашето здравје. Секој здив со чад од цигари содржи над 7000 различни соединенија. Овој чад многу брзо пристигнува до белите дробови, а потоа крвта која зема кислород од белите дробови, ги распространува ваквите штетни соединенија низ целото тело. Чадот од цигари содржи јаглерод моноксид, штетен и смртоносен гас кој го истиснува кислород во крвта, па така доаѓа до намалено количество на кислород кое се доставува до органите во телото.

Меѓу останатите соединенија, чадот од цигари содржи и акролеин, соединение кое може да предизвика сериозно оштетување на белите дробови, а дури и во мали количини може да предизвика болки во грлото по само 10 минути.

Пушењето кај тинејџерите може да предизвика развиток на помали, послаби бели дробови. Пушењето исто така може да ги оштети и уништи цилиите – мали структури кои потсеќаат на влакненца кои се наоѓаат во дишните патишта. Тие имаат улога да ги отстрануваат и заробуваат нечистотиите кои инаку би пристигнале до белите дробови. Кога ваквите „влакненца“ се уништени, доаѓа до појава на зачестена, хронична кашлица која е типична за луѓето кои подолго време и секојдневно пушат.

Се смета дека 8/10 случаи на обструктивна хронична белодробна болест (ОХББ) се поради пушењето. Луѓето кои страдаат од ваквата состојба имаат потешкотии со дишењето, а понекогаш тоа резултира и со смрт. Не постои конкретен лек за третирање на ваквата состојба.

Дополнително, се проценува дека повеќето од случаи на рак на белите дробови се предизвикани од пушење. Ракот на белите дробови е главен причинител за смртни исходи од карцином. Пушачите се проценува дека имаат 20 пати повеќе шанси да имаат рак на белите дробови, наспроти непушачите. Покрај ракот на белите дробови, ризикот за појава на канцер се зголемува и за останатите делови од респираторниот систем.

 

Како да ги заштитиме нашите бели дробови?

 

Белите дробови претставуваат еден тип на филтрационен систем, земајќи го кислородот од воздухот од атмосферата и предавајќи го на крвта со цел негово искористување низ нашиот организам. Непотребниот јаглерод диоксид исто така се отстранува и издишува.

Кога се вдишува чадот од цигарите, присутните хемикалии  го нарушуваат овој деликатен и исклучително важен процес. Најдобриот начин за да се осигураме дека ќе го зачуваме здравјето на белите дробови е всушност никогаш да не започнеме со користење на цигарите. Но, доколку веќе е пројавена зависноста од цигари, ризикот од појава на заболувања се намалува исклучиво со целосно отжакување на цигарите. Таквиот процес секако дека не е лесен и бара голема желба, решителност и истрајност. Само на тој начин, можеме да му дадеме време на респираторниот систем да закрепне и да ја санира причинетата штета. За откажување од цигарите никогаш не е доцна. Секако, постојат повеќе алтернативни опции на пушењето за оние кои одбиваат целосно да се откажат од тутунот.

Откажувањето можеби е тешко, но придобивките од истото се многубројни:

– Нашето срце и бели дробови функционираат подобро и ризикот од појава на заболувања кај нив се намалува

–  Физичката подготвеност и кондицијата се подобруваат

– Ризикот од појава на бројни заболувања, меѓу кои е и ракот, се намалува значително

– Позитивните ефекти од откажувањето се кумулативни, односно колку подолго сме непушачи, толку нашето здравје се подобрува

Д-р Митов

Д-р Митов

Ние ви помагаме ВИШОКОТ КИЛОГРАМИ и поврзаните БОЛЕСТИ, на ПРИРОДЕН начин и трајно да ги отфрлите, за да бидете: ПОЗДРАВИ, ПОЛЕСНИ и ПОЛЕТНИ!

Leave a Replay

X
Добијте бесплатен пристап до нашиот неделен информатор