fbpx

Цигара за смирување – навидум смирувачки, а исклучително штетен ефект на цигарите

tonus

Пушењето во изминатите неколку децении има претрпено доста промени во поглед на популарноста. Во дваесеттиот век, често биле промовирани цигарите, а пушењето било нешто што е дел од секојдневието. Со текот на годините, истражувањта и огромниот број на студии покажале дека пушењето е исклучително штетна и опасна зависност.

Постепено, пушењето трпи пад во популарноста и во последните години, особено во развиените земји, тоа е застапено на прилично ниско ниво. Нажалост, во нашата земја пушењето продолжува да биде еден од најголемите проблеми и закани по јавното здравје. Статистиката е алармантна и загрижувачка и се проценува дека речиси половина од возрасната популација пуши.

Еден од главните фактори кои ги врзува пушачите е навидум смирувачкиот и релаксирачки ефект кој го имаат цигарите. Но, дали всушност има доза на вистинитост позади таквите тврдења и дали постојат подобри и поздрави начини за справување со стресот? Повеќе околу овие прашања во продолжение на денешната статија.

"“Online”/

 

Бројните штетни ефекти на пушењето врз човековото здравје

 

Цигарите при своето горење испуштаат над 7.000 различни соединенија, од кои речиси 70 се класифицирани како силно токсични. Речиси и да нема ткиво во организмот врз кое пушењето не пројавува некаков штетен ефект. Едни од главните здравствени проблеми кои се поврзуваат со пушењето се:

  1. Малигни заболувања на белите дробови –  над 80% од дијагностицираните малигни заболувања на белите дробови кај луѓето се поврзани со пушењето. Чадот од цигарите содржи илјадници штетни соединенија кои завршуваат првенствено во белите дробови, но на крајот се распространети и во целото тело.
  2. Појава на малигни заболувања во останатиот дел од организмот: грло, мочен меур, бубрези, црева, желудник, панкреас, црн дроб итн.
  3. Кардиоваскуларни заболувања – никотинот делува врз крвните садови и притоа доведува до нивно стеснување, со што се намалува протокот на крв низ телото. Пушењето исто така ги ослабнува ѕидовите на крвните садови, го зголемува крвниот притисок, а го зголемува и ризикот од појава на тромбови.
  4. Појава на инсулинска резистентност – кај пушачите било потврдено дека поради ова доаѓа до зголемен ризик за појава на тип 2 дијабет.

 

Пушењето и справувањето со стресот

 

Доколку прашате поголем број на пушачи каков ефект имаат цигарите врз нив, можеби меѓу првите набројани ефекти ќе биде релаксирачкиот, односно ефектот на смирување и опуштање. За пушачите цигарата значи еден вид на ритуал за смирување и справување со одредена стресна ситуација. Исто така, стресот е една од главните причини што ги принудува луѓето кои се откажуваат, повторно да запалат цигара. Но, што велат бројните истражувања на оваа тема?

 

Една од главните причини поради кои цигарите се врзуваат со справување со стресот е нивниот состав, односно присутниот никотин. Никотинот претставува психо-активно соединение кое може значително и сериозно да влијае врз мозокот, а со тоа и на расположението. По палењето на цигарата, никотинот пристигнува во мозокот за исклучително краток период и предизвикува лачење на хормонот допамин.

Ваквиот хормон се поврзува со чувства на задоволство, среќа и релаксација. Оваа поврзаност помеѓу никотинот и допаминот е и главниот механизам преку кои цигарите ја создаваат својата зависност. Но, ваквиот ефект на цигарите е привремен и краткотраен. По лачењето на допаминот, телото има потреба од внес на нови количества никотин и на тој начин се создава зависноста.

Иако лачењето на допаминот има навидум релаксирачко дејство, телото за време на пушењето проаѓа низ дополнителен стрес и шок.

Останатите состојки од чадот од цигарите предизвикуваат привремено покачување на крвниот притисок и пулсот, мускулите во телото се повеќе затегнати, а доаѓа и до намалено количество на кислород кое се транспортира до виталните органи во организмот. Ваквиот ефект на пушењето има всушност спротивен ефект и може да допринесе кон поголема анксиозност и напнатост. Паузата меѓу цигарите може да ја нагласи и дури влоши ваквата вознемиреност, па тогаш се јавува и потребата од нова цигара.

 

Како до здраво и успешно справување со стресот?

 

Истражувањата покажуваат дека откажување на цигарите всушност помага чувствата на напнатост, анксиозност и стрес да се намалат и полесно контролираат. Покрај тоа, целокупното здравје и квалитетот на живот се подобруваат значително. Наместо палење на цигара, обидете се со следните препораки за полесно справување со стресот:

  • Раздвижете и истегнете се
  • Опкружете се со луѓето кои ви значат и кои шират позитивна енергија
  • Правете паузи од работата и одвојте време за релаксирање
  • Дишете правилно и длабоко
  • Разговарајте со некој што ви е близок околу проблемот кој ве мачи
  • Практикувајте хоби или активност во која уживате и која ве опушта
  • Наспијте се и одморете се
  • Доколку не можете сами да се справите со стресот консултирајте се и побарајте помош од стручно лице

Д-р Митов

Д-р Митов

Ние ви помагаме ВИШОКОТ КИЛОГРАМИ и поврзаните БОЛЕСТИ, на ПРИРОДЕН начин и трајно да ги отфрлите, за да бидете: ПОЗДРАВИ, ПОЛЕСНИ и ПОЛЕТНИ!

Leave a Replay

X
Добијте бесплатен пристап до нашиот неделен информатор