Речиси и да не постои кампања против пушењето, односно било каква мерка која би го зголемила нивото на свест за штетноста и опасноста која ја носат цигарите, особено за најмладите. Цигарите продолжуваат да бидат еден од најсериозните и најголеми предизвици по јавното здравје со загрижувачка стапка од околу 50% на пушачи од возрасната популација. Кога би прашале неколку пушачи како им влијаат цигарите или во кои ситуации најмногу им е потребна цигара, најчесто би слушнале дека тие ги користат во стресни ситуации, односно дека цигарите ги „смируваат“. Но, дали има некаква вистина позади овие тврдења и како впрочем влијаат цигарите на нивото на стрес, е нешто за што ќе зборуваме во продолжение.
Загрижувачката статистика на употребата на цигари во нашата држава
Дури 48,4% од населението во нашата држава посегнува по цигарите и ваквата бројка нè прави лидери во регионот, но и во Европа. Покрај тоа, истражувањето покажало дека и над 30% од младите се пушачи. Ние се наоѓаме и високо на светската топ 10 листа на држави кои имаат највисок процент на население – пушачи.
Ваквите информации, особено кога ќе ги поврземе со фактот дека и како држава високо сме рангирани и по бројот на денови со екстремно загаден воздух, треба да го вклучи алармот и да биде поттик за промена.
Дополнително, штетноста од чадот од цигарите не ги засега само пушачите, туку и луѓето околу нив кои го вдишуваат чадот, наречени „пасивни пушачи“. Особено загрижувачки е ваквото „пасивно пушење“ кое се јавува кај децата. Родителите пушејќи близу до децата или во затворени простории ги изложуваат на штетните ефекти од чадот. Ризикот од појава на пневмонија, бронхитис и астма кај овие деца е зголемен како резултат на вдишувањето на чадот од цигарите.
Како и дали цигарите влијаат на нивото на стрес?
Една од главните причини поради кои цигарите се врзуваат со справување со стресот е нивниот состав, односно присутниот никотин. Никотинот претставува психо-активно соединение кое може значително и сериозно да влијае врз мозокот, а со тоа и на расположението. По палењето на цигарата, никотинот пристигнува во мозокот за исклучително краток период и предизвикува лачење на хормонот допамин. Ваквиот хормон се поврзува со чувства на задоволство, среќа и релаксација. Оваа поврзаност помеѓу никотинот и допаминот е и главниот механизам преку кои цигарите ја создаваат својата зависност. Но, ваквиот ефект на цигарите е привремен и краткотраен. По лачењето на допаминот, телото има потреба од внес на нови количества никотин и на тој начин се создава зависноста.
Иако лачењето на допаминот има навидум релаксирачко дејство, телото за време на пушењето всушност проаѓа низ дополнителен стрес и шок. Цигарите предизвикуваат привремено покачување на крвниот притисок и пулсот, мускулите во телото се повеќе затегнати, а доаѓа и до намалено количество на кислород кое се транспортира до виталните органи во организмот. Ова може да го сметаме и за апсолутно спротивен ефект на цигарите и може да допринесе кон уште поголема вознемиреност, анксиозност и напнатост. Паузата меѓу цигарите може да ја нагласи и дури влоши ваквата вознемиреност, па тогаш се јавува и потребата од нова цигара.