Во оваа денешна статија ќе зборуваме за еден од главните предизвици и закани по јавното здравје – пушењето. Поконкретно, ќе погледнеме како пушењето влијае врз густината на коските, односно на ризикот од појава на остеопороза.
Бројните штетни ефекти на пушењето врз човековото здравје
Цигарите при своето горење испуштаат над 7.000 различни соединенија, од кои речиси 70 се класифицирани како силно токсични. Речиси и да нема ткиво во организмот врз кое пушењето не пројавува некаков штетен ефект. Едни од главните здравствени проблеми кои се поврзуваат со пушењето се:
- Малигни заболувања на белите дробови – над 80% од дијагностицираните малигни заболувања на белите дробови кај луѓето се поврзани со пушењето. Чадот од цигарите содржи илјадници штетни соединенија кои завршуваат првенствено во белите дробови, но на крајот се распространети и во целото тело.
- Појава на малигни заболувања во останатиот дел од организмот: грло, мочен меур, бубрези, црева, желудник, панкреас, црн дроб итн.
- Кардиоваскуларни заболувања – никотинот делува врз крвните садови и притоа доведува до нивно стеснување, со што се намалува протокот на крв низ телото. Пушењето исто така ги ослабнува ѕидовите на крвните садови, го зголемува крвниот притисок, а го зголемува и ризикот од појава на тромбови.
- Појава на инсулинска резистентност – кај пушачите било потврдено дека поради ова доаѓа до зголемен ризик за појава на тип 2 дијабет.
Како влијаат цигарите на здравјето на коските и дали го зголемуваат ризикот од остеопороза?
Пушењето има штетно влијание врз густината на коските и значително го зголемува ризикот од остеопороза преку повеќе физиолошки механизми. Никотинот и другите токсични материи во чадот од цигарите го нарушуваат природниот процес на регенерирање и репарација, односно замена на старото коскено ткиво со ново. Поконкретно, пушењето ја намалува активноста на остеобластите, клетките одговорни за формирање на коските, додека истовремено ја зголемува активноста на остеокластите, клетките вклучени во коскената ресорпција. Оваа нерамнотежа доведува до губење на густината на коските. Дополнително, пушењето се смета дека ја попречува и апсорпцијата на калциум и витамин Д, есенцијални нутриенти за здравјето на коските. Механизмот се смета дека е преку влијание на никотинот и другите токсини од цигарите врз функцијата на гастроинтестиналниот тракт, намалувајќи ја ефикасноста на апсорпција на нутриентите од храната.
Исто така, докажано е дека цигарите го намалуваат и протокот на крв, со што сите ткива, вклучително и коските, имаат делумно несоодветен доток на нутриенти и кислород. Ова го нарушува функционирањето и здравјето на ткивата, а секако тука ги вбројуваме и коските. Пушењето, исто така, влијае и ги намалува и нивоата на одредени хормони, како што е естрогенот. Ова се случува и кај мажите и кај жените, а естрогенот е директно влучен во одржувањето на здравјето и густината на коските.
Поради сите набројани ефекти, цигарите се сметаат за исклучително штетна навика, која нажалсот влијае на целокупното здравје, а здравјето на коските и ризикот за појава на остеопороза не се исклучоци.
Поврзано: Потешкотии со откажување на ЦИГАРИТЕ? – Физичката активност може особено да помогне!