fbpx

Како влијаат цигарите врз здравјето и изгледот на нашата кожа?

tonus

Новата работна недела значи и нов текст на нашиот блог, дел од кампањата против пушењето. Веќе подолго време објавуваме текстови кои ја опишуваат и нагласуваат штетноста на цигарите, а со тоа се обидуваме да ја подигнеме свеста и да поттикнеме започнување на едно ново поглавје, со подобро здравје и поздрави секојдневни навики.

Денес ќе зборуваме за малку поинаков ефект на цигарите, можеби еден од помалку сериозните, но сепак непосакуван – стареењето на кожата. Во продолжение ќе погледнеме и дискутираме за тоа како всушност чадот и хемикалиите кои се присутни во цигарите влијаат негативно врз здравјето и изгледот на нашата кожа.

Што содржи чадот од цигари?

Главниот механизам односно причина поради кои доаѓа до формирање на бројни штетни соединенија од цигарата е всушност палењето, односно процесот на согорување. Чадот од цигарите кој се добива преку палење на самата цигара и тутун, е сложен систем од хемиски соединенија. Овие соединенија се прикачени на т.н аеросоли, односно многу ситни честички, а постојат и како слободни – како гас. Проценките на научниците се дека во чадот од цигарите има над 7000 различни хемиски соединенија.

"“Online”/

Ваквиот процес на согорување е само-одржувачки и ќе трае се додека ги има потребните состојки да гори, а тоа се тутун и кислород. Високите температури при ова согорување, кои можат да достигнат и до над 800℃, се причина за промените кои настануваат кај тутунот, пришто тој согорува и се испуштаат многубројни штетни соединенија.

Процесот всушност е доста сложен и протекува низ повеќе фази и повеќе региони, но во суштина комбинацијата од висока температура, кислород и тутунот како гориво, доведува до ваква сложена реакција.

Се смета дека од присутните 7000 различни соединенија, околу 69 се канцерогени, а голем број од нив се и токсични. Присуството на ваквите соединенија во различни продукти е секогаш нагласено и потрошувачот е предупреден и информиран за можните последици. За цигарите вакво предупредување не постои.

Дел од многубројните штетни соединенија кои настануваат како последица од согорување на цигарите се:

  • Ацетон – често користен како отстранувач на лак за нокти
  • Никотин – се користи и како инсектицид
  • Амонијак
  • Арсен– користен како отров за глувци
  • Бензен
  • Кадмиум
  • Јаглероден моноксид – токсичен гас
  • Нафтален
  • Метанол
  • Толуен и др.

Ваквите многубројни соединенија најдени во чадот од цигарите се штетни и се предизвикувачи на потенцијално голем број на заболувања. Чадот од цигарите не е само штетен по здравјето на нашите бели дробови, тој има штетно влијание врз речиси секое ткиво – бубрези, срце, усна празнина, крвни садови, бели дробови и др.

Влијанието на цигарите врз кожата

Меѓу долгата листа на штетни ефекти, цигарите се асоцираат и со предвремено стареење на кожата, зголемен ризик за појава на инфекции и забавено заздравување на раните и повредите. Дополнително, поголемиот дел на инфламаторни кожни заболувања често се позастапени кај пушачите, отколку кај непушачите. Акутните или краткорочните ефекти од цигарите може да доведат до пожолтување на прстите и ноктите, пожолтување на забите, како и промена на бојата на јазикот. Дел од подолгорочните ефекти на цигарите, особено во поглед на кожата се – сува, испукана и кожа која излгеда остарено; нееднаква и лоша пигментација на кожата; делови каде кожата „виси“ односно каде е нагласено остарена; понагласени бори и сл.

Точните причини за ваквиот ефект на цигарите врз стареењето на кожата не се целосно познати, но се смета дека се комбинација од: разградувањето и уништувањето на еластичните компоненти во кожата, стеснувањето на крвните садови, создавањето и дејствувањето на слободните радикали, како и намалените нивоа на витамин А. Пушењето го намалува и дотокот на крв и нутриенти, делува воспалително и ја намалува способноста на ткивата, особено на кожата, да се регенерира и обнови. Пушењето се поврзува и со зголемен ризик за голем број кожни заболувања, како и заболувања на усната празнина.

Цигарите и штетните соединенија кои ги содржат, исто така го зголемуваат ризикот за појава на рак на кожата, па се смета дека поголемиот дел од случаите на канцер во усната празнина или на усните, се јавуваат кај пушачите. Дел од ваквите штетни ефекти се препишуваат и на никотинот – соединението кое ја гради зависноста од цигарите.

Откажувањето е тешко, но е изводливо

Откажувањето претставува предизвик за многумина, но истото е навистина неопходно. Колку порано се откажеме од цигарите, толку подобар и поквалитетен живот ни претстои. Ефектот кој го има пушењето врз кожата е можеби помалку сериозен, особено кога ќе се спореди со ризиците кои се јавуваат кај белите дробови, здравјето на срцето и сл. Но, зошто предвремено да ја уништуваме нашата кожа и изглед? Зачувајте го вашето здравје и навремено откажете ги цигарите.

 

Д-р Митов

Д-р Митов

Ние ви помагаме ВИШОКОТ КИЛОГРАМИ и поврзаните БОЛЕСТИ, на ПРИРОДЕН начин и трајно да ги отфрлите, за да бидете: ПОЗДРАВИ, ПОЛЕСНИ и ПОЛЕТНИ!

Leave a Replay

X
Добијте бесплатен пристап до нашиот неделен информатор