fbpx

Јадење чоколадо за слабеење? Можно ли е?

tonus

Кога ќе го чуете зборот „чоколадо“, сигурно не помислувате на малку калории, регулирање на телесната тежина и одржување на стабилно ниво на шеќер во крвта. Но, едно интересно ново истражување, објавено од експертите на Харвард, го покажува токму тоа.

 

Влијанието од тајмингот на нашите оброци

 

Не е важно само што јадеме, туку и кога јадеме. Тајмингот на нашите оброци и ужини има огромно влијание врз телесната тежина. Исто така, јадењето може да влијае и врз циркадијалниот ритам, а со тоа и на нашиот метаболизам и повторно, на телесната тежина.

"“Online”/

Млечното чоколадо можеби и не е идеалниот избор во овој поглед. Тоа има висок процент на масти, шеќери, а тоа всушност го прави извор на голем број калории. Јадењето чоколадо во поголеми количини е често поврзано со долгорочно покачување на телесната тежина и правење еден вид на зависност, особено кај жените во периодот по менопаузата.

Но, едно клиничко тестирање покажало дека внесот на чоколадо (во период од 2-24 недели) не влијаело врз телесната тежина и дистрибуцијата на масно (адипозно) ткиво. Покрај ова клиничко тестирање, во продолжение ќе го погледнеме и истражувањето кое го најавивме на почетокот.

 

Истражување – консумирање на чоколадо во зададен период може да влијае на гладта, метаболизмот и човечкиот микробиом

 

Како што кажува и насловот на ова истражување, биле проучувани ефектите што ги има млечното чоколадо кај жените во нивниот постменопаузен период, кога истото се консумира наутро или навечер.

Било утврдено дека истото може да влијае врз потребите и балансот на енергијата (калориите), телесната тежина (поради промените во потреба од калории), искористеноста на внесената храна, микробиомот и промени во поглед на циркадниот ритам.

 

Метод на истражувањето

 

Во ова истражување биле вклучени 19 жени, во нивниот постменопаузен период, на возраст од околу 50 години. Нивната почетна тежина била во распонот од 55-75 килограми. Испитаничките ги следеле своите вообичаени навики на исхрана.

Експериментот се базирал на консумирање на млечно чоколадо во точно зададен период и количина. Жените консумирале 100g млечно чоколадо (приближно 33% од нивните дневни потреби за калории), во период од 2 недели, во првиот час од будењето наутро. Тие го јаделе чоколадото заедно со нивниот појадок. Во остатокот од денот, ја практикувале својата вообичаена исхрана.

По тој период, истите жени повторно 2 недели консумирале 100g млечно чоколадо, но навечер, еден час пред заспивање.

 

И крајно, истите 19 жени, две недели воопшто не консумирале чоколадо и си ја следеле својата вообичаена исхрана. Помеѓу секое тестирање, имало период од една недела. Во тој период жените ја следеле својата вообичаена исхрана, но не консумирале чоколадо.

Чоколадото користено во експериментот содржело 18,1g какао, 31g масти, 58,4g јаглехидрати (57,5g шеќери и 1,8g влакна) и 6,3g протеини.

 

Резултати од истражувањето

 

И покрај дополнителните 542 kcal од чоколадото, жените не ја покачиле својата телесна тежина! Тие всушност своеволно и несвесно го намалиле внесот на калории од другите оброци и ужинки во текот на денот.

Кога јаделе чоколадо наутро, го намалиле внесот на калории за 16%, додека кога јаделе чоколадо навечер – за 10%.

Исто така, жените што консумирале чоколадо наутро, имале намалени нивоа на кортизол (стрес хормон), наспроти оние што јаделе чоколадо навечер. Тие исто така го намалиле целокупниот внес на масти и јаглехидрати преку исхраната, додека во поглед на протеините немало значајни разлики.

Испитаничките се чувствувале помалку гладни кога јаделе чоколадо навечер, а и двете групи (навечер и наутро) пријавиле помала потреба и желба за јадење на други слатки јадења или ужинки.

Тие исто така пријавиле зголемување од 7% во поглед на физичката активност, без разлика од времето на консумирање на чоколадо.

 

Краток заклучок

 

Консумирањето на чоколадо не довело до зголемување во телесната тежина. Различни истражувања, покажуваат спротивставени тврдења  во однос на ефектот што го има чоколадото врз телесната тежина.

 

,,Суплементирањето” на дел од калориите со чоколадо, сепак се покажало дека не доведува до зголемена тежина. Се смета дека внесот на чоколадо ја намалува потребата од храна во остатокот од денот.

Во овој експеримент било користено млечното чоколадо, а некои истражувања покажуваат дека темното чоколадо има уште поизразен и силен ефект врз намалување на апетитот.

 

Сепак, ова не значи дека кај сите од нас ваквиот ефект ќе биде идентичен. Оваа студија е конкретно насочена кон жените по периодот од нивната менопауза.

Исто така, не сите чоколади на пазарот се исти. Чоколадото се смета за здрава намирница доколку содржи повеќе какао (какао маса и какао путер) и секако доколку се консумира во ограничени, разумни количини.

 

 

Извори:

 

https://faseb.onlinelibrary.wiley.com/doi/10.1096/fj.202002770RR#fsb221649-bib-0015

 

https://pubmed.ncbi.nlm.nih.gov/28572069/

Д-р Митов

Д-р Митов

Ние ви помагаме ВИШОКОТ КИЛОГРАМИ и поврзаните БОЛЕСТИ, на ПРИРОДЕН начин и трајно да ги отфрлите, за да бидете: ПОЗДРАВИ, ПОЛЕСНИ и ПОЛЕТНИ!

Leave a Replay

Може ќе ве интересира

Програми

X
Добијте бесплатен пристап до нашиот неделен информатор