fbpx

ЦВЕКЛО – богат извор на молекулата која го регулира протокот низ артериите

tonus

Цвеклото е двегодишно растениe со темноцрвен вретенест корен и темнозелени листови, спаѓа во најкорисни и најлековити градинарски култури. Се користи целото растение и може да се употребува во текот на целата година. Многу често се ферментира заради повеќе причини. Ова растение изобилува со есенцијални хранливи материи како витамини, минерали, но и некои фитохемикалии кои можат да имаат дури и лековити својства.

Импресивен нутритивен состав

Цвеклото има малку калории, а од друга страна висок процент на значајни витамини и минерали. Практично, ги содржи речиси сите потребни витамини и минерали за човекот, секако во различни количества.

100g приготвено цвекло има само 44kcal, а ни обезбедува:

"“Online”/

• 10g jaглехидрати
• 1,7g протеини
• 0,2g маснотии
• 2g растителни влакна
• 6% од Дневниот Препорачан Внес за витамин Ц
• 20% од ДПВ за витамин Б9
• 3% од ДПВ за витамин Б6
• 6% од ДПВ за магнезиум
• 9% од ДПВ за калиум
• 4% од ДПВ за фосфор
• 16% од ДПВ за манган
• 4% од ДПВ за железо

Застапени се и други елементи во помали колични, но и неоргански нитрати и пигменти, кои имаат низа на корисни дејства по здравјето на човекот.

Зошто ферментираното цвекло можеме да го сметаме за поздраво?

Свежото цвекло и сокот од свежо цвекло се препорачуваат во ограничени количини, поради малку повисокиот процент на шеќери. Сепак, кога свежото цвекло ќе подлежи на процес на ферментација, тоа може да биде едно од најздравите зеленчуци, воопшто. Ова е случај бидејќи поголемиот дел од шеќерите е разграден од корисните бактерии, додека другите хранливи елементи, кои се особена важност, остануваат присутни.

Ферментираната храна е исто така богата со пробиотици, односно ,,добри” бактерии. Голем број на научни студии дека идеалниот баланс и разновидноста на бактериите во дигестивниот тракт, многу значајно влијаат на целокупното здравје, на физичкото, но и менталното здравје.

Дополнително, ферментираното цвекло има поконцентрирана количина на нитрати. Ова понатаму води кон поголемо количество и на азотен оксид во телото, кој ќе видиме во продолжение зошто е толку значаен.

Цвеклото помага за поздраво срце и за подобар спортски перформанс

Цвеклото може да помогне во намалување на високиот крвен притисок за неколку единици, за многу кратко време. Знаеме дека хипертензијата е еден од најголемите ризик фактори за повеќето кардиоваскуларни заболувања.

Корисното својство на цвеклото во однос на кардиоваскуларното здравје, главно се должи на неговиот состав, односно содржината на нитрати, кои се ,,претвораат” во азотен оксид во телото. Овој оксид делува на релаксација на крвните садови, на тој начин подобрувајќи го протокот на крвта низ нив, што пак води кон намалување на крвниот притисок.

Некои професионални спортисти го користат сокот од цвекло заради бенефитите од азотниот оксид. Имено, истражувањата покажуваат дека цвеклото може да ја зголеми издржливоста при вежбање за 16%, токму заради поттикунувањето на создавањето азотен оксид. Пикот на овој оксид во крвта се случува 2-3 часа по пиењето на сокот од цвекло, па затоа за најдобар перформанс, оптимално е сокот да се испие неколку часа пред тренингот или натпреварот.

Повеќе студии, исто така покажуваат други корисни дејства многу важни за спортистите, но и за сите останати. На пример, докажано е дека цвеклото ја зголемува употребата на
кислород и до 20%.

Цвеклото може да помогне во борбата со хроничното воспаление

Телото природно продуцира слободни радикали како метаболитички ,,отпад” . Ваквиот отпад е силно реактивен, па може да предизвика оксидативен стрес, односно да ги оштети различните клетки на организмот. Во спречувањето на овие процеси клучна улога играат антиоксидантите.

Спречувањето на оксидативниот стрес, понатаму го спречува развојот на хроничните воспалителни процеси во организмот, кои се еден од главните ризик фактори за повеќето хронични заболувања, како: рак, кардиоваскуларни заболувања, Алцхајмер итн.

Цвеклото содржи компоненти наречени беталаини, кои имаат моќно антиоксидативно дејство. Во неколку студии, сокот и екстрактот од цвекло ја намалиле инфламацијата на бубрезите кај лабораториските глувци, кои претходно биле инјектирани со токсични хемикалии.

Една пак студија, која за испитаници имала луѓе со остеоартритис, покажува дека баталаин капсулите добиени од цвекло, можат да ја намалат болката предизвикана од ова заболување.

Сепак, потребни се повеќе студии, за антивоспалителното дејство на цвеклото да биде целосно потврдено.

Може да ја подобри дигестијата и да помогне при слабеење

Само едно просечно сервирање на оваа храна, содржи околу 4g растителни влакна, правејќи го цвеклото одличен извор на растителни влакна.

Значењето на растителните влакна за здравјето на цревната микрофлора, а со тоа и на целокупно здравје на човекот е големо. Помеѓу најбитните позитивни влијанија на растителните влакна се: одржувањето на здравјето и перлистатиката на тенкото црево, како и дебелото црево, хранењето на корисната микрофлора, обезбедувањето на постепено испуштање на глукозата во крвта и намалувањето на ,,лошиот” холестерол во крвта.

Дополнително, се повеќе студии даваат податоци за улогата на растителните влакна врз оптимизирањето на цревната микрофлора, а преку неа и на целокупното здравје на организмот. На тој начин влијаат на намалувањето на ризикот од развивање на кардиоваскуларни, малигни заболувања(особено цревни), дебелина и дијабет тип 2.

Истражувањата покажуваат дека оние кои имаат исхрана богата со растителни влакна имаат значително, во просек, помала телесна тежина, отколку оние кои се на исхрана со слаб внес на растителни влакна.

Според наведеното, растителните влакна можат да помогнат и при слабеењето. Дополнително, тоа го прават и преку промовирањето на чувството на ситост, бидејќи во желудникот често се врзуваат со водата и даваат чувство на полност.
Исто така, цвеклото е нутритивно-густа храна. Значи храна богата со хранливи материи, а со ниска калориска вредност.

Цвеклото ја поддржува функцијата на мозокот

Когнитивната функција природно слабее со процесот на стареење. Кај многу поединци овие процеси можат да водат кон заболувања, како деменција, Алцхајмерово заболување итн.

Константната ослабена циркулација на крвта, а со тоа и ослабеното хранење на клетките(особено мозочните) со кислород, може да води кон слабеење на целокупното здравје на мозокот.

Интересно, нитратите од цвеклото тука можат да помогнат индиректно. Имено, азотниот оксид чие присуство во организмот може да биде поттикнато и од консумирањето цвекло, влијае на релаксирање на крвните садови и подобар проток на крвта, па така и на крвта која оди до мозокот. Голем број на студии ја поврзуваат консумацијата на цвекло со подобрените когнитивни способности.

Сепак, за употребување на екстракти од цвеклото во лекувањето на ментални заболувања се потребни многу повеќе клинички студии.

Антиканцерогено и имуностимулирачко дејство

Фитонутриентите кои му го даваат специфичното обојување на цвеклото, може да имаат антиканцерогено дејство. Повеќето студии, правени на лабораториски животни, даваат податоци дека овие фитонутриенти или пигменти, можат да делуваат на намалување на ширењето на туморните клетки.

Содржината на витамин Ц, растителни влакна, манган, калиум му дава на цвеклото одредено имуностимулирачко дејство, додека пигментите беталаини и сулфурните аминокиселини ги поддржуваат детоксификационите процеси во организмот.

Високата содржина пак, на витаминот Б9, го прави цвеклото особено погодно за трудниците, но го намалува и ризикот од срцев и мозочен удар. Недостатокот од овој витамин, може да биде доста проблематичен кај трудниците.

Д-р Митов

Д-р Митов

Ние ви помагаме ВИШОКОТ КИЛОГРАМИ и поврзаните БОЛЕСТИ, на ПРИРОДЕН начин и трајно да ги отфрлите, за да бидете: ПОЗДРАВИ, ПОЛЕСНИ и ПОЛЕТНИ!

Leave a Replay

X
Добијте бесплатен пристап до нашиот неделен информатор