fbpx

Како ЦВЕКЛОТО и ЛУКОТ го НАМАЛУВААТ крвниот ПРИТИСОК?

tonus

Причините за смртност во светски рамки, вклучително и во нашата земја, главно се должат на неколку заболувања – малигни, инфективни, хронични респираторни заболувања, а како причинител кој особено се издвојува се кардиоваскуларните заболувања.

Еден од главните ризик фактори за нарушено срцево здравје е ХИПЕРТЕНЗИЈАТА или покачениот крвен притисок.

Досега, Ковид 19 однесе 3 милиони животи. СЕКОЈА ГОДИНА, пак, покачениот крвен притисок е главен фактор за изгубени 7.6 милиони животи.

"“Online”/

7.6 милиони животи ГОДИШНО се губат од покачен крвен притисок.

Месец МАЈ во многу земји е месец за борба со покачениот крвен притисок. Затоа, овој месец ќе посветиме повеќе статии за подигнување на свесноста за потценетата опасност наречена покачен притисок.

За да бидеме #ЗдраваНација, мора сериозно да се зафатиме во борбата со покачениот крвен притисок!

[Поврзано: Програма за хипертензија на Д-р Митов]

Состојба која нужно треба да се сфати сериозно

Постојат повеќе митови поврзани со овој проблем. Тие сугерираат дека не станува збор за толку сериозна состојба. Сепак, од особена важност е да се нагласи дека долготрајно нарушениот крвен притисок има потенцијал да убие.

Истражувањата велат дека покачениот крвен притисок е главен виновник за повеќе од половина од случаите на срцев и мозочен удар, потоа за низа бубрежни заболувања, васкуларна деменција итн. Во голем дел од земјите покачениот крвен притисок е трет ризичен фактор за сите болести, веднаш по пушењето и лошата исхрана.

Всушност, доволно е да се напомене дека за докторите во Европа и Америка и покачувањата на притисокот од ,,само” 10 единици, прави значителна разлика и може да менува дефиниции за тип на хипертензија, па и терапевтски модалитети за нејзин третман!

Начинот на живеење има клучно влијание врз крвниот притисок

Иако фармаколошката терапија си има свое значајно место во третманот на проблемите со покачениот притисок, сепак главниот фокус во третманот, но и превенцијата на овој проблем треба да биде здравиот животен стил, сфатен во неговата целина.

Впрочем, решавањето на проблемот со хипертензијата е најдобриот пример дека т.н. медицина на животен стил ,,функционира”.

[Поврзано: Основни, но пресудни информации за крвниот притисок]

Во продолжение, ќе се задржиме на исхраната, поконкретно на две групи намирници кои научно потврдено можат да имаат навистина извонреден ефект при нарушен крвен притисок.

Станува збор за цвеклото и лукот, односно нивните блиски растителни ,,роднини”. Многу повеќе конкретно за нив и нивните бројни здравствени бенефити, можете да прочитате во претходните статии, кликнувајќи на поставените линкови.

[Поврзано: Рецепт за ферментирано цвекло]

Што велат научните истражувања за врската помеѓу лукот, цвеклото и крвниот притисок?

Постојат навистина бројни студии кои укажуваат на силен позитивен ефект на споменатите зеленчуци во однос на намалувањето на крвниот притисок. Во продолжение ќе наведеме само 3, а потоа ќе ги објасниме и механизмите според кои овие зеленчуци можат да ни помогнат при проблеми со притисокот.

  1. Студија објавена во 2015 година, во списанието Hypertension, вели дека сокот од цвекло може значително да го намали крвниот притисок. Истражувањето ги поделило учесниците во две групи. Во првата испитаниците пиеле една чаша обичен сок од цвекло, секој ден, во период од 4 недели или 1 месец. Втората група била контролна. Крвниот притисок кај лицата од првата група бил намален во просек за 7,7/2,5 единици.
  2. Според едно истражување/експеримент на познатиот доктор Енди Веб од Кралскиот Колеџ во Лондон, лукот и цвеклото можат значително да го намалат крвниот притисок, а истото е заклучено и за лубеницата, но во нешто помала мера. Во текот на експериментот, учесниците во текот на три недели консумирале: во првата недела 2 чешниња свеж лук, втората недела 2 големи парчиња лубеница и третата недела 2 парчиња свежо/приготвено цвекло.Волонтерите го мереле притисокот секојдневно, двапати во денот. Наутро и навечер, по трипати, по што ,,ваделе” просечна вредност. На тој начин било можно да се заклучи која храна ќе направи најголема разлика во однос на притисокот. Резултатите биле следни: цвеклото ,,го спуштило” притисокот за 5 единици, лукот за 4,5, додека лубеницата за 4.

    Овие податоци можат грубо да се ,,преведат” во намалување на ризикот од мозочен и срцев удар за дури 10%!

  3. Студија од 2016 година, објавена во Journal of Human Hypertension, вели дека цвеклото во било која своја форма (дали сок или пак сварено), ефективно може да го намали крвниот притисок, но и да ја намали инфламацијата (хроничното воспаление). Сепак, сокот од цвекло покажал најпотентен ефект.

Како овие зеленчуци можат да делуваат за намалување на притисокот?


Телото поседува повеќе сопствени механизми за контролирање на крвниот притисок, а како главен се јавува т.н. кардиоваскуларен центар во мозокот (medulla oblongata), кој прима стимулации од различни рецептори низ крвните садови.

Помеѓу механизмите за контрола на притисокот влегуваат и хормонските механизми на бубрезите, како и азотниот оксид кој го создаваат т.н. ендотелијални клетки на нашиот циркулаторен систем (крвните садови).

Една од главните активни компоненти на цвеклото во однос на крвниот притисок се токму нитратите – присутни компоненти во листовите и коренот на билката. Кога јадеме цвекло, нашата корисна цревна флора (бактериите) во дигестивниот систем, го ,,претвора” споменатитот нитрат во азотен оксид – компонента што допринесува за дилатација, односно проширување на крвните садови, по што доаѓа до намалување на крвниот притисок. Всушност повеќето познати лекови за проширување на крвните садови и подобрување на протокот на крвта функционираат на овој принцип, како нитроглицерин и вијагра на пример.

[Поврзано: Еректилна дисфункција – потенцијално предупредување за нарушено срцево здравје!]

Познато е дека нитратите можат да бидат и опасни по здравјето на човекот, но само во присуство на аминокиселини и високи температури, пришто се формираат опасни хемикалии наречени нитрозамини – пример кај месните производи. Растенијата богати со нитрати немаат силна концентрација на аминокиселини, ниту пак подлежат на толку термички третмани. Дополнително, тие содржат високи концентрации од витаминот Ц, што го отежнува формирањето на споменатите нитрозамини.

[Поврзано: Вечно актуелниот витамин – Витаминот Ц]

Активната компонента пак, на лукот е алицинот – моќно антиоксидативно и антимикробно средство. Тој се ослободува при сечкањето и дробењето на чешнињата лук. Се смета дека влијае на бубрезите, променувајќи ги нивоата на хормоните поврзани со регулацијата на притисокот – доаѓа до ширење на крвните садови.
Треба да се напомене дека оваа фитохемикалија се појавува и низ други зеленчуци, како млад кромид, кромид, праз, власец итн.

На крајот, за активна компонента кај лубеницата се смета L-цитрулинот. Станува збор за аминокиселина која дејствува на зголемување на нивото на азотниот оксид. Претходно видовме зошто е тоа толку значајно во однос на притисокот.

Како максимално да ги задржиме споменатите компоненти во зеленчуците што ги јадеме?

Далеку од тоа дека цвеклото е единствениот зеленчук богат со нитрати. Всушност, руколата се смета за 4 пати побогата. Тука влегуваат и:

Претходно наведновме и други извори за моќниот алицин.

Мешавината од овие свежи зеленчуци прави особено вкусна антихипертензивна салата. Секако, внимавајте на содржината на сол. Повеќе на тема сол во исхраната, прочитајте во една од нашите претходни статии: Наједноставната промена во исхраната која има потенцијал да спасува животи!

За максимално да ја искористите нитратната/антиоксидативната содржина на зеленчукот:

  • Јадете го зеленчукот свеж или динстуван. Нитратите се чувствителни на топлина и растворливи во вода, па самото варење ја намалува нивната концентрација во оброците. Конзервирањето на цвеклото со оцет, исто така делува негативно на нитратните концентрации.
  • Ако го варите цвеклото, немојте потоа да го лупите.
  • Ако споменатите зеленчуци не ви се ,,баш омилени”, подготвувајте смути напитоци од нив, или во кои ќе ги додавате.
  • Направете супи или чорба од зеленчуците
  • Користете ја водата во која се вареле споменатите зеленчуци.
  • Јадете го лукот веднаш непосредно по сечкањето
  • Секогаш сечкајте/дробете го лукчето

[Поврзано: Крем чорби од цвекло и грашок]

Како краток заклучок

Секако, нитратната храна, лукот и лубеницата се само еден важен аспект од исхраната за лицата што се соочуваат со хипертензијата. Дополнително, значајно е да се спомене и дека комплетната здрава исхрана е исто така само дел од животните промени кои ги изискува проблемот со притисокот.

[Поврзано: Полнозрнестата храна може да има ТЕРАПЕВТСКО дејство при хипертензија!]

Многу повеќе на тема исхрана и животен стил за висок притисок, прочитајте во претходните статии на нашиот веб сајт. Повеќе за програмата на Д-р Митов за висок притисок и закажување консултации на следниот линк: ПРОГРАМА ХИПЕРТЕНЗИЈА.

[Поврзано: Утринските прошетки го намалуваат притисокот слично како и некои лекови!]

Д-р Митов

Д-р Митов

Ние ви помагаме ВИШОКОТ КИЛОГРАМИ и поврзаните БОЛЕСТИ, на ПРИРОДЕН начин и трајно да ги отфрлите, за да бидете: ПОЗДРАВИ, ПОЛЕСНИ и ПОЛЕТНИ!

Leave a Replay

Може ќе ве интересира

Програми

X
Добијте бесплатен пристап до нашиот неделен информатор