Редовно ја истакнуваме важноста на физичката активност за одржување и контролирање на телесната тежина. Но, нажалост, кога телесната тежина е прекумерна се јавува проблем и потешкотија со редовното движење или вежбање. Тука доаѓа до една непожелна поврзаност, односно „круг“ каде тежината ја онеспособува физичката активност, а самата неактивност дополнително допринесува за полесно покачување на тежината. Повеќе на оваа тема во продолжение на оваа статија.
Прекумерна телесна тежина – една од најзастапените здравствени состојби на денешницата
Прекумерната тежина е дефинирана како состојба кога телото има абнормални, односно прекумерни резерви и наслаги од масти. BMI (Body mass index) е еден начин на кој лесно може да се провери нашата моментална состојба во поглед на телесната тежина. Секако, поради својата едноставност, ваквиот метод е доста општ и не секогаш целосно прецизен и објективен.
Во светски рамки, САД е на првото место како држава со најголема гојазност. Но, се проценува дека во периодот од 1975 па до денес, на глобално ниво, прекумерната тежина кај популацијата е за три пати позастапена. Таа исто така претставува најпревентабилна причина за предвремена смртност. Истата е поврзана и со бројни други заболувања, како што се: дијабет, кардиоваскуларни заболувања, мозочен удар и др.
Во 2016 година, повеќе од 1,9 милијарди возрасни луѓе (над 18 години) ширум светот, имале прекумерна тежина.
Загрижувачки е што ваквиот пораст е забележан и кај децата и тинејџерите. Едно истражување покажало дека гојазноста кај оваа група е зголема за 10 пати од 1975 година до денес. Во 2016 бројот на деца и тинејџери со прекумерна тежина бил 124 милиони, наспроти 11 милиони во 1975.
Зошто е опасно доколку прекумерната тежина ја направи физичката активност отежната, па дури и невозможна?
Прекумерната тежина може значително да влијае на нивото на мобилност и физичка активност преку комбинација на биомеханички, физиолошки и психолошки механизми. Вишокот на килограми предизвикува зголемен стрес на мускулно-скелетниот систем, особено на зглобовите кои носат тежина како што се колковите, колената и глуждовите. Ова дополнително, силно оптоварување може да доведе до дегенерација на зглобовите, зголемено трошење и состојби како остеоартритис, кои предизвикуваат болка и ја намалуваат функцијата на зглобовите.
Биомеханички гледано, променетиот начин на одење и движење, често забележан кај лицата со зголемена тежина, може да резултира со поголем ризик од падови и повреди, но и разни деформации на ‘рбетот, колената, стапалата и сл. Физиолошки, вишокот на масно ткиво може да предизвика хронично воспаление и метаболичко нарушување, нарушување на мускулната функција и метаболизмот, што доведува до намалена издржливост, кондиција и физички капацитет. Физичката активност станува особено напорна, како за кардиоваскуларниот систем, така и за зглобовите и мускулите. Поради ваквиот напор, луѓето често имаат и помала желба да бидат физички активни, што се надоврзува и на другите психолошки аспекти на обезноста, како како што се намалената самодоверба и социјалната стигма кои може дополнително да ја намалат мотивацијата. Комбинацијата на физичка непријатност, намалената функција на зглобовите и психолошките бариери значително ја попречуваат подвижноста и го ограничуваат редовното движење, создавајќи циклус што ја влошува дополнително состојбата.
Како да си помогнеме?
Главниот пристап кон ваквата состојба е преку бавно, постепено воведување на промени во начинот на живот. Првата е секако исхраната преку која се очекува постепено намалување на тежината. Зборуваме за трајни, здрави промени во исхраната, а не за следење на диети и гладување.
Втора промена би била секако, постепеното вклучување на некаква физичка активност, па дури и секојдневно пешачење од 15-20 минути. Со текот на времето, телото ќе изгради подобра кондиција и издржливост, а доколку има редовност во движењето, истото ќе помогне и за полесно намалување на килограмите. Постепено може да се вклучат и поедноставни, благи вежби со тежина со цел дополнително зајакнување на мускулите и олеснување на секојдневната подвижност. Одберете активности во кои уживате и вклучете пријатели за процесот да ви биде забавен и полесен.
За крај, менталниот аспект, мотивираноста и истрајноста се оние што ќе го овозможат успехот на целиот процес. Бидете подготвени дека слабеењето не е едноставен, брз процес и дека истиот бара ваша целосна посветеност, дисциплина и истрајност. Од друга страна, зададете си реални, остварливи цели и не бидете премногу строги кон себе. Дури и само неколку намалени килограми е одличен почеток и чекор кон подобро здравје.