fbpx

Како животните навики може да бидат ризик за појава на ДЕМЕНЦИЈА?

tonus

Глобално, деменцијата претставува сè почест проблем и за жал нејзината застапеност само се очекува да расте. Според статистиките на Светската здравствена организација (СЗО) околу 55 милиони луѓе ширум светот се дијагностицирани со деменција моментално. Околу 60-70% од овие случаи, се пропратени и со дијагностицирана Алцхајмерова болест. Се смета дека до 2050 година, бројот на лица со деменција ќе порасне и до над 150 милиони, бројка која е сериозно загрижувачка. Од моменталните 55 милиони случаи, над 7 милиони се смета дека се должат на животните навики и останатата здравствена состојба која ја имаат луѓето – пушење, обезност, висок крвен притисок и сл. Поради тоа, денес ќе зборуваме малку повеќе за деменцијата, за причините околу зачестеноста на оваа болест, како и за најчестите ризик фактори.

Што претставува деменцијата?

Деменцијата претставува термин со кој се опишуваат група на симптоми поврзани со помнењето, размислувањето и социјалните интеракции и способности. Најчесто деменцијата како термин се асоцира со влошена меморија. Алцхајмеровата болест се смета за најчеста форма на напредна деменција и најчесто се јавува кај постарата популација. Како најчести ризик фактори за појава на деменција се сметаат: возраста, животните навики, фамилијарната историја/генетика и присуството на Даунов синдром (кај лицата со Даунов синдром, Алцхајмеровата болест се јавува доста порано и многу почесто).

Деменцијата не е задолжителен дел од стареењето и нажалост таа се смета за седма најчеста причина за смрт кај популацијата. Се одликува со три фази – рана, средна и доцна фаза, секоја со свои симптоми – од заборавање и отежната комуникација, до значителни промени во однесувањето и речиси целосна зависност од грижата на друго лице.

"“Online”/

Според одредени истражувања – дијабетот, прекумерната телесна тежина и срцевите заболувања се исто така здравствени состојби кои можат да го зголемат ризикот за деменција. Нажалост, застапеноста на овие здравствени состојби е исто така во постојан раст. Секако и исхраната игра исклучително важна улога во појавата и на овие состојби. Па така, таа всушност е индиректно поврзана на овој начин со деменцијата.

Како е поврзана деменцијата со животните навики?

Како што споменавме, начинот на кој живееме може директно да го зголеми ризикот за деменција. Преку една голема анализа на повеќе одделни студии, се проценува дека до 2050 година, бројот на случаи со деменција речиси тројно ќе се зголеми. Научниците објаснуваат дека ова делумно се должи и на порастот на популацијата, но и на зголемената просечна возраст на живеење, односно поради продолжениот животен век на луѓето. Секако, не се исклучуваат и случаите кои се јавуваат поради секојдневните навики. Се проценува дека над 7 милиони случаи на деменција се поврзани токму со начинот на живот. Други студии пак, проценуваат дека дури 40% од случаите на деменција се должат на овој фактор. Под начин на живот подразбираме секаков дополнителен ризик фактор за појава на деменција –  хипертензија, обезност, депресија, дијабет, физичка неактивност, социјална изолација, пушење и сл. Се смета дека обезноста, хипертензијата и дијабетот го зголемуваат ризикот за деменција преку нивното влијание на хормонот инсулин, како и преку зголемување на инфламацијата во телото – механизми кои се верува дека влијаат и врз појавата на деменција.

Секако, ваквите животни фактори не можат да ги објаснат сите случаи на деменција, па затоа научниците објаснуваат дека и генетиката е подеднакво важен фактор. За успешно намалување на ризикот од деменција, се препорачува почеста физичка активност (најистражуван и најдокажан превентивен чекор за појавата на деменција), соодветна и избалансирана исхрана, како и активирање и ангажирање на мозокот – преку социјална интеракција, вежби, хоби, читање и сл. Исто така, медитеранската исхрана се смета за соодветна во поглед на намалување на ризикот. Истражувањата покажале дека исхрана богата со овошје, зеленчук и житарки, а мал внес на црвено месо и шеќер – може да го намали ризкот за деменција.

 

[Поврзано: Како недостатокот од сон се поврзува со ризикот за појава на деменција?]

Д-р Митов

Д-р Митов

Ние ви помагаме ВИШОКОТ КИЛОГРАМИ и поврзаните БОЛЕСТИ, на ПРИРОДЕН начин и трајно да ги отфрлите, за да бидете: ПОЗДРАВИ, ПОЛЕСНИ и ПОЛЕТНИ!

Leave a Replay

X
Добијте бесплатен пристап до нашиот неделен информатор