fbpx

Диетите не се решение, диетите се ПРОБЛЕМ

tonus

Се’ почесто и почесто се среќаваме со проблемот на зголемена телесна тежина. И поединечно, и општествено, гојазноста зазема застрашувачки размери и е причина за многу болести, смртни случаи, како и трошоци на здравствените системи.

Немаме време за себе си

Пандемската распространетост на гојазноста е пред сè системски причинета. Модерниот начин на живеење подразбира максимализирање на продуктивното време. Под продуктивно време подразбираме време во кое ќе бидеме активни во процесот на продуцирање на некаква додадена вредност. Всушност тоа е нашиот работен однос во било која област. Тоа е денес центарот на живеењето. Времето за сè останато треба да се штеди и целокупната енергија да се потроши токму таму. Значи, денес под продуктивно потрошено време не го подразбираме баш и времето кое ни е природно потребно за себе и нашето целокупно здравје.

Така се доведовме до ситуација кога луѓето дури и штедат од спиењето, и одземаат од време од својот сон, само за да имаат време за исполнување на обврските.

"“Online”/

Модерниот начин на живот е нова појава

Треба да имаме во предвид дека човекот постои илјадници години, а ваквиот нов начин на живот ни се случува последниве децении. Нешто што било вообичаено со векови како:

  • секојдневната физичката активност (неспоредливо поголема од денешната),
  • нискокалоричната исхрана и
  • отсуството на хроничниот стрес,

сега доживува целосна трансформација во само неколку децении.

Тоа значи дека, едноставно човечкиот организам ,,нема време” толку брзо да се прилагоди на ваквите нови услови, еволуцијата е процес кој треба многу повеќе време.

Нездрава храна, неактивност и стрес

Скратено ни е времето за себе, за подготовка на оброци дома, па затоа сè почесто се храниме надвор со најчесто нездрава и брзо подготвена храна. Поради истите причини сè повеќе се зголемува и побарувачката на разни типови на препроцесирана храна, која скоро по дефиниција ни носи некакви проблеми, особено на долг рок. Таа е пребогата со заситени маснотии, шеќери, сол и зачини, па така има и огромна калориска вредност.

Само во еден оброк дневно можеме да внесеме калории кои не можеме да ги потрошиме во текот на целиот ден, а има 3 оброка најмалку.

Преферирањето на брзата храна со висок вкусов интензитет произлегува и од стресот кој неминовно се јавува во т.н. процес на максимализирање на продуктивното време кој го споменавме.

Сè помалку време имаме и за едукација за она што значи здрав начин на исхрана и живеење, што е клучно за да го согледаме проблемот. А решенија без овој прв чекор не можеме да очекуваме.

Штедењето на времето подразбира и побрз транспорт. Ретките шанси кога можеме да се движиме, да бидеме физички активни ги пропуштаме користејќи автомобили и јавен транспорт.

Значи сите три главни фактори за појавата на сите хронични, болести секојдневно се застапени:

  • нездравата исхрана,
  • физичката неактивност,
  • стресот, па поради него и нарушениот сон кој исто така доста негативно влијае на здравјето.

Исто така овие фактори се главната причина за гојазноста која и кај нас е епидемиска дури и кај најмалите.Секако, да не заборавиме дека и генетиката значаен фактор.

Така, не можеме и да очекуваме нешто поинакво од пандемија на хронични заболувања.

Има решенија!

Првиот чекор е согледувањето на проблемот и прекинување со себеобвинувањето. Секогаш треба да ги третираме причините, а не последиците.

Сите сакаме брзи и ефикасни решенија – и тука се јавуваат диетите и нивните ветувања!

Брзиот начин на живот кој е толку присутен денес, бара и брзи решенија. Такви се диетите.

Диетите се најголемите здравствени катастрофи на новиот век. Ова важи за секоја една диета, не постои ,,здрава диета”. Зошто?

За да одговориме на ова прашање, наједноставно е да ги разгледаме главните карактеристиките кои се заеднички за сите диети:

1) Диетите подразбираат ЗАВРШУВАЊЕ, или одреден рок.

Што потоа? Се враќаме на оние навики кои не довеле до проблемот? Што мислиме дека ќе предизвика тоа? Враќање на тежината, но и поголем проблем, дополнително губење на самодовербата. Лажно предизвиканата надеж исто така значително влијае на психата.
Луѓето си велат – добив одреден резултат, но не знам да го задржам, сигурно овој проблем ќе ме следи додека сум жив.

2) Дава привремени резултати – односно по одреден период секако дека калорискиот дефицит ќе предизвика намалување на телесната тежина.

Токму резултатите кои ги гледате кај другите луѓе мотивираат да почнете и вие со нивната ,,диета”. Но, што по нејзиното завршување? По враќањето на старите навики кои не довеле до проблемот/ите повторно ќе ја вратиме претходната тежина, а можеби и ќе ја надминеме. Во една студија биле испитувани луѓе кои ја намалиле телесната тежина со диета. По една година од намалувањето на тежината, тие не само што ја вратиле, туку и ја надминале.

3) Оние кои често држат диети знаат дека постојат и циклуси.

Циклусите се всушност периоди на држење диета, па враќање на навиките и потоа повторно диета. Периоди на калориски рестрикции, па потоа периоди во кои се наталожуваат масни ткива заради големиот суфицит на калории. Ова може да предизвика и посериозни здравствени проблеми, како на пример зголемување од ризикот од метаболитички синдром, пред сè.
Во зависност од особеностите на диетите, постојат и различни проблеми кои му ги предизвикуваат на нашиот организам. Скоро секоја диета има свој проблеми.

Промена во начинот на исхрана, а не диети

Не постои хронична болест за која што не може да помогнат промените на начинот на живот. Начинот на живот не е само додаток, туку е суштински дел од нивниот третман.

Гојазноста исто така може да се каже дека е хронично заболување. Таа не може да се смета за нормалност, ниту кај децата, секако.

Клучот за решението е секако, промената во на животните навики. Како што нездравиот начин на живот ни станал навика, така може и спротивниот. Три чекори се можеби најважни во процесот на слабеење:

1) Мотивацијата – за секого може да биде различна, но најважна е поддршката од блиските, семејстовото, партнерот, пријателите. За некого е клучен и стручниот надзор.

2) Едукацијата – кога самите ќе осознаеме што е добро, а што лошо за нас, спремни сме да се менуваме. Ова може да биде иницијална каписла за почеток на промените, но тоа може да биде и мотивацијата, па потоа да дојде заинтересираноста за фактите. Како и да е ова е многу важен фактор.

3) На крајот, трајноста на навиките е клучна. Видовме кај диетите дека трајноста е неопходна.Затоа најдобро е промените да бидат постепени и да се избере начин на исхрана и живеење кој ни е близок.

Најчесто во нашата средина, па и општо во светот, кога ќе се спомене поимот ,,здрав начин на исхрана”, луѓето веднаш помислуваат на некои специјални намирници кои се подготвуваат на специјален начин, а и цената на чинење им е висока.
Но, токму спротивното е случај. Здравата храна е едноставна, едноставно се подготвува и консумира, а исто така е и поефтина. Проблемот е навиката. За полесно да ја стекнеме потребен ни е промената да не ни биде толку ,,туѓa”.

Како моментално најдобар начин на исхрана, според науката, се смета медитеранскиот тип на исхрана.Тој е многу близок до исхраната на нашите родители. Мешунки, житарки, овошје, зеленчук, риба, јатки итн. Навистина одговор е толку едноставен.

Mожеби овој период сега, кога имаме малку повеќе време за себе и семејството, е добар за промени во навиките. Посветете барем малку време за едукација за она што значи здрава храна. Исто така, сега имаме повеќе време за кујната. Ако не сте готвеле ова е совршен момент да се обидете. Најдете различни интересни, здрави рецепти и направете си забава од готвењето, експериментирајте со најразлични здравите намирници заедно со вашите деца!

Д-р Митов

Д-р Митов

Ние ви помагаме ВИШОКОТ КИЛОГРАМИ и поврзаните БОЛЕСТИ, на ПРИРОДЕН начин и трајно да ги отфрлите, за да бидете: ПОЗДРАВИ, ПОЛЕСНИ и ПОЛЕТНИ!

Leave a Replay

X
Добијте бесплатен пристап до нашиот неделен информатор