fbpx

Со кој тип на храна треба да внимаваат луѓето со дијабет?

tonus

Глобално, се проценува дека секој единаесетти човек страда од дијабет. Дополнително загрижувачки е што ваквата енормна бројка е во постепен, благ раст. Секоја година бројот на дијабетичари се зголемува и може да се каже дека дијабетот е една од посериозните болести на денешницата. Постојат бројни фактори кои се заслужни за појавата на дијабетот, меѓу кои е и генетиката, но секако не можеме да го исклучиме и нашиот начин на живот како фактор.

Без разлика на тоа, постојат низа на намирници кои лицата со дијабет можат да ги консумираат без никаква грижа, а постојат и такви кои што треба да се избегнуваат. Со правилна исхрана може да се обезбеди константно и стабилно ниво на шеќерот, а сепак таа да е разновидна и здрава. Важно е да се елиминира или намали внесот на непосакуваните намирници, а за кои всушност станува збор, ќе зборуваме во продолжение.

 

Кој тип на храна е пожелна за лицата со дијабет?

 

Иако постои загриженост и заблуда дека одредени намирници се целосно забранети за лицата со дијабет, едноставно тие треба да внимаваат на количината и зачестеноста при внесувањето на тие намирници. Целта е да се јадат разновидни, здрави намирници од сите групи на храна, во соодветни количини.

"“Online”/

 

Препорачливо е да се јаде:

 

  • Зеленчуци – скробни (компир, пченка, грашок и сл.) и нескробни ( брокула, морков, зелени лиснати зеленчуци, пиперки, домат и сл.)
  • Овошје (јаболко, шумско овошје, сливи, киви, цитрон, цреши и сл.)
  • Полнозрнести житарки и производи добиени од полнозрнесто брашно (овес, пченица, киноа, јачмен и сл.)
  • Извори на протеин (месо, јајца, риба, јатки и сл.)
  • Млеко и млечни производи (препорачливо со помала масленост)
  • Извори на здрави масти (риба, јатки, семиња и сл.)

 

Кој тип на храна и намирници не се препорачуваат за луѓето со дијабет и преддијабет?

 

Како што рековме, ниеден тип на храна не мора целосно да се елиминира од исхраната, но постојат одредени намирници кои се проблематичини и нивниот внес треба да биде исклучително умерен или доведен на минимум.

 

1 . Напитоци со додадени шеќери

 

Овој тип на напитоци е убедливо најлошиот избор на пијалак за луѓето со дијабет. Тие се исклучиво богати со додадени шеќери и можат навистина брзо и нагло да го покачат шеќерот во крвта. Кај дел од овие напитоци постои и додадена фруктоза – шеќер кој е поврзан со инсулинската резистентност и е проблематичен кај лицата со дијабет. Ваквите напитоци се штетни и за луѓето без дијабет, бидејќи ваквото огромно количество на шеќери доведува до нагло лачење и создавање на инсулинот со цел да се контролира нивото на шеќер во крвта. Со текот на времето, ваквото нагло лачење може да доведе до намалена инсулинска чувствителност и до појава на преддијабетна состојба.

 

2 . Транс масти

 

Транс мастите се исклучително нездрава форма на масти и нивниот внес не се препорачува кај никого, а особено не кај лицата со дијабет. Во прехранбената индустрија тие се најчесто вештачки создадени преку менување на незаситените масти кон постабилна форма – транс масти. Тие се наоѓаат во намирници како маргарин, путер од кикирики, намази, кремови, а неретко се среќаваат и во крекери, колачи, мафини и други комерцијални производи. Ваквиот тип на масти е заслужен за покачување на т.н лош холестерол, зголемување на воспалителните процеси во телото, појава на инсулинска резистентност, намалување на добриот холестерол и сл. Ваквиот ефект на транс мастите е исклучително непосакуван и штетен за лицата со дијабет, па затоа тие е најдобро да се избегнуваат.

 

3 . Суво овошје

 

Сувото овошје претставува одличен извор на витамини, минерали, растителни влакна и антиоксиданти. Но, самиот процес на сушење, доведува до намалување на тежината (изгубена како вода), додека содржината на шеќер останува иста. Ова значи дека шеќерот на некој начин се концентрира, па во 100g свежо грозје и 100g суво грозје имаат драстично различна содржина на шеќер. Затоа, сувото овошје не треба целосно да се исклучува од исхраната, но неговата употреба треба да е во помали количини. Исто така, настојувајте да користите суво овошје кон кое нема додадени шеќери. Најчесто тропските овошја (ананас, папаја и сл.) содржат додаден бел рафиниран шеќер.

 

4 . „Мусли“ за појадок

 

Полнозрнестите житарки се одличен избор за појадок, бидејќи се извонреден микс од комплексни јаглехидрати, растителни влакна, витамини и минерали. Тие не доведуваат до нагло покачување на глукозата во крвта и нагло лачење на инсулин. Спротивно на тоа, комерцијалните „мусли“ за појадок, кои се среќаваат во повеќе форми, бои и вкусови, често содржат додадени шеќери во огромни количини. Ваквите мусли често се среќаваат и како микс од суви овошја, јатки и житарки. Таквиот состав е пожелен, но количеството на додадени шеќери е прекумерно и здравствениот бенефит на тој начин се засенува. Доколку сакате здрава опција за појадок со мусли, подгответе овесна каша (од цел или мелен овес, а не инстант овес) која ќе ја искомбинирате со суво овошје (кајсија, грозје, брусница и сл.) и некаков тип на јаткасто овошје (лешник, бадем, орев и сл.).

 

5 . Бел леб, бел ориз и тестенини од бело брашно

 

Белиот леб е една од најчесто употребуваните намирници, а може да биде проблематичен кај лицата со дијабет. Повеќе студии покажуваат дека ваквиот тип на леб и останатите пецива од бело брашно, допринесуваат кон значајно покачување на шеќерот во крвта кај лицата со дијабет. Покрај лебот и тестенините од бело, рафинирано брашно, како и белиот ориз се покажале како непогодни за дијабетичарите. Се смета дека проблемот се должи во процесот на рафинирање на житото до бело брашно. Имено, ваквата постапка ги отрстранува сите делови од зрното, освен ендоспермот (делот богат со скроб). На овој начин, се губат повеќето од минералите, растителните влакна, витамините, но и се менува гликемискиот индекс и начинот на кој лебот ќе делува на шеќерот во крвта. Дополнително, растителните влакна присутни во полнозрнестите брашна, помагаат при стабилизирање на нивото на глукоза во крвта, допринесуваат за заситеност и подобрена дигестија, а може да се корисни и за регулирање на телесната тежина и контролирање на нивото на холестерол во крвта. Сето ова укажува дека замената на белото брашно со интегрално, како и замената на белиот ориз и тестенини со интегрални, може да допринесе до подобро здравје, но и до подобра регулација на глукозата во крвта.

 

Покрај овие намирници, треба да се лимитира или избегнува консумирањето и на:

  • Овошни јогурти
  • Чоколадно млеко
  • Мед
  • Овошни (100%) сокови
  • Помфрит
  • Полномасни млечни продукти
  • Мусли плочки

Д-р Митов

Д-р Митов

Ние ви помагаме ВИШОКОТ КИЛОГРАМИ и поврзаните БОЛЕСТИ, на ПРИРОДЕН начин и трајно да ги отфрлите, за да бидете: ПОЗДРАВИ, ПОЛЕСНИ и ПОЛЕТНИ!

Leave a Replay

X
Добијте бесплатен пристап до нашиот неделен информатор