fbpx

Телесната тежина и дијабетот – која е поврзаноста и зошто СЛАБЕЕЊЕТО е толку важно?

tonus

Дијабетот е здравствена состојба која е сè позастапена и која сама по себе претставува еден вид на „пандемија“. На глобално ниво, се проценува дека секој единаесетти човек страда од дијабет, односно над 400 милиони луѓе. Дополнително загрижувачки е што ваквата енормна бројка е во постепен, благ раст. Постојат бројни фактори кои се заслужни за појавата на дијабетот, меѓу кои е и генетиката, но секако не можеме да го исклучиме и нашиот начин на живот како фактор. Нешто што често се асоцира со дијабетот е и покачената телесна тежина, односно истата претставува значителен ризик фактор. Затоа, во продолжение ќе зборуваме за ваквата поврзаност, но и за начинот на исхрана кој најмногу може да помогне да се регулира телесната тежина, а со тоа и да се контролира и дијабетот.

Која е врската меѓу телесната тежина и дијабетот?

Прекумерната телесна тежина е здравствена состојба која е проблематична и може да го зголеми ризикот за бројни заболувања. Имено, тука може да се вбројат кардиоваскуларните заболувања, дијабетот, мозочен удар и сл. Телесната тежина влијае на речиси секој аспект од животот и доколку е прекумерна, може значително да го намали неговиот квалитет.

Голем број студии го проучувале ефектот на телесната тежина врз дијабетот тип 2. Некои проценки велат дека дури 80-85% од вкупниот ризик за појава на дијабет се должи на прекумерната телесна тежина. Прекумерната тежина може да го наруши ефектот и синтезата на инсулин во телото. Во некои случаи, се создава значително количество инсулин, но тоа сепак не е доволно за да одговори на потребите на организмот. Тоа доведува до покачени нивоа на шеќер во крвта.

"“Online”/

Ризикот дополнително се зголемува за лицата кои имаат значителни масни наслаги во пределот на абдоменот. Ваквите наслаги се смета дека имаат про-воспалително дејство со што го намалуваат дејството, односно сензитивноста на телото кон инсулинот. Ова доведува до намалена сензитивност на клетките во организмот кон инсулинот, односно нивниот одговор кон инсулинот е нарушен. Ваквата појава се нарекува инсулинска резистенција.

Која исхрана се препорачува за слабеење кај лицата кои страдаат од дијабет?

Не постои еден тип на идеална исхрана кој ќе биде соодветен за сите, но може да се каже дека секоја исхрана која ќе помогне и ќе доведе до намалена телесна тежина, ќе биде корисна за дијабетичарите. Што велат истражувањата во овој поглед?

Група на научници имале задача да ги ажурираат препораките за исхрана на дијабетичарите кои се издадени од EASD (European Association for the Study of Diabetes). Тие имале за цел да ја утврдат најефикасната и најдобра исхрана во поглед на намалување на телесната тежина и со тоа да дојде до можна ремисија на тип 2 дијабетот. Научниците констатирале дека комбинацијата од ниско-калорична исхрана и замена на традиционалните оброци со некоја поздрава форма, дале најдобри резултати кај лицата со дијабет.

Таквата „замена на оброците“ е пристап кој добива на популарност кај лицата кои се обидуваат да ја намалат телесната тежина. Замена на оброкот значи консумирање на протеински шејк или плочка од житарки кои доколку добро се одберат или подготват може да бидат одличен извор на протеини, комплексни јаглехидрати, витамини и минерали. Овие замени би требало да го елиминираат гладот и да промовираат чувство на ситост (особено поради содржината на протеини и влакна), а притоа да се нискокалорични. Тоа значи дека овие „заменети оброци“ всушност драстично го намалуваат бројот на калории кои се внесуваат и со тоа допринесуваат за поуспешно слабеење.

Покрај протеински шејк или житна плочка, „замената на оброк“ може да содржи или да биде:

  • Домашно подготвен шејк (препорачливо е сепак да содржи извор на протеини, зеленчуци, овошја, житарки и сл.)
  • Супа или чорба
  • Полнозрнести крекери и ниско маслени млечни продукти
  • Јогурт
  • Јаткасти плодови и сл.

За разлика од овој пристап на т.н „замена на оброците“, класичната исхрана богата со протеини, Медитеранската исхрана, вегетаријанската и исхраната со состојки со низок гликемиски индекс дале нешто послаби резултати во поглед на слабеењето. Но, секако овие начини на исхрана се секако препорачливи за дијабетичарите бидејќи се засноваат на употребата на намирници кои се здрави и се соодветни за контролирањето на шеќерот во крвта.

Секако, не сите начини на исхрана се компатибилни за сите лица кои страдаат од дијабет. Затоа, препорачливо е да се започне со било кој здрав начин на исхрана и фокусот првично да биде на намалување на телесната тежина и редовното следење и контролирање на шеќерот во крвта.

[Поврзано: Кои се најздравите ужинки при ДИЈАБЕТ?]

 

Д-р Митов

Д-р Митов

Ние ви помагаме ВИШОКОТ КИЛОГРАМИ и поврзаните БОЛЕСТИ, на ПРИРОДЕН начин и трајно да ги отфрлите, за да бидете: ПОЗДРАВИ, ПОЛЕСНИ и ПОЛЕТНИ!

Leave a Replay

X
Добијте бесплатен пристап до нашиот неделен информатор