fbpx

Исхрана при ДИЈАРЕА – Што треба, а што не треба да јадеме?

tonus

За жал, летото е сеозна кога проблемите со дијареата се најзастапени, иако тие се присутни низ целата година. Статистиките велат дека најголемиот дел од луѓето се соочуваат со овие проблеми барем еднаш до двапати годишно. Затоа, во претходните статии зборувавме општо за оваа состојба, како и за храната и исхраната што може да води кон дијареа.

Денес, многу повеќе околу тоа што да јадете и што да пиете кога веќе се соочувате со непријатностите предизвикани од дијареа.

[Поврзано: Храна што може да предизвика ДИЈАРЕА]

"“Online”/

 

Накратко, што е дијареа и кои се можните причинители?

 

Дијареата се дефинира како состојба во која се нарушени метаболитичките процеси во дигестивниот систем, што резултира со најмалку 3 течни столици во текот на еден ден. Но, дијареите најчесто се проследени и со повеќе типични симптоми, како непријатна стомачна болка, грчеви, гадење и повраќање, температура итн. Сите овие симптоми водат кон значително губење на течностите во организмот.

Постојат два типа на дијареа: акутна и хронична.

Акутната минува во период од еден до два дена, додека симптомите на хроничната можат да траат со недели, па и месеци. Најчесто, хроничниот тип на ова заболување е резултат на некои други многу потешки дигестивни нарушувања, како што се Кроновата болест, синдромот на нервозни црева, целијакијата, некои малигни заболувања, антибиотски терапии, ендокрини нарушувања итн. Затоа, важно е лицата што го имаат овој проблем, што е можно поскоро да се консултираат со својот лекар.

[Поврзано: Што кажува ИЗГЛЕДОТ на изметот за вашето здравје?]

Важно е да се каже дека честото вршење нужда не може само по себе да се дефинира како дијареа, ако структурата на столицата не е нарушена, односно не е течна. Исто така, потечната столица кај бебињата-доенчиња е нормална состојба.

Најчестите причини за дијареа се инфекциите на гастроинтестиналниот тракт предизвикани од некои патогени микроби – бактерии (или само бактериски токсини кои се наоѓаат во некаков вид храна), вируси или некакви паразитски организми. Како најчести виновници се сметаат бактериите од родовите: Salmonella, Campylobater, Shigella и Escherichia coli или само нивните токсини; ротавирусите, а како причинители за дијареата можат да се јават и одредени состојби: лактозна интолеранција, алергија на храна, дигестивни хируршки интервенции, одредени медикаменти, дигестивни заболувања итн.

 

Симптоми

Симптомите на дијареа се лесно препознатливи и вклучуваат: болки и/или грчеви во стомакот, многу честа и итна потреба за празнење, повраќање, гадење, треска, течна, некогаш и крвава столица и дехидратација.

Ова се симптомите на акутната дијареа, но тие исто така важат и за хроничната, дополнително, кај неа(или кај нетретираната акутна дијареа) се јавуваат и: хроничен замор, сува уста и други мукозни површини, крвава или жолта столица, главоболки, силно чувство на жед и намалена фреквенција на уринирање.


Природните третмани за дијареа – прва линија на терапија



Многу е значајно да се нагласи дека умерените, акутни облици на дијареа можат да се решат и без лекарства.

Во претходните наши статии зборувавме за повеќе природни аспекти од третирањето на ваквата состојба, но денес ќе се задржиме само на делот исхрана.

За среќа, постојат повеќе типови на храна што можат значително да ни помогнат во намалувањето на симптомите на дијареата.

 

Начин на исхрана при дијареа

 

Ако се соочувате со симптомите на дијареа, како што веќе споменавме, важно е да промените повеќе навики, особено оние за исхрана. Следејќи одреден начин на исхрана во рок од неколку денови или додека траат симптомите, ќе си овозможите подобра апсорпција на нутриентите, намален стрес во дигестивниот систем и ,,одмор” за вашите црева. Сето ова ќе придонесе кон забрзан процес на лекување.

Исхраната што ќе ви ја предложиме ќе ви помогне и да го олесните задржувањето на течностите во телото, како и да го одржите електролитниот балас, што е од исклучителна важност при дијареа.

 

[Поврзано: 6 лесни совети за ЕЛЕКТРОЛИТЕН БАЛАНС!]

 

Едноставната храна, односно храната што лесно се вари, ќе го намали количеството отпад или измет што завршува во дебелото црево, што значи дека ќе имате помалку движења на цревата и движења во помал обем – исто така особено важно при дијареа.

 

Како се спроведува оваа диета?

Храната што се користи во оваа диета е особено едноставна. Идејата е да му се овозможи на телото ,,простор” за одмор и воздишка. Важно е да се каже дека оваа исхрана треба стриктно да се практикува додека траат симптомите, но таа не е трајна, туку специјално наменета за периодот во кој имате проблеми со дијареата. Не е трајна, бидејќи на подолг рок може да води кон недостаток од различни нутриенти.

Исто така, таа не може да се практикува за некаква превенција од дијареа. Дополнително, на предлозите во продолжение треба да се гледа како основа во исхраната за дијареа, одредена храна што сте сигурни или искуствено знаете дека нема да ви направи проблем, слободно можете да ја консумирате.

 

Една од основите на оваа исхрана е избегнувањето храна богата со растителни влакна, храна која инаку е исклучително здрава. Тоа не значи целосно исклучување на храната со фибер, туку нејзино редуцирање во најголема мера, односно до степен кој нема да се одрази негативно на нашите симптоми.

 

Овошје и зеленчук

 

Бананите се меки и лесно дигестибилни, што ги прави одлични за смирување на вознемирениот стомак. Тие исто така се одличен извор на калиум – важен електролит кој се губи во големи количества при дијареата, но и на пектин – растворлив вид на растителни влакна.

[Поврзано: Пектини – што се, каде да ги најдеме и ЗОШТО?]

 

При дијареа, важно е да се заменат нерастворливите, со растворливи растителни влакна, бидејќи тие помагаат за апсорпција на вишокот течност во цревата, истовремено превенирајќи развивање на констипација. Друг добар избор на овошје се овошните каши, како оние од јаболко, бидејќи не содржат лушпа за разлика од свежите овошки. Во лушпата се застапени нерастворливите растителни влакна кои можат да ни направат проблеми.

 

Во една од претходните статии зборувавме многу околу важноста на консумирањето повеќе свежа храна, особено во овој период кога пазарите се пребогати со зеленчуци и овошки во различни бои. Иако поголемиот дел од зеленчуците се исклучителен хранлив извор, кој притоа содржи малку калории, сепак при дијареата не е добро да ги внесуваме свежи. Свежиот зеленчук е богат со фибер од секаков вид, што ја отежнува дигестијата. За среќа, постои начин оваа храна безбедно да се внесува при дијареа – соодветно да се измие, исчисти од семиња и да се свари.

 

[Поврзано: Што се тоа АНТИ-НУТРИЕНТИ и како да се ослободиме од нив?]

 

Значи, кога имате дијареа, најмногу употребувајте сварен зеленчук, како компир кој е претходно излупен, морков, тиквички, цвекло… и држете се понастрана до следниот тип на зеленчук: брокули, карфиол, пиперки, грашок, боранија и пченка – можат да предизвикаат создавање гасови.

[Поврзано: ГАСОВИ – 10 практични совети како да се ослободите од нив!]

 

Житарки

Полнозрнестите житарки и нивните продукти во бројни статии ги нагласуваме како здрава опција, па дури и како основа на она што значи здрав начин на живот. Сепак, имајќи предвид дека тие се особено богати со растителни влакна, можат да ни ги отежнат симптомите при дијареа. Затоа, во периодот додека имаме симптоми, добро е да користиме житарки кои се порафинирани, но притоа не содржат додадени шеќери.

 

[Поврзано: Што се тоа празни калории и зошто се толку опасни?]

 

Тука се мисли на бел и полубел леб, гриз, двопек,  а како исклучок се јавува овесот, кој е богат со фибер, но во голема мера растворлив фибер. Како што веќе споменавме, добро е да избегнувате инстант житарки со додадени шеќери, но да избегнувате и засладувачи што вие ги додавате, како шеќер, мед, различни слатки сирупи и слично.

 

,,Белата” скробна храна е основа на анти-дијареа исхраната

 

Ако ја имате добрата навика за консумирање интегрален, наместо бел ориз, периодот на дијареа треба да биде исклучок. Подобро за вас е да готвите бел ориз кој значително полесно може да биде дигестиран во нашиот систем.

 

[Поврзано: Важни разлики помеѓу белиот и интегралниот ОРИЗ – кога да го одберете едниот наспроти другиот?]

 

Белата паста, без додатоци како млечни продукти, масла и сосови на база на процесирани кечапи е веројатно највкусниот оброк кој нема да би создаде посебни проблеми при дијареа.

 

[Поврзано: Тестенините се здрава храна. Проверете дали ја јадете погрешно.]

 

Млечни производи и месо

 

Избегнувајте ги животинските продукти при дијареа, особено оние препроцесираните. Дури и ако немате лактозна интолеранција, млечните производи можат во голема мера да ја отежнат дигестијата. Единствен исклучок се јогуртите со пониска масленост и без додадени засладувачи, кои се сметаат за пробиотска храна. Слично важи и за кефирот и киселото млеко – ферментирани млечни продукти.

 

[Поврзано: Што треба да знаете за ЈОГУРТОТ?]

 

За најлесно дигестибилен во оваа категорија, се смета протеинот на белото пилешко месо.

 

Пијалаци

 

Еден од клучните елементи на исхраната при дијареа, треба да биде соодветното хидрирање или доволното пиење вода. Водата што ја пиеме содржи и одреден процент на електролити, така што пиењето вода нема да помогне само во надоместувањето на водата која во голема мера се губи при дијареа, туку ќе помогне и во надоместувањето на електролитите.

 

[Поврзано: Што се случува со нашето тело кога не пиеме доволно вода?]

 

Во оваа цел може да допринесе и пиењето различни т.н. спортски пијалаци збогатени со електролити, но треба да внимаваме дали имаат додадено премногу шеќери во нив. Дополнително, секако тука влегува и јадењето полесни супи и чорби.

 

Навиките за пиење кафе и чај се и те како позитивни, но нив треба максимално да ги избегнуваме при дијареа. Газираните и засладените сокови во ниеден период не се препорачуваат. Иако кај некој помага, генерално не се препорачува ниту минералната вода, бидејќи може да создаде гасови и други непријатности.

 

Дополнително, важно е да се каже дека треба да се внимава и на температурата на пијалаците. При дијареа, тие не треба да бидат ниту премногу жешки, ниту преладни, бидејќи тоа може да поттикне турбулентни придвижувања во нашите црева – нешто што не го сакаме, особено при дијареа.

 

Десерти и грицки

 

Избегнувајте засладени колачиња и било кои други слатки пребогати со шеќери, но и пијалаци што содржат шеќерни алкохоли, како сорбитол, ксилитол и слично. Тие можат да имаат лаксативен ефект. Иако различните пудинзи и сладоледи се мека храна што лесно се дигестира, тие многу често знаат во себе да содржат големи количества шеќер и млеко – нешто што треба да се избегнува при дијареа.

 

Затоа, изберете пудинзи и сладоледи без многу шеќери и со минимум количество млеко (лактоза).

 

Избегнувајте ги масните и многу солени грицки, а наместо нив внесувајте крекери од бело брашно со пониска калориска вредност.

 

Во суштна, што треба максимално да се избегнува?

 

  • препроцесирана храна (чипсови, смоки, колачиња итн)
  • било какви газирани пијалаци
  • пржена храна
  • било каков вид млечни производи
  • гуми за џвакање, бомбони
  • суво овошје
  • кофеински пијалаци
  • премногу зашеќерени пијалаци од било каков вид
  • храна или пијалаци богати со магнезиум
  • било каква храна со вештачки засладувачи или лута храна
  • полнозрнеста храна богата со нерастворливи растителни влакна
  • различни јаткасти плодови и семиња
  • лиснати теста

Други совети:

  • Во зависност од симптомите, можеби ќе имате потреба да останете на течна храна од неколку часови, па и до цел ден. Кога ќе почувствуате потреба од храна, изберете помека храна и почнете со помали порции.

  • Јадете по помали количества, но нешто почесто.

  • Секогаш преферирајте готвена храна, пред свежа и избегнувајте путер, масло, маргарин и различни сосови при готвењето.

 

[Поврзано: КОНЕЧНО – Кој начин на ГОТВЕЊЕ ги УНИШТУВА хранливите материи? А кој не?]

 

  • При враќањето на нормалната исхрана, почнете полека и постепено. Започнете со помали порции и постепено додавајте ги потешките храни за варење, како високо-протеинските намирници, намирниците што содржат висок процент растителни влакна, полномасните производи итн.

 

Превенција од дијареа

 

Иако може да биде резултат на низа причинители, постојат одредени постапки со кои можеме значително да ја намалиме веројатноста од појавување на дијареа, од било каков тип. Постапки кои можат да помогнат:

◦ Правилно миење на рацете (со топла вода и сапун, најмалку 20 секунди), на храната која се подготвува и местата на кои готвите.

◦ Сервирање на храната веднаш по подготовката е уште еден начин да се спречи контаминацијата на храната.

◦ Правилно чување на храната во фрижидер.

Здрава исхрана богата со растителни влакна и пробиотска храна.

Според истражувањата, дури 1/3 од случаите на дијареа можат да се превенираат само со следењето на првата спомената добра навика – правилно миење на рацете.

[Поврзано: ПРИЧИНАТА за инстантното подобрување на цревата со ФЕРМЕНТИРАНАТА ХРАНА]

 

 

 

Д-р Митов

Д-р Митов

Ние ви помагаме ВИШОКОТ КИЛОГРАМИ и поврзаните БОЛЕСТИ, на ПРИРОДЕН начин и трајно да ги отфрлите, за да бидете: ПОЗДРАВИ, ПОЛЕСНИ и ПОЛЕТНИ!

Leave a Replay

Може ќе ве интересира

Програми

X
Добијте бесплатен пристап до нашиот неделен информатор