fbpx

Дали дремките може да бидат решение за голем недостаток на сон?

tonus

Недостатокот од сон е сè почеста појава која делумно може да се препише на брзото темпо кое сите го искусуваме. Обврските и работата често се наоѓаат на патот кога станува збор за одржување на добра и редовна „хигиена на спиење“. За жал, спиењето е и еден фактор од секојдневието кој често се занемарува и жртвува, па така луѓето несвесно си наштетуваат и го загрозуваат своето здравје.

Неретка и честа навика се и дремките, кои претставуваат еден начин на компензирање и надокнадување на недоволниот сон. Но, едно интересно ново истражување покажува дека иако тие се добар начин да се освежиме и делумно да се одмориме, тие речиси немаат ефект кога е во прашање сериозен дефицит од сон.

Дремката не може да надокнади целосно изгубен сон

Неодамнешна студија покажува дека попладневната дремка не е ни приближно доволна за да надокнади сериозен дефицит во спиењето. Истражувачите откриле дека дремка од 30-60 минути, имала многу мал ефект врз когнитивните и ментални последици кои ги остава недостатокот од спиење.

"“Online”/

Во студијата биле вклучени 275 студенти, кои на почетокот од испитувањето извршиле одредени задачи кои барале концентрација и фокус. Потоа тие биле поделени во три различни групи – оние што ќе ја преспијат ноќта, група што нема да спие, но може да има дремка во текот на ноќта и група што воопшто нема да спие една цела ноќ. Потоа сите 275 испитаници го правеле истиот тест.

Групата која имала дремка во текот на ноќта, која била со времетраење од околу еден час, имала речиси исти резултати како групата која воопшто не спиела.

Што покажува ваквиот резултат?

Кратките дремки се доста ветувачки и често користен начин за делумно освежување и враќање на енергијата во текот на денот. Секако, тие се и доста ефективни во тој поглед, доколку е присутен сосем мал дефицит во спиењето. Во претходни статии, имаме говорено повеќе за разните стадиуми и фази кои протекуваат во нашиот мозок при спиењето и базирано на нив, кои се најдобрите препораки за времетраење на дремките.

Меѓутоа, кога станува збор за целосно пропуштена ноќ за спиење, истражувањето покажало дека дремките имаат многу мал ефект врз олеснување на симптомите од недоволен сон. Во оваа студија биле испитувани две главни карактеристики на дефицит од сон – активно внимание или фокусираност и можноста за извршување на задачи кои се состојат од повеќе последователни чекори.

Иако дремката од околу еден час во текот на ноќта не допринела значително кон намалување на симптомите од недоволен сон, поради нејзиното времетраење, дошло до одреден период во спиењето во најдлабоката фаза или стадиум.

Имено, спиењето протекува во четири главни фази и за премин од една во друга фаза е потребен одреден период. Третата фаза или т.н фаза со бавни бранови – „slow-wave sleep“ подразбира најдлабок и најрегенеративен дел од спиењето. Во оваа фаза од сонот, телото е најопуштено, спиењето е најдлабоко и се одвиваат репарационите и регенеративни процеси.

Во оваа студија дремката го опфатила и овој стадиум, но сепак таа била кратка и ваквите бенефити биле навистина мали и незначајни.

Доколку дефицитот од сон бил помал, нејзините ефекти би биле далеку подобри.

Кога се дремките корисни?

Дремките може да бидат исклучително корисни, но само кога има мал до умерен дефицит од сон. Како и спиењето во текот на ноќта и дремките протекуваат во истите фази на спиење. Доколку се над 30-40 минути тие ќе навлезат во т.н длабока фаза од спиењето, па може да биде потешко да се разбудиме од нив, а и да се чувствуваме дури и уморно и нерасонето.

Доколку не сме биле во можност да спиеме 7-9 часа ( како што велат препораките) во текот на ноќта, се препорачуваат дремки во времетраење од 15-30 минути, бидејќи по будењето од нив ќе се чувствуваме најсвежо и одморено.

Тајмингот на дремките е исто така важен. Со стемнувањето, телото добива природна и зголемена потреба од спиење, па така приквечерни дремки треба да се избегнуваат, бидејќи може да влијаат и да го нарушат ноќното спиење. Препорачливи се попладневни дремки, кои ќе траат пократко. Тие се одлични за подобрување и зголемување на концентрацијата, намалување на уморот, добивање на нова доза енергија и подобрување на нашата меморија и расположение.

Интересен феномен е што луѓето кои редовно практикуваат дремки, ги искусуваат почетните фази за време на дремката, а луѓето кои ретко ги практикуваат, навлегуваат во подлабока фаза од сонот. Подлабоките фази од сонот се пожелни, но за ноќното спиење, а доколку се застапени кај дремките, може да предизвикаат поспаност и чувство на замор по дремката. Тоа значи дека редовното практикување на дремките прави еден вид на навикнување и усовршување, па луѓето кои редовно имаат дремки се будат од нив чувствувајќи се посвежо и одморено.

Д-р Митов

Д-р Митов

Ние ви помагаме ВИШОКОТ КИЛОГРАМИ и поврзаните БОЛЕСТИ, на ПРИРОДЕН начин и трајно да ги отфрлите, за да бидете: ПОЗДРАВИ, ПОЛЕСНИ и ПОЛЕТНИ!

Leave a Replay

X
Добијте бесплатен пристап до нашиот неделен информатор