Оваа недела е Светската недела на доењето! Мајчиното млеко е идеална храна за бебињата. Најмалите треба да се хранат исклучиво со мајчино млеко во првите шест месеци од животот, а доењето треба да продолжи до втората година од животот па и понатаму.
Мајчиното млеко е неопходно за правилен раст, развој и комплетно здравје на бебето. Но, доењето не е добро и здраво само за детето, туку и за мајката. Покрај тоа што ја зајакнува нејзината врска со детето, студиите покажуваат дека доењето ја заштитува мајката од дијабет, рак на дојка и рак на матка, од срцеви заболувања и депресија.
Од аспект на јавното здравје во нашата земја, мора многу повеќе внимание да се посвети на доењето. Имено, во Македонија процентот на ексклузивно доени бебиња до 6 месечна возраст е доста низок. За успешен процес на доењето потребна е поддршка од средината на мајката, но и соодветна поддршка од институциите на системот.
Мит: Нормално е доењето да боли – болките во брадавиците се неизбежни.
Повеќето мајки имаат потешкотии со доењето на почетокот, односно првите денови по раѓањето на бебето, кога се уште се учат како да дојат. Притоа може да дојде до одредени повреди. Сепак, со правилна поддршка со позиционирањето на бебето при доењето и со соодветното поставување на дојката во устата на бебето, болките и повредите на брадавиците и дојките можат да бидат избегнати. Ако постојано имате проблеми со повреди и болки, треба да се консултирате со вашиот доктор.
Mит: Треба да ги миете брадавиците пред да доите.
Миењето на брадавиците пред самото доење не е неопходно. Бебето се раѓа со вродено чувство за мирисот и звукот на мајката. Брадавиците продуцираат супстанца којашто бебето може да ја намириса и содржат доволно количество ,,добри бактерии” за бебето. Ова е особено важно за најмалите, бидејќи микрофлората што се формира во најмалата возраст е клучна градењето на добар имунитет за целиот живот.
Во оваа смисла, доењето го заштитува детето од инфекции, дијареа, пневмонија и други чести заболувања кај најмалите.
Mит: Новороденчето и мајката треба да се разделат, за мајката да одмара.
Докторите, сестрите и aкушерките ги охрабруваат мајките веднаш по пораѓањето постојано да имаат допир кожа на кожа со новороденчето. Така, не само што бебето ќе има најразлични здравствени бенефити, туку и полесно ќе може да се позиционира и да ја пронајде и правилно да и пристапи на брадавицата.
[Поврзано: Чудото на природата наречено ,,допир”]
Мит: Додека се дои не смее да се јаде зачинета храна, зелка, храна со сосови итн..
Како и сите останати, доилките треба да имаат балансирана исхрана. Генерално, нема потреба од менување на нормалните навики за исхрана. Секако треба да се обрне поголемо внимание дали се внесуваат доволно микронутриенти, но не постои храна којашто треба да се избегнува само затоа што доите. Ако мајката забележи дека бебето реагира на специфична храна што таа ја консумира, тогаш треба да се консултира специјалист.
Мит: Вежбањето има ефект врз вкусот на млекото.
Активноста додека жената е трудна или доилка не треба да биде нешто од што треба да се плашиме. Не постојат докази дека вежбањето на било кој начин може да и наштети на мајката во смисла на доењето или пак да го промени вкусот на самото млеко.
Мит: Нема да можеш да го доиш детето ако не започнеш со доење веднаш!
Доњето е секако полесно доколку се почне на почетокот, односно неколку часа по раѓањето, бидејќи рефлексот на бебето е многу силен во тој период. Сепак, во зависност од ситуацијата, тоа секогаш не е можно, па бебето може да почне да цица во првата можна прилика.
Мит: Никогаш не смеете да употребувата формула за хранење ако сакате да доите.
Мајките можат да одлучат некогаш, во одредени ситуации да даваат и формула, но без да го прекинат доењето. Сепак, за да ја задржите продукцијата на млекото, потребно е бебето да цица колку што е можно почесто.
Мит: Многу мајки не можат да продуцираат доволно млеко за доенчето.
Речиси сите мајки создаваат доволни количества млеко за своите бебиња. Продукцијата на млекото зависи од колку често бебето цица и колку од достапното млеко повлекува со секое цицање.
Мит: Не треба да доите доколку сте болни или земате било какви лекови.
Зависно од типот на заболувањето, но мајките вообичаено треба да продолжат да дојат кога се болни. Во многу случаи, антителата што ги произведува телото за да се справи со болеста или инфекцијата се пренесуваат на бебето, правејќи го нивниот имунитет посилен.
Во однос на лекарствата, докторот секогаш треба да се информира дека се работи за доилка и да се прочита упатството. Некогаш е потребно да се смени дозата или самиот тип на лек, но генерално најчесто нема проблеми. Исто така, важно е да се каже дека за лекарствата што ги земате, треба да биде информиран и докторот што го следи бебето.
Мит: Многу е тешко бебето да се откаже од цицање ако веќе цица повеќе од 1 година
Не постојат докази дека бебето потешко се откажува од цицањето ако веќе поминало една година, но постојат докази дека цицањето над 2 години е од корист и за мајката и за детето. Сите мајки и бебиња се различни и треба заедно да се одлучи колку долго ќе трае процесот на доење.