fbpx

Колку е важна ФИЗИЧКАТА АКТИВНОСТ кај лицата со ДИЈАБЕТ?

tonus

Достапноста на храната во историјата на човештвото била генерално мала и ограничена. Секако, со појавата на индустријализацијата и нејзиниот развој тоа засекогаш ќе се промени. Големата достапност на храна која ја имаме денес подразбира дека ние треба да го промениме пристапот и размислувањето кон нашите навики за јадење. Денес е можно без никаков проблем и без големи финансиски вложувања, човек да внесе и 2-3 пати повеќе од неговите дневни потреби за калории.

Поради ваквата достапност, но и поради сè поприсутната процесирана храна (богата со калории, а сиромашна со нутриенти) – се јавуваат низа на здравствени проблеми на глобално ниво. Имено, обезноста и дијабетот се едни од најчестите здравствени проблеми на денешницата, а нажалост и двете се во постојан раст. Токму затоа, денешната статија ја посветуваме на дијабетот тип 2, односно ќе зборуваме за една од главните алатки при справување со оваа состојба – физичката активност.

Што претставува дијабетот тип 2?

Дијабетот тип 2 претставува состојба каде телото неправилно и отежнато се справува со шеќерот во крвта. Тоа претставува хронична состојба и резултира со покачено ниво на шеќер во крвта. Ваквиот проблем се смета дека се јавува главно поради 2 причини. Прво, панкреасот не произведува доволно инсулин, а како втора причина се смета намалената сензитивност, односно влошениот и ослабнат одговор на клетките кон инсулинот. Ова доведува до неефективно дејство на инсулинот со што клетките внесуваат помалку шеќер во себе од потребното.

"“Online”/

Дијабетот тип 2 се асоцира со повозрасната популација, но нажалост, денешниот начин на исхрана и сè почестата застапеност на прекумерната телесна тежина кај популацијата, доведува до појава на овој тип на дијабет и кај помладата популација.

За дијабетот тип 2 не постои конкретен лек, но се смета дека регулирањето на телесната тежина, здравата и балансирана исхрана и редовната физичка активност може да помогнат болеста да се одржува под контрола.

Како физичката активност може да помогне за лицата со дијабет тип 2?

Начинот на кој физичката активност делува позитивно кај лицата со дијабет е прилично едноставен. Прво, за било која форма на физичка активност нашето тело има потреба од енергија. Најдобриот и најбрз начин за добивање на оваа енергија е преку метаболизирање, односно трошење на шеќерот (глукозата) во крвта. Затоа, било каква физичка активност, дури и подолга прошетка, може директно да го намали шеќерот во крвта. Покрај ваквиот директен ефект, физичката активност делува позитивно преку бројни други,  индиректни начини. Имено, сите добро знаеме дека вежбањето и движењето се клучни за слабеењето или пак за одржување на здрава телесна тежина. Ова е особено важно бидејќи обезноста и дијабетот одат рака под рака. Прекумерната телесна тежина се смета за еден од клучните ризик фактори за појава на дијабет тип 2. Дополнително, физичката активност влијае позитивно и врз останатите ризик фактори – крвниот притисок, холестеролот, триглицеридите, стресот и сл. Било која форма на физичка активност се смета дека ја подобрува и инсулинската сензитивност. Тоа значи дека нашите клетки подобро реагираат и го искористуваат инсулинот – нешто што може значително да помогне за регулацијата на шеќерот во крвта.

Кој тип на физичка активност се препорачува?

Речиси секој тип на физичка активност ќе придонесе кон подобро справување со дијабетот. Препораките велат да се комбинираат и аеробични (кардио) и вежби со тежина. Но, сепак ова зависи и од можностите и од личните преференци. Сосем е нормално лицата со дијабет да имаат одреден страв и двоумење кога треба да се започне со некаква активност. Некои луѓе сметаат дека брзо ќе се заморат или пак дека активноста нема да им влијае позитивно. Сето тоа е разбирливо и затоа понекогаш е потребна и поддршка од најблиските со цел да се започне со некаква активност.

Важно е да се напомене дека лицата со дијабет треба добро да ги оценат своите можности и да започнат со активности кои се соодветни за нив. Пешачењето, пливањето и возењето велосипед се активности кои се одлични за почеток и речиси сите може да ги практикуваат. Пред започнување со некоја форма на физичка активност, препорачливо е да се консултирате со вашиот лекар, особено ако сте подолго време физички неактивни. Вашиот лекар може да ви препорача најдобро време од денот за практикување на некоја активност, но и да ви даде препораки во однос на терапијата. Исто така, одредени лица (особено оние на инсулинска терапија) ќе треба да внимаваат шеќерот во крвта да не им се спушти на премногу ниско ниво за време на физичката активност.

Д-р Митов

Д-р Митов

Ние ви помагаме ВИШОКОТ КИЛОГРАМИ и поврзаните БОЛЕСТИ, на ПРИРОДЕН начин и трајно да ги отфрлите, за да бидете: ПОЗДРАВИ, ПОЛЕСНИ и ПОЛЕТНИ!

Leave a Replay

Може ќе ве интересира

Програми

X
Добијте бесплатен пристап до нашиот неделен информатор