fbpx

Истражување – 10 минутна физичка активност е ДОВОЛНА за подобро здравје и расположение!

tonus

Редовната физичка активност е застапена во речиси сите здравствени препораки. Таа е составен дел од здравиот начин на живот и е една од најдобрите здрави навики кои може да ги усвоиме. За придобивките од физичката активност редовно зборуваме на нашиот блог. Сепак, постојат одредени заблуди и недоразбирања кога станува збор за оваа тема. Луѓето често помислуваат дека е потребно многу слободно време, енергија и жртвување за да се направат мали промени во начинот на живот. Но, голем број истражувања покажуваат дека и сосем мали периоди (10-15 минути) се доволни за подобрување на нашето здравје преку некакво раздвижување. Особено е интересна студијата за која ќе зборуваме денес – што покажува дека и само 10-минутно трчање е доволно за одржување на здравјето на мозокот и когнитивните функции, како и за подобрување на расположението.

Зошто е важно да сме физички активни?

Редовната физичка активност, покрај здравата исхрана, е можеби една од наједноставните, а сепак најефикасни алатки за одржување на нашето здравје и виталност. Како здрава навика, вежбањето може значително да допринесе кон подобрување на нашето физичко, но и ментално здравје.

Дел од придобивките кои физичката активност ги дава се:

"“Online”/

–       Одржување на телесната тежина – физичката активност помага да ја одржиме, па и намалиме телесната тежина, бидејќи таа ја зголемува потрошувачката на калории. Било кој тип на активност, во било кој период може да ви помогне да потрошите неколку дополнителни калории.

–       Подобрено срцево здравје и намален ризик од заболувања – вежбањето е добар начин да се регулира „лошиот“ LDL холестерол, а да се подобри нивото на т.н „добар“ холестерол. Редовната физичка активност го намалува ризикот за: мозочен удар, срцев удар, хипертензија, тип 2 дијабет и сл.

–       Подобар и поквалитетен сон – физичката активност е еден од најдобрите начини за да го подобриме квалитетот на нашето спиење. Повеќе на оваа тема може да прочитате во една од нашите претходни статии, која можете да ја најдете тука.

–       Подобрена физичка подготвеност, градење ново мускулно ткиво и поздрави и посилни коски.

–       Подобрено расположение – вежбањето и движењето доведуваат до лачење на одредени хормони – ендорфини, адреналин и сл. Тие се сметаат за заслужни за ефектот на подобрување на расположението кој го има физичката активност.

Десет минутно вежбање – клуч до подобро ментално здравје и расположение

Трчањето е една од најпрактичните форми на физичка активност бидејќи е едноставно, бесплатно и погодно за голем дел од популацијата. Тоа се смета за физичка активност која го подобрува кардиоваскуларното здравје, ги зајакнува мускулите, ја подобрува цврстината на коските, а од друга страна има и прилично силен позитивен ефект врз менталното здравје.

Научниците сметаат дека трчањето е активност која бара сложена координација и поради тоа, делови од мозокот се доста активни при трчањето. Исто така, тоа значително ја зголемува и подобрува циркулацијата со што се зголемува дотокот на крв до мозокот.

Во едно поново истражување, била проучувана функцијата на мозокот, како и расположението кај испитаниците по само 10-минутно трчање. На крајот, резултатите биле споредени со оние кои биле мерени кога испитаниците биле во мирување.

Научниците покажале дека краткото трчање довело до значајно подобрување на расположението и чувство на задоволство и енергичност кај испитаниците. Тие исто така имале подобри резултати на тестовите кои имале за цел да ги измерат нивните когнитивни способности, односно функцијата на мозокот. По трчањето, тие ги завршиле тестовите за пократко време и имале поактивни регии во мозокот – кои биле измерени преку соодветни методи од страна на тимот научници.

Научниците преку оваа студија ги потврдиле резултатите од огромен број претходни студии и покажале дека физичката активност е добра не само за физичкото, туку и за менталното здравје и расположение.

Покрај тоа, преку оваа, но и бројни други слични студии, се побива митот дека е потребно многу слободно време за да се искористат придобивките од некаква физичка активност. Затоа, обидете се секојдневно да внесувата некакво раздвижување и активност со цел да го одржите и дури подобрите вашето целокупно здравје.

[Поврзано: 7 придобивки од вежбите со тежина – здрава навика која може да ја практикувате од дома!]

Д-р Митов

Д-р Митов

Ние ви помагаме ВИШОКОТ КИЛОГРАМИ и поврзаните БОЛЕСТИ, на ПРИРОДЕН начин и трајно да ги отфрлите, за да бидете: ПОЗДРАВИ, ПОЛЕСНИ и ПОЛЕТНИ!

Leave a Replay

X
Добијте бесплатен пристап до нашиот неделен информатор