Моменталниот топлотен бран ги отежнува дури и наједноставните и основни секојдневни обврски. Сосем очекувано е и физичката активност да е пониско ниво, барем додека температурите не се намалат. Кога повторно би се олеснило движењето или пак во посвежите ноќни или утрински часови, важно е да се раздвижиме бидејќи тоа нуди низа на здравствени придобивки. Една важна придобивка е и ефектот кои прошетките или било каков тип на раздвижување го има врз нашето ментално здравје, а токму за тоа ќе зборуваме во продолжение.
Колку често треба да практикуваме некаква физичка активност?
Како најдобра комбинација од вежби за оптимално здравје се смета комбинацијата од аеробични (трчање, џогирање, пливање, возење велосипед) и вежби со тежина. Никогаш и за никого не е доцна да започне со било какво раздвижување. Пешачењето е еден од наједоставните примери за активност која е блага и нежна кон телото и речиси сите може да ја практикуваат. Како добар почеток се смета пешачење од 30 минути, 5 пати во неделата. Со редовна физичка активност, срцето станува поефикасно и посилно, а тоа може лесно да се забележи преку пулсот. На пример, доколку побавно пешачење го покачувало пулсот до 120, со текот на времето, истото темпо на пешачење може да го покачи пулсот само до 100 срцебиења во минута. Тоа значи дека срцето работи поефикасно, односно дека сме ја подобриле неговата функција.
Секако, вежбањето треба да е со доза на умереност и знаците кои ги дава телото секогаш треба да се почитуваат. Уморот е позитивна последица од вежбањето, но дозволете му на телото да одмори бидејќи и одморот е клучен дел од процесот на вежбање.
[Поврзано: НЕДОСТИГ ОД ПРИРОДАТА – Како времето поминато во природа влијае врз нашето ментално здравје?]
Истражување: редовни прошетки може да ги намалат и олеснат симптомите на депресија
Депресијата се смета за една од водечките состојби и предизвици поврзани со менталното здравје. Проценките се дека околу 5% од возрасната популација ширум светот има депресија. Постојат различни методи за третирање на симптомите, а науката константно покажува дека физичката активност е одлично и прилично моќно, природно „оружје“. Паралелно со физичката активност, се смета дека начинот на живот и нашите навики имаат огромна улога во превенција, но и борбата со депресијата.
Една нова, 10-годишна студија спроведена во Ирска, ја проучувала потребната „доза“ на физичка активност со цел намалување на симптомите на депресија. Во студијата биле вклучени лица постари од 50 години.
Резултатите од студијата покажале дека дури и 20-минутна физичка активност (пример прошетка со побрзо темпо), 5 пати неделно, била доволна за значајно намалување на ризикот од појава на депресија. Во студијата биле вклучени над 4.000 испитаници, а тие сами го пријавувале степенот на физичка активност. Бил земен предвид и интензитетот, типот и времетраењето на физичката активност. Според тоа, испитаниците биле поделени во три групи: низок степен, умерен и висок степен на физичка активност. Според ова, научниците откриле дека повозрасните лица кои имале барем 20 минутна физичка активност со умерен или висок интензитет, 5 пати во неделата, имале за 16% помал ризик од појава на симптоми на депресија и за 43% помал вкупен ризик од појава на депресија, споредено со групата која немала никаква физичка активност. Споредувајќи ги трите категории, истражувањето покажало дека придобивките се зголемиле со самиот интензитет и зачестеност на физичка активност. Но, дури и најнискиот степен со најмал интензитет бил доволен за да има импресивно намалување во ризикот од депресија.
[Поврзано: Како ПРАВИЛНО да бидеме ФИЗИЧКИ АКТИВНИ кога е топло?]