fbpx

ФИЗИЧКАТА АКТИВНОСТ – важна за здравјето на КОСКИТЕ, особено кај повозрасната популација!

tonus

На нашиот блог редовно ја потенцираме важноста од редовна физичка активност. Тоа е така, бидејќи како и здравата исхрана, физичката активност е неопходна за одржување на целокупното здравје. Исто така, редовното раздвижување драстично го намалува ризикот за бројни заболувања – кардиоваскуларни заболувања, дијабет, покачени вредности за триглицериди, холестерол итн. Но, покрај одржувањето на нашето здравје, вежбањето е важно и за нашата физичка подготвеност, подвижност и рамнотежа. Во тој поглед, особено кај повозрасните лица се препорачува некакво раздвижување со цел одржување на подвижноста, особено преку зајакнување на мускулите и коските. Токму затоа, денес ќе се задржиме на повозрасната популација, нивниот однос со физичката активност и зошто е таа важна за одржување на здравјето на коските.

Зошто е важна физичката активност за повозрасната популација?

Без разлика на возраста и физичката подготвеност, никогаш не е доцна да се започне со вежбање. Како што старееме, сосем е нормално нивото на енергија и еланот за било каква физичка активност да се намалува. Но, ова не значи дека треба трајно да се откажеме од вежбањето и бенефитите кои истото ги носи.

Кај повозрасните лица, бројните здравствени проблеми, зголемената телесна тежина, намалената енергија и подвижност може да се главен фактор за нивната неактивност. Ваквите околности не треба да доведат до обесхрабрување, бидејќи навистина и најмалата активност е корисна за нашето здравје.

"“Online”/

Проценките се дека луѓето над 65 години, во просек, поминуваат 10+ часа во денот, во седечка или легната положба. Ваквата неактивност има значаен ефект врз нивното здравје. Ризикот од пад, срцеви заболувања и предвремена смрт се зголемува поради ваквиот начин на живот.

Со самото стареење, евидентно е дека телото мора да се раздвижува доколку сакаме квалитетен  живот. Најобичните секојдневни активности, како прошетки, пазарење или дружење со пријателите може да бидат отежнати или спречени поради недоволната активност. Можно е да се јават болки во делови од телото што претходно не ни претставувале проблем.

Истражувањата се неоспорни и навистина бројни се придобивките од физичката активност, како за старите лица, така и за сета останата популација.

Физичката активност е важна за здравјето и цврстината на коските!

На многумина им е добро познато дека физичката активност ги одржува мускулите, но помалку познат факт е дека таа е важна и за цврстината и здравјето на коските. Дополнително, физичката неактивност допринесува за губење на коскеното ткиво. Стареењето, заедно со одредени заболувања  и лекарства може исто така да ги направи коските послаби и кршливи – состојба наречена остеопороза. Ваквата состојба често се јавува кај жените по менопаузата и кај мажите во подоцнежните години. Оваа состојба ги става повозрасните лица во ризик за кршење на коски – особено при помали повреди или падови. Во комбинација со губењето на мускулната маса (природен процес кој се очекува со стареењето), ваквата состојба може навистина да ја наруши мобилноста, но и стабилноста на повозрасните.

Физичката активност делува на сличен начин на коските, како што делува и на мускулите – таа ги зајакнува и одржува цврсти и силни. Особено во младоста, важна е физичката активност со цел да се оформат здрави, силни коски.

Ваквото зацврстување на коските се должи на притисокот, односно тежината која тие ја издржуваат при вежбањето. Тие на тој начин се „адаптираат“, односно приспособуваат на овие оптоварувања – преку градење на ново, посилно коскено ткиво. Ваквото зацврстување има потреба и од здрава и балансирана исхрана, доволен внес на калциум како и соодветни количества на витаминот Д.

Во принцип, вежбите со тежина (сопствена или додадена) и вежбите со некаков отпор се сметаат како најдобри за зајакнување на коските. Во тој поглед, активности како пешачење, трчање, планинарење, танцување, искачување по скали, но и разни спортови – се сметаат како одлични за зајакнување на коските со сопствената тежина.

Колку физичка активност е доволна?

За ефективна програма која може да ги зајакне коските се смета онаа која ќе вклучи барем 30 минутни активности со тежина, барем четири денови неделно. Со цел одржување и исполнување на ваквата програма, како и одржување на потребната мотивација, се препорачуваат активности во кои ќе уживате, а уште подобро е доколку истите ги правите со вашите најблиски или пријателите.

Овие 30 минути физичка активност може да се направат одеднаш или да се поделат на пократки интервали. Ова би значело дека три прошетки во текот на денот од 10 минути, се сосем доволни. Доколку се чувствувате физички подготвено и добро, овие интервали може да ги зголемите или пак да се обидете и со друг тип на активности – возење велосипед, пливање, брзо пешачење и сл.

Д-р Митов

Д-р Митов

Ние ви помагаме ВИШОКОТ КИЛОГРАМИ и поврзаните БОЛЕСТИ, на ПРИРОДЕН начин и трајно да ги отфрлите, за да бидете: ПОЗДРАВИ, ПОЛЕСНИ и ПОЛЕТНИ!

Leave a Replay

X
Добијте бесплатен пристап до нашиот неделен информатор