fbpx

Како ТРАЈНО да ја вклопиме ФИЗИЧКАТА АКТИВНОСТ во нашето секојдневие?

tonus

Постојат неколку работи кои се вклучени во сите здравствени препораки и советувања, а едната од нив е редовната физичка активност и движење. Таа треба да претставува дел од нашето секојдневие и да се практикува со уживање и леснотија. Физичката активност нуди навистина голем број придобивки и може да биде еден од наједноставните начини да го зачуваме, одржуваме па и подобриме нашето здравје. Но, и покрај тоа што луѓето ги знаат и се свесни за придобивките, понекогаш имаат проблем со формирање на навики поврзани со вежбањето, односно со редовноста и континуитетот. Тоа е сосем нормално и очекувано, бидејќи за било која физичка активност е потребно слободно време, енергија и мотивираност, елементи кои на многумина понекогаш им недостасуваат. Но, без разлика на секојдневните обврски и проблеми, движењето и физичката активност можат многу лесно да прераснат во навика со неколку едноставни чекори и совети за кои ќе зборуваме повеќе во денешната статија.

Зошто е важно да сме физички активни?

Редовната физичка активност, покрај здравата исхрана, е можеби една од наједноставните, а сепак најефикасни алатки за одржување на нашето здравје и виталност. Како здрава навика, вежбањето може значително да допринесе кон подобрување на нашето физичко, но и ментално здравје.

Дел од придобивките кои физичката активност ги дава се:

"“Online”/
  • Одржување на телесната тежина – физичката активност помага да ја одржиме, па и намалиме телесната тежина, бидејќи таа ја зголемува потрошувачката на калории. Било кој тип на активност, во било кој период може да ви помогне да потрошите неколку дополнителни калории.
  • Подобрено срцево здравје и намален ризик од заболувања – вежбањето е добар начин да се регулира „лошиот“ LDL холестерол, а да се подобри нивото на т.н „добар“ холестерол. Редовната физичка активност го намалува ризикот за: мозочен удар, срцев удар, хипертензија, тип 2 дијабет и сл.
  • Подобар и поквалитетен сон – физичката активност е еден од најдобрите начини за да го подобриме квалитетот на нашето спиење. Повеќе на оваа тема може да прочитате во една од нашите претходни статии, која можете да ја најдете тука.
  • Подобрена физичка подготвеност, градење ново мускулно ткиво и поздрави и посилни коски.
  • Подобрено расположение – вежбањето и движењето доведуваат до лачење на одредени хормони – ендорфини, адреналин и сл. Тие се сметаат за заслужни за ефектот на подобрување на расположението кој го има физичката активност.

Како да го претвориме вежбањето во трајна навика?

Иако вежбањето е активност која бара слободно време и мотивираност, истата може многу лесно да премине во навика која ќе ни биде неопходна и во која ќе уживаме. Во продолжение издвојуваме неколку совети и начини кои може да ви помогнат во градењето на оваа здрава навика.

1 . Одберете вежба и активност во која ќе уживате

Вежбањето не треба да биде нешто што го правиме присилно и што ни изгледа како несакана обврска. Доколку не сте ја нашле вашата омилена вежба или тип на активност, испробувајте и експериментирајте. Постојат огромен број на вежби и активности кои ќе бидат погодни за вас, а ќе може да ги правите со уживање. Пешачењето заменете го со велосипедизам, трчањето со пливање, а вежбите во теретана со вежби на отворено. Дури и во самата активност (пример вежби со сопствена тежина) ќе постојат одредени вежби кои ви се помалку омилени од останатите. Тоа е сосем нормално и за истите речиси секогаш може да се најде соодветна алтернатива. Препораките дури велат вежбањето да вклучува што е можно поголема разновидност, тема на која имаме зборувано претходно и која можете да ја најдете и прочитате тука.

2 . Вметнете и вклопете го вежбањето во вашиот распоред

Доколку немате време за патување до теретана или до најблискиот парк, физичката активност правете ја во својот дом. Доколку имате парк или отворен простор во вашата близина, искористете го максимално и практикувајте прошетки, возење велосипед или трчање. Вежбањето треба да биде во согласност со вашиот распоред, можности и време на располагање. Доколку немате доволно време, направете ги секојдневните обврски еден вид на физичка активност – пешачење до работа или до дома, чистење на вашиот дом, прошетка со вашето куче и сл. Иако не звучи како многу, ваквите секојдневни ситни раздвижувања имаат позитивен ефект врз здравјето.

3 . Одвојте дел од денот кој ќе биде за некаква физичка активност

Исто како и за останатите навики, вежбањето е најдобро и најлесно да се практикува кога се следи одреден распоред. Асоцирајте ги деновите со некаков тип активност: понеделник е ден за прошетка, вторник за возење велосипед, среда за пливање и сл. Следењето на ваквата рутина ќе ви овозможи полесно да внесете ред и континуитет во вежбањето, а на тој начин тоа полесно и побрзо ќе премине во навика.

4 . Бидете флексибилни и не бидете премногу строги кон себе

Физичката активност е дел од секојдневието, а не секогаш деновите течат како што сме ги замислиле. Затоа, бидете подготвени да прескокнете тренинг, да го преместите за друг дел од денот или да ја смените планираната активност. Но, тоа не значи дека вашата рутина е нарушена и дека сте го нарушиле континуитетот. Бидете флексибилни и не се обвинувајте доколку некој ден не сте во можност да вежбате. Дури и да имате слободно време, некои денови едноставно телото не ви е подготвено за вежбање и тоа е сосем нормално. Редовноста не значи вежбање по секоја цена. Затоа, приспособете го времето за физичка активност кон вашиот распоред и не бидете премногу строги кон себе.

  1. Поставете си реални и изводливи цели

Доколку сте на почеток од градењето на оваа здрава навика, бидете подготвени и свесни дека самиот процес не е брз и резултатите не се случуваат преку ноќ. За градење на било каква навика, потребно е време и решителност. Не дозволувајте да се обесхрабрите уште на самиот почеток поради бавните резултати или поради проблеми со следење на константен распоред на вежбање. Градењето на оваа навика е процес, а на почетокот можеби најважно е да имате трпение и желба. Резултатите доаѓаат постепено, но загарантирано. Полека но сигурно ќе забележите промени во вашето расположение, телесна тежина и здравје, а тоа може да ви даде огромна дополнителна мотивираност и желба да продолжите.

6 . Не се фокусирајте само на телесната тежина

Доколку физичката активност е алатка за да ја регулирате телесната тежина, тогаш секако овој параметар е од најголемо значење за вас. Но, тој не е единствениот на кој треба да се посветите. Може да дојде до значителни промени во вашето тело и здравје, а тоа да не е толку воочливо преку телесната тежина. Во одредени случаи, луѓето ја одржуваат речиси истата тежина, но имаат помалку од масните наслаги, а градат ново и зголемено мускулно ткиво. Дополнително, вежбањето и физичката активност носат огромен број други бенефити за кои веќе зборувавме. Целокупниот квалитет на живеење се подобрува, а тоа е можеби најважниот аспект од оваа здрава животна навика.

Д-р Митов

Д-р Митов

Ние ви помагаме ВИШОКОТ КИЛОГРАМИ и поврзаните БОЛЕСТИ, на ПРИРОДЕН начин и трајно да ги отфрлите, за да бидете: ПОЗДРАВИ, ПОЛЕСНИ и ПОЛЕТНИ!

Leave a Replay

X
Добијте бесплатен пристап до нашиот неделен информатор