fbpx

Постои ли ЕДНОСТАВЕН начин да бидеме посреќни? – науката вели, редовна ФИЗИЧКА АКТИВНОСТ!

tonus

Иако можеби топлото време го отежнува движењето за многумина, сепак е важно да ги запазиме препораките за физичка активност. Тоа секако, можеме да го направиме рано наутро или навечер кога е малку посвежо. Активности на отворено: трчање, брзо пешачење, возење велосипед – се одличен начин да го одржуваме нашето здравје и кондиција. Секако, не треба да ги заборавиме и вежбите со тежина кои може да ги правиме дома или во теретана. За придобивките од физичката активност имаме зборувано преку огромен број статии на нашиот блог, но денес ќе зборуваме за една доста едноставна придобивка од раздвижувањето, а тоа е чувството на среќа и исполнетост.

Зошто е важно да сме физички активни?

Редовната физичка активност, покрај здравата исхрана, е можеби една од наједноставните, а сепак најефикасни алатки за одржување на нашето здравје и виталност. Како здрава навика, вежбањето може значително да допринесе кон подобрување на нашето физичко, но и ментално здравје.

Дел од придобивките кои физичката активност ги дава се:

"“Online”/
  • Одржување на телесната тежина – физичката активност помага да ја одржиме, па и намалиме телесната тежина, бидејќи таа ја зголемува потрошувачката на калории. Било кој тип на активност, во било кој период може да ви помогне да потрошите неколку дополнителни калории.
  • Подобрено срцево здравје и намален ризик од заболувања – вежбањето е добар начин да се регулира „лошиот“ LDL холестерол, а да се подобри нивото на т.н „добар“ холестерол. Редовната физичка активност го намалува ризикот за: мозочен удар, срцев удар, хипертензија, тип 2 дијабет и сл.
  • Подобар и поквалитетен сон – физичката активност е еден од најдобрите начини за да го подобриме квалитетот на нашето спиење. Повеќе на оваа тема може да прочитате во една од нашите претходни статии, која можете да ја најдете тука.
  • Подобрена физичка подготвеност, градење ново мускулно ткиво и поздрави и посилни коски.
  • Подобрено расположение – вежбањето и движењето доведуваат до лачење на одредени хормони – ендорфини, адреналин и сл. Тие се сметаат за заслужни за ефектот на подобрување на расположението кој го има физичката активност и токму за ова ќе зборуваме во продолжение.

Колку често треба да практикуваме некакви физички активности?

Како најдобра комбинација од вежби за оптимално здравје се смета комбинацијата од аеробични (трчање, џогирање, пливање, возење велосипед) и вежби со тежина. Никогаш и за никого не е доцна да започне со било какво раздвижување. Пешачењето е еден од наједоставните примери за активност која е блага и нежна кон телото и речиси сите може да ја практикуваат. Како добар почеток се смета пешачење од 30 минути, 5 пати во неделата. Со редовна физичка активност, срцето станува поефикасно и посилно, а тоа може лесно да се забележи преку пулсот. На пример, доколку побавно пешачење го покачувало пулсот до 120, со текот на времето, истото темпо на пешачење може да го покачи пулсот само до 100 срцебиења во минута. Тоа значи дека срцето работи поефикасно, односно дека сме ја подобриле неговата функција.

Секако, вежбањето треба да е со доза на умереност и знаците кои ги дава телото секогаш треба да се почитуваат. Уморот е позитивна последица од вежбањето, но дозволете му на телото да одмори бидејќи и одморот е клучен дел од процесот на вежбање.

Како вежбањето нè прави среќни и исполнети?

Без разлика дали сте често физички активни, сигурно сте почувствувале одреден наплив на енергија и одлично расположение по завршувањето со некаква физичка активност. Добро е познато дека за време на вежбањето се лачат голем број на хормони, а токму тие се заслужни за ваквото подобрено расположение. Тука спаѓаат ендорфините, допаминот, адреналинот и многу други. Сите овие хормони имаат докажано позитивно дејство за нашето расположение, чувство на среќа и енергичност. Дополнително, се лачи и едно соединение наречено миокин, што се создава кога нашите мускули прават зачестени контракции. Миокинот се смета дека го намалува стресот, го подобрува расположението и со текот на времето ја менува функцијата и структурата на мозокот, со што нè прави опторни на стрес.

Но, дали редовното вежбање и раздвижување може да ни помогне да сме долгорочно посреќни? Науката вели да.

Веќе имаме зборувано дека понекогаш само и 10 минутно вежбање е доволно за да се искористат голем дел од придобивките на физичката активност. Тоа укажува дека најважна е редовноста и конзистентноста.

Физичката активност може долгорочно да ја контролира и намали анксиозноста и депресијата. Голем број студии покажуваат дека ова важи за секоја возраст и дека годините воопшто не треба да бидат препрека или изговор за постарата популација. Исто така, физичката активност делува и на нашата самодоверба, што пак, може да биде особено корисно за чувството на среќа и исполнетост. Редовното раздвижување делува позитивно и на нашите навики за исхрана (апетит), квалитетот на спиење, подобрување на когнитивните способности, концентрацијата и сл. Сето ова заедно доведува до поголема исполнетост, среќа и подобрен квалитет на живот.

Д-р Митов

Д-р Митов

Ние ви помагаме ВИШОКОТ КИЛОГРАМИ и поврзаните БОЛЕСТИ, на ПРИРОДЕН начин и трајно да ги отфрлите, за да бидете: ПОЗДРАВИ, ПОЛЕСНИ и ПОЛЕТНИ!

Leave a Replay

X
Добијте бесплатен пристап до нашиот неделен информатор