Кога станува збор за повозрасната популација, нажалост, речиси целиот фокус се става на физичкото здравје, па некогаш целосно се игнорира и запоставува менталното здравје и благосостојбата. Повозрасните се особено подложни на осаменост, чувство на изолираност, депресија и сл. – фактори кои имаат исклучително тешки и силни последици по менталното здравје. Постојат неколку промени во начинот на живеење кои се препорачуваат во овој поглед – зголемен степен на социјализација, практикување на хоби, престојување во природа, физичка активност и сл. Во оваа статија, ќе се задржиме на ефектите на физичката активност, односно ќе погледнеме како и зошто таа делува позитивно на менталното здравје и расположение кај повозрасните.
Зошто е физичката активност особено важна за повозрасната популација?
Без разлика на возраста и физичката подготвеност, никогаш не е доцна да се започне со вежбање. Како што старееме, сосем е нормално нивото на енергија и еланот за било каква физичка активност да се намалува. Но, ова не значи дека треба трајно да се откажеме од вежбањето и бенефитите кои истото ги носи.
Кај повозрасните лица, бројните здравствени проблеми, зголемената телесна тежина, намалената енергија и подвижност може да се главен фактор за нивната неактивност. Ваквите околности не треба да доведат до обесхрабрување, бидејќи навистина и најмалата активност е корисна за нашето здравје.
Проценките се дека луѓето над 65 години, во просек, поминуваат 10+ часа во денот, во седечка или легната положба. Ваквата неактивност има значаен ефект врз нивното здравје. Ризикот од пад, срцеви заболувања и предвремена смрт се зголемува поради ваквиот начин на живот.
Со самото стареење, евидентно е дека телото мора да се раздвижува доколку сакаме квалитетен живот. Најобичните секојдневни активности, како прошетки, пазарење или дружење со пријателите може да бидат отежнати или спречени поради недоволната активност. Можно е да се јават болки во делови од телото што претходно не ни претставувале проблем.
Истражувањата се неоспорни и навистина бројни се придобивките од физичката активност, како за старите лица, така и за сета останата популација.
Кои се бенефитите од редовната физичка активност врз менталното здравје и расположението?
Редовната физичка активност нуди значителни придобивки за менталното здравје на возрасните лица, првенствено преку подобрување на когнитивната функција и намалување на симптомите на анксиозност и депресија. Движењето ја промовира неврогенезата, процесот на создавање на нови неврони во мозокот, особено во хипокампусот, регион кој е критичен за меморијата и учењето. Ова помага да се ублажи и намали природниот и очекуван когнитивен пад поврзан со возраста, но и ја подобрува целокупната функција на мозокот.
Дополнително, физичката активност го поттикнува ослободувањето на ендорфини и други невротрансмитери како серотонин и допамин, кои се неопходни за регулирање на расположението и ублажување на ефектите на депресија. Истражувањата покажуваат дека повозрасните лица кои редовно се физички активни, имаат и пониски нивоа на анксиозност, поретко имаат депресија, а имаат и подобрен квалитет на спиењето, што дополнително го поддржува менталното здравје. Движењето исто така го намалува воспалението и оксидативниот стрес, фактори кои се поврзани со нарушувања на менталното здравје и когнитивните функции. Покрај тоа, редовната физичка активност ја поттикнува социјалната интеракција и дружењето, ја подобрува самодовербата, го намалува чувството на изолираност, а дава и чувство на исполнетост и на некакво постигнување. Сите овие ефекти заедно придонесуваат за подобро ментално здравје, подобро расположение, но и секако, подобро физичко здравје и кондиција.