fbpx

Покрај бројните позитивни ефекти, физичката активност има и анти-воспалително дејство!

tonus

Вежбањето и редовната физичка активност се дел од т.н здрави животни навики. Редовно зборуваме на нашиот блог за бројните придобивки од вежбањето, како и за неговата важност и неопходност. Имено, физичката активност, доколку редовно се практикува, значително го подобрува квалитетот на живеењето, но и на целокупното здравје. Секако, редовното раздвижување помага и да останеме фит и да сме физички подготвени. Но, бројни истражувања го поврзуваат вежбањето и со анти-воспалителни ефекти, а токму ова ќе биде темата на оваа денешна статија.

Што претставува инфламацијата?

Инфламацијата или воспалението е природен процес и е дел од одбранбениот механизам на организмот и истото има клучна улога при процесот на заздравување. При појава на „натрапник“ во телото, се јавува одговор со цел негово отстранување. „Натрапникот“ може да биде бактерија, вирус или пак обичен неоргански предмет – трн, прашина или некаков иритант.

Постојат два типа на инфламација – акутна и хронична.

"“Online”/

Акутната инфламација е предизвикана од некаков тип на повреда или заболување и како што кажува името, таа е акутна односно краткотрајна. Таа е проследена со симптоми од типот на: болки, црвенило на повредената област, оток, чувство на топлина и сл.

Меѓутоа, ваквите симптоми не секогаш се присутни, па воспалението може да биде и присутно без никакви симптоми. Најчесто акутната инфламација трае неколку денови. Субакутната инфламација може да трае 2-6 недели.

Другиот тип на инфламација, хроничната, може да трае со месеци па дури и години. Таа е најчесто поврзана со други заболувања како: дијабет, кардиоваскуларни заболувања, артритис, ревматоиден артритис, псоријаза и сл.

Овој тип на воспаление е далеку поштетен и опасен, бидејќи може да трае навистина долго и да предизвика низа на проблеми како покачување на телесната тежина и низа на заболувања – дијабет, срцеви заболувања, канцер и сл.

Најчест начин за мерење на степенот на воспаление е преку мерење на т.н биомаркери или инфламациони маркери.

Ефектот на вежбањето врз инфламацијата

Бројните позитивни ефекти на физичката активност врз човековото здравје се добро познати за науката. Имено, таа може да допринесе кон:

  • Подобро кардиоваскуларно здравје
  • Подобра регулација на телесната тежина и нејзино полесно намалување
  • Намален ризик од дијабет и подобра контрола на нивото на шеќерот во крвта
  • Намалување на нивото на холестерол и триглицериди
  • Подобро расположение и целокупно ментално здравје
  • Подобра рамнотежа, физичка подготвеност и мускулна сила

Покрај набројаните бенефити, едно релативно ново истражување ја покажало и поврзаноста меѓу вежбањето и намалената инфламација. Ваквата студија сакала да покаже дека и 20-минутно вежбање може да има позитивен ефект во поглед на воспаленијата. Имено, при самото вежбање доаѓа до покачување на пулсот, крвниот притисок и брзината на дишење. Дополнително, се лачат и одредени хормони – првенствено епинефрин (адреналин) и норепинерфин (норадреналин). Овие хормони се смета дека активираат одредени рецептори во клетките кои се дел од имуниот систем. Ваквата реакција всушност доведува до поттиснатo создавање на цитокини – соединенија кои се асоцираат со сигнализирање и активирање на воспалителни процеси.

[Поврзано: 7 придобивки од вежбите со тежина – здрава навика која можете да ја практикувате од дома!]

Резултати од истражувањето – само 20 минутно вежбање е доволно да ја намали инфламацијата

Во испитувањето биле вклучени 47 испитаници кои пешачеле на лента во период од 20 минути. Темпото на пешачење било адаптирано според нивната физичка подготвеност. Пред и по пешачењето биле земени примероци од нивната крв кои подоцна биле анализирани.

Научниците октриле дека и само една сесија од 20 минутна физичка активност довело до 5% намалување во создавање на клетките кои се карактеристични за некое воспаление. Ваквите резултати не се нови за науката, но научниците потенцираат дека истите се особено важни бидејќи покажуваат дека и обична активност како пешачењето е доволна за телото да бележи значителни здравствени придобивки. Честопати, луѓето ги асоцираат ваквите придобивки со интензивни и долги физички активности, а токму овие резултати покажуваат дека и обичното раздвижување може да има позитивен ефект, а во овој случај, тоа би било анти-воспалителното дејство.

 

Д-р Митов

Д-р Митов

Ние ви помагаме ВИШОКОТ КИЛОГРАМИ и поврзаните БОЛЕСТИ, на ПРИРОДЕН начин и трајно да ги отфрлите, за да бидете: ПОЗДРАВИ, ПОЛЕСНИ и ПОЛЕТНИ!

Leave a Replay

X
Добијте бесплатен пристап до нашиот неделен информатор