Прекумерната тежина е еден од главните ризици и проблеми по јавното здравје, со навистина загрижувачки и алармантни статистики. Кон овој проблем навистина треба да се промени пристапот и начинот на кој се гледа – ова не е естетски проблем, туку и сериозно здравствен проблем. Поради тоа, намалување или одржување на веќе постоечката тежина е клучно за многумина. Денес, ќе зборуваме за важноста од одржување на стандардна, помала големина на порциите и како истото ќе се рефлектира долгорочно врз наше поуспешно регулирање на телесната тежина.
Зошто всушност се дебелееме?
Како што веќе знаеме, улогата на масното ткиво е да ја зачува, односно складира вишокот енергија внесена преку исхраната. Во минатото, ваквата можност за складирање на енергијата значело опстанок за нашите предци. Но, денес храната е многу подостапна и калорична, физичката активност е намалена, а тоа се услови при кои се создава ваквото масно ткиво.
Често се среќава и под името адипозно ткиво, што е друг термин за масното ткиво. Покрај ваквото адипозно ткиво, телото може да складира енергија во форма на масти и во мускулите, црниот дроб и другите органи.
Значи причината за создавањето е релативно едноставна. Внесуваме повеќе енергија од она што ни е потребно.
Но, покрај внесот на калории, бројни други фактори и навики во нашето секојдневие имаат улога врз нашата телесна тежина.
Последици по здравјето поради прекумерна тежина
Најчестите состојби кои се асоцираат и чиј ризик за појава се зголемува поради зголемената тежина се:
- Кардиоваскуларните заболувања – главна причина за смртноста на светско ниво во 2012 година
- Дијабет и инсулинска резистенција
- Состојби на коските и зглобовите, пример остеоартритис
- Одредени видови на канцер
Ризикот за овие заболувања расте пропорционално со зголемената телесна тежина. Кај децата, прекумерната тежина го зголемува ризикот за гојазност во подоцнежниот живот, како и за низа на други здравствени проблеми. Покрај тоа, кај децата кои имаат вишок килограми може да се јават моментални здравствени состојби како: проблеми со дишењето, зголемен ризик од скршеници, хипертензија, инсулинска резистентност и сл.
Како големината на порциите може да ни помогне полесно да одржуваме здрава тежина?
Големината на порциите игра клучна улога во управувањето со тежината преку директно регулирање на количината на храна што се консумира за време на оброците. Научно гледано, главниот механизам се базира секако околу калорискиот внес и макронутритивниот состав.
Поголеми порции со повеќе храна од потребното може да доведат до прекумерен внес на калории, прејадување и нормално, покачување на тежината. Истражувањата покажуваат дека луѓето често го потценуваат бројот на калории во големи порции, што доведува до прејадување. Тука голем допринос има и психолошкиот момент, односно т.н „јадење со очите“ – односно, сервирање на поголема количина храна само поради визуелниот стимул и моменталното чувство на глад.
Доколку секојдневно имаме слична големина на порциите, не се прејадуваме и внимаваме чинијата да содржи разновидна храна – полесно може да ја одржуваме телесната тежина. Контролата на порциите помага и во регулирање на сигналите за глад и ситост, што го олеснува одржувањето на апетитот, односно помага и во нормален баланс на хормоните за глад и ситост – грелин и лептин. Луѓето кои често се прејадуваат, генерално имаат и поголем ризик од прекумерна тежина, но и самите хормони имаат нарушена сигнализација за чувството на ситост. Практичните совети за контрола на порциите вклучуваат користење помали чинии, мерење на храната и внимавање на прејадувањето, особено кога јадете надвор или консумирате пакувана храна. Се препорачува храната да не се јаде директно од пакувањето, туку да се стави во мерлива, мала чинија или здела.
Помали порции значат подобра регулација на тежината, но и на бројни хормони – меѓу кои е и инсулинот, нешто што е особено важно за дијабетичарите. Доколку сакате да прочитате повеќе за оваа тема, кликнете ТУКА.