fbpx

ХАШИМОТО тироидит и ГЛУТЕН – која е поврзаноста?

tonus

Изминатата недела зборувавме малку повеќе на темата – тироидна жлезда. Ја објаснивме нејзината функција, функцијата на хормоните, како и најчестите здравствени проблеми кои може да се јават. Еден од нив е и Хашимото тироидитот, состојба која е нажалост, доста честа. Споменавме како може и исхраната да влијае кон функцијата на тироидната жлезда, па во тој поглед денес ќе зборуваме малку повеќе за безглутенската исхрана и како таа може да помогне кај лицата со Хашимото.

Што претставува Хашимото тироидитис?

Хашимото тироидитис претставува воспаление на тироидната жлезда, кое се јавува како резултат на сложени автоимуни процеси во организмот. Имено, имуниот систем создава антитела кои селективно ја напаѓаат тироидната жлезда. Ваквата состојба – Хашимото тироидитис се смета за  најчестата причина за појава и развој на хипотироидизам. Таа претставува хронична состојба која може да се развива постепено со текот на годините и да предизвика оштетување на тироидната жлезда.

Хипотироидизам значи дека тироидната жлезда не создава доволно од нејзините хормони со цел да ги задоволи потребите на организмот. Ваквата недоволна продукција е резултат на оштетувањето кое го предизвикало имуниот систем. Тироидната жлезда инаку лачи хормони кои се од неопходно значење за целиот организам и се заслужни за правилното одвивање на бројни метаболички процеси.

"“Online”/

Како ризик фактори за Хашимото се сметаат:

–       Пол (ваквата состојба е позастапена кај жените)

–       Возраст (најчесто се јавува кај луѓето меѓу 30-50 години)

–       Генетика и фамилијарна историја

–       Останати автоимуни болести

На почетокот, можно е да нема никакви симптоми кај лицата со Хашимото. Но, со прогресирање на болеста доаѓа до зголемување на тироидната жлезда и до појава на т.н „гушавост“. Тоа е најчесто првиот симптом за оваа болест, а покрај тоа може да се јават и:

–       Замор

–       Покачување на телесната тежина

–       Згрченост на зглобовите и болки во мускулите

–       Констипација

–       Сува кожа

–       Проблеми со меморијата и концентрацијата

–       Чувство на студ и др.

Ваквата состојба најчесто се дијагностицира со правење на крвна слика преку која ќе се испитаат нивоата на хормоните на тироидната жлезда. Дополнително, може да се направи и преглед со ултразвук за да се увиди големината и состојбата на тироидната жлезда. Во некои случаи, Хашимото состојбата не предизвикува хипотироидизам. Но, доколку предизвика, ќе биде потребно користење на одредени лекарства со цел враќање на нормалната функција на жлездата. Покрај тоа, одредени промени во начинот на исхрана може да бидат корисни.

Како исхраната влијае на Хашимото тироидитис?

Не постои одреден, специфичен тип на исхрана кој може да помогне кај лицата со Хашимото. Но, исхраната сепак има голема улога и може да влијае позитивно. Некои истражувања покажуваат дека инфламацијата или воспалението може да биде еден од главните фактори позади симптомите на Хашимото, а ваквата инфламација е често поврзана и со исхраната. Покрај тоа, начинот на живот и исхраната може да го намалат ризикот за други здравствени состојби. Ова е важно, бидејќи луѓето кои страдаат од Хашимото имаат зголемен ризик за појава на други автоимуни заболувања. Истржаувањата покажуваат дека исклучување на одредени типови на храна, земање на суплементи и промени во одредени животни навики, може да допринесе кон значително подобрување на симптомите на Хашимото.

Некои студии покажуваат дека луѓето кои страдаат од Хашимото тироидитис, исто така имаат и одредени интолеранции кон одредени намирници, особено кон глутенот. Затоа, за многумина од луѓето, исхрана без глутен се покажала како корисна и ги намалила дел од симптомите кои луѓето ги имале: констипација, дијареа, грчеви, надуеност, главоболки, замор и сл. Секако, ваквото исклучување на глутенот не е потребен за сите, па затоа проверка на можна интолеранција е првиот чекор.

Како и дали глутенот може да влијае врз Хашимото тироидитот?

Како што споменавме, кај лицата со Хашимото, телото создава антитела кои ја напаѓаат жлездата. Се смета дека лицата кои имаат Хашимото и внесуваат глутен (преку житарки и пекарски продукти) може дополнително да ги активираат овие антитела. Но, зошто всушност настанува ваквиот проблем?

Се смета дека прекумерниот внес на глутен (типичен за модерната исхрана) може да доведе до активирање на делови од нашата ДНК,  кои пак се заслужни за создавање на имуни клетки – макрофаги. Ваквиот ризик е особено висок и нагласен кај лица кои веќе имаат генетски предиспозиции за автоимуни заболувања. Ова е еден од главните механизми преку кој се смета дека глутенот може да влијае негативно, но секако постојат и други.

Доколку се зголеми бројот на антителата и доколку тие се активираат дополнително, може да дојде до влошување на состојбата со тироидната жлезда. Токму затоа, се препорачува анти-воспалителната исхрана, со цел да се забави и намали имуниот одговор на телото, односно да се намали бројот на создадени антитела. Но, важно е да напоменеме дека лицата кои ќе следат без-глутенска исхрана, а притоа немаат глутенска интолерантност, можно е да немаат значителни резултати од ваквиот режим, а кај некои пак, можно е да делува позитивно. Резултатите од истражувањата се поделени. Една студија покажала дека жените со Хашимото кои следеле без-глутенска исхрана имале намалени нивоа на антитела, но сепак повеќе истражување е потребно за да се потврдат ваквите резултати.

Сепак, важно е да напоменеме дека лицата со Хашимото имаат зголемен ризик за глутенска интолерантност, па поради тоа често и се препорачува ваквата исхрана. Секако, пожелно е да се направи и испитување дали навистина постои интолерантност кон глутенот.

На страна од глутенот, за лицата со Хашимото се препорачува редовна употреба на: овошје, зеленчук, извори на здрави масти (маслиново масло, риба, јаткасти плодови), протеини (пилешко, мисиркино, ниско-маслени млечни продукти), храна која содржи селен (во умерени, точно определени количини), храна богата со железо и сл.

Строго се препорачува да се избегнува секаква храна која може да ја влоши инфламацијата, односно: брза храна, кондиторски производи, храна богата со заситени и транс масти, алкохол, сокови и сл.

Д-р Митов

Д-р Митов

Ние ви помагаме ВИШОКОТ КИЛОГРАМИ и поврзаните БОЛЕСТИ, на ПРИРОДЕН начин и трајно да ги отфрлите, за да бидете: ПОЗДРАВИ, ПОЛЕСНИ и ПОЛЕТНИ!

Leave a Replay

X
Добијте бесплатен пристап до нашиот неделен информатор