fbpx

Што претставува Хашимото тироидит и дали ИСХРАНАТА може да влијае?

tonus

Проблемите со тироидната жлезда се нажалост познати на многумина и ваквaта здравствена состојба е прилично често застапена кај луѓето. Во САД, се проценува дека околу 3-5% од популацијата страда од т.н Хашимото тироидит, односно состојба која резултира со хипотироидизам. Токму поради тоа, во продолжение ќе зборуваме за Хашимото состојбата, како и за најсоодветната исхрана за луѓето кои страдаат од оваа состојба.

 

Што претставува Хашимото тироидитис?

 

Хашимото тироидитис претставува воспаление на тироидната жлезда, кое се јавува како резултат на сложени автоимуни процеси во организмот. Имено, имуниот систем создава антитела кои селективно ја напаѓаат тироидната жлезда. Ваквата состојба – Хашимото тироидит се смета за  најчестата причина за појава и развој на хипотироидизам. Таа претставува хронична состојба која може да се развива постепено со текот на годините и да предизвика оштетување на тироидната жлезда.

 

Хипотироидизам значи дека тироидната жлезда не создава доволно од нејзините хормони со цел да ги задоволи потребите на организмот. Ваквата недоволна продукција е резултат на оштетувањето кое го предизвикало имуниот систем. Тироидната жлезда инаку лачи хормони кои се од неопходно значење за целиот организам и се заслужни за правилното одвивање на бројни метаболички процеси.

"“Online”/

 

Како ризик фактори за Хашимото се сметаат:

  • Пол (ваквата состојба е позастапена кај жените)
  • Возраст (најчесто се јавува кај луѓето меѓу 30-50 години)
  • Генетика и фамилијарна историја
  • Останати автоимуни болести

 

На почетокот, можно е да нема никакви симптоми кај лицата со Хашимото. Но, со прогресирање на болеста доаѓа до зголемување на тироидната жлезда и до појава на т.н „гушавост“. Тоа е најчесто првиот симптом за оваа болест, а покрај тоа може да се јават и:

 

  • Замор
  • Покачување на телесната тежина
  • Згрченост на зглобовите и болки во мускулите
  • Констипација
  • Сува кожа
  • Проблеми со меморијата и концентрацијата
  • Чувство на студ и др.

 

Ваквата состојба најчесто се дијагностицира со правење на крвна слика преку која ќе се испитаат нивоата на хормоните на тироидната жлезда. Дополнително, може да се направи и преглед со ултразвук за да се увиди големината и состојбата на тироидната жлезда. Во некои случаи, Хашимото состојбата не предизвикува хипотироидизам. Но, доколку предизвика, ќе биде потребно користење на одредени лекарства со цел враќање на нормалната функција на жлездата. Покрај тоа, одредени промени во начинот на исхрана може да бидат корисни.

 

Како исхраната влијае на Хашимото тироидит?

 

Не постои одреден, специфичен тип на исхрана кој може да помогне кај лицата со Хашимото. Но, исхраната сепак има голема улога и може да влијае позитивно. Некои истражувања покажуваат дека инфламацијата или воспалението може да биде еден од главните фактори позади симптомите на Хашимото, а ваквата инфламација е често поврзана и со исхраната. Покрај тоа, начинот на живот и исхраната може да го намалат ризикот за други здравствени состојби. Ова е важно, бидејќи луѓето кои страдаат од Хашимото имаат зголемен ризик за појава на други автоимуни заболувања. Истражувањата покажуваат дека исклучување на одредени типови на храна, земање на суплементи и промени во одредени животни навики, може да допринесе кон значително подобрување на симптомите на Хашимото.

 

Некои студии покажуваат дека луѓето кои страдаат од Хашимото тироидитис, исто така имаат и одредени интолеранции кон одредени намирници, особено кон глутенот. Затоа, за многумина од луѓето, исхрана без глутен се покажала како корисна и ги намалила дел од симптомите кои луѓето ги имале: констипација, дијареа, грчеви, надуеност, главоболки, замор и сл. Секако, ваквото исклучување на глутенот не е потребен за сите, па затоа проверка на можна интолеранција е првиот чекор.

 

Витаминот Д бил тема на бројни истражувања и неговите ниски нивоа биле поврзани со Хашимото болеста. Во една студија која вклучила 218 испитаници, 85% имале дефицит на овој витамин. Затоа, сите лица кои страдаат од Хашимото, треба да го испитаат витаминот Д. Изложеноста на сонце е најдобар начин за обезбедување на соодветни количества од овој витамин, но во зимскиот период тоа може да биде предизвик. Затоа, суплементите и исхраната може да бидат одличен извор на витаминот Д. Kако храна која е богата со витамин Д се смета: лосос и останати масни риби, млеко, печурки, рибино масло,  јајца и сл.

 

Покрај витаминот Д, селенот е уште еден микронутриент кој науката го поврзува со Хашимото тироидитисот. Тироидната жлезда содржи најголема концентрација на селен во организмот. Како и витаминот Д, ниските нивоа на селен се чести кај луѓето со Хашимото. Инаку, селенот е минерал кој има повеќе разни клучни улоги во организмот, како нормална и оптимална функција на мозокот, имуниот систем и фертилноста. Намирници кои се богати со селен се: бразилски ореви, туна, школки, сардини, јајца, сончоглед, телешко месо и др. Секако овие намирници треба да се консумираат умерено.

 

Намирници кои треба да се избегнуваат се оние кои може да ја зголемат и поттикнат инфламацијата во телото – храна богата со додаден рафиниран шеќер, пржена храна, храна со транс масти, како и сите типови на високо процесирани намирници.

Д-р Митов

Д-р Митов

Ние ви помагаме ВИШОКОТ КИЛОГРАМИ и поврзаните БОЛЕСТИ, на ПРИРОДЕН начин и трајно да ги отфрлите, за да бидете: ПОЗДРАВИ, ПОЛЕСНИ и ПОЛЕТНИ!

Leave a Replay

X
Добијте бесплатен пристап до нашиот неделен информатор