fbpx

Хеликобактер пилори – Непоканетиот гостин во желудникот! Што треба да знаете?

tonus

Проблемите со желудникот се доста чести, особено кај повозрасната популација, па така речиси секој втор човек се жали на некакви тегоби во стомакот кои често го измачуваат.

Дали се тоа чести подригнувања, киселини, болки со различен интензитет, печење, надуеност итн. Сите набројани симптоми укажуваат на некакво воспаление во слузокожата на желудникот кое може да биде и хронично.

Што е H. pylori?

Една од најчестите причини за ваквото воспаление е токму бактеријата Helicobacter pylori, патогена грам негативна, спирална и подвижна бактерија откриена во 1982 од австралиски научници. До тогаш, лекарите сметале дека причина за симптомите на гастритис се стресот, лутата, киселата храна, алкохолот, пушењето итн.

"“Online”/

H.pylori предизвикува повеќе од 90% од чиревите на дебелото црево и до 80% од чиревите на желудник. Таа е една од ретките приспособени бактерии за живот во екстремно кисели услови, како оние во желудникот. Поседува посебни ензими (уреази) кои за неа креираат помал простор со погодна pH вредност.

Голем дел од луѓето се носители на оваа бактерија (која станува и дел од природната микрофлора), но не се свесни бидејќи не им предизвикува никакви симптоми или инфекција. Таа освен во дигестивниот тракт, пронајдена е и во раните во усната празнина, забните наслаги, плунката и столицата.

Инфекција со H. pylori и можни компликации

Се смета дека повеќе од 50% од светското население се носители на оваа бактерија, но како што рековме, таа често не предизвикува никаква штета живеејќи ,,затскриено” во слузокожата на желудникот. Сепак, во некои случаи, под дејство на одредени фактори како што се стресот, неправилната исхрана, алкохолот, пушењето итн, таа може експоненцијално да се размножи и да почне да ни предизвикува штета. Но, важно е да се каже дека споменатите тригери за наглото размножување на оваа бактерија, сé уште не се сосема познати.

Инфицирањето пак, може да настане и поради блиски контакти со инфицирано лице или пак поради лоша лична и хигиена на храната. Инфекцијата може да настане и со години по самиот внес на бактеријата, која најчесто ја внесуваат децата.

Хеликобактериите негативното дејство го остваруваат преку излачување на бактериски токсини кои заедно со амонијакот кој го создаваат делуваат на оштетување на мукозниот заштитен слој на желудочната слузокожа. Кога овој слој е оштетен, желудочната киселина може да го нагриза ткивото на желудникот, што на долг рок води кон хроничните симптоми на гастритис и го зголемува ризикот од чиреви и малигни заболувања на желудникот.

Заради ова, многу е важно на самиот почеток од симптомите да се јавите кај матичниот лекар.

Симптоми на инфекцијата

Поголемиот дел од инфицираните никогаш и не покажуваат некаква симптоматологија. Не е утврдено зошто е тоа така, но се смета дека ова е можеби случај заради вродената отпорност на некои луѓе од штетните ефекти на H.pylori, но симптомите зависат и од видот на бактеријата (некои се поагреснивни).

Кога симптомите ќе се појават, тие најчесто вклучуваат:

• чувство на горење во стомакот
стомачна болка која е поинтензивна кога желудникот е празен
мачнини и повраќање
загуба на апетитот
често подригнување
надуеност
поголеми загуби на телесната тежина без намера

Можни се и потешки симптоми, резултат на компликации со чиревите, нивно крварење итн, по кои треба веднаш да се јавите на лекар:

тешка и конзистентна болка во стомакот
значително отежнато голтање
крвава или многу темна столица
крваво или темно повраќање
отежнато дишење и дезориентираност

Дијагностицирање

Причините за симптомите кои претходно беа наведени можат да бидат најразлични, па затоа најдобро е да се направат соодветни тестови кои би го утврдиле евентуалното присуство на H.pylori. Дијагностицирањето започнува со прегледување на медицинската историја, потоа физички преглед (притискање и утврдување на извор на болка, отоци, тврдост итн) и на крајот може да се препорачаат крвни тестирања, тестирање на столицата и поретко, уреа издишувачки тест.

За прегледување на евентуално пристутните чиреви може да се направи гастроинтестинална ендоскопија, компјутерска томографија, а со земањето биопсија најсигурно се докажува присуството на H.pylori.

Дали треба ли да се испитува H.pylori  кај луѓето без симптоми

Сé уште се смета дека не постои потреба од испитување на лицата кои немаат симптоми. Исклучок може да бидат луѓето кои имаат некој од поблиското семејство со хроничен гастритис, чиреви или рак на желудникот.

Исто така, добро би било да се тестираат и оние кои мора да примаат терапија како ацетилсалицилати (Андол, Аспирин) и антиреуматици, а до тогаш при земање на оваа терапија имале желудочни тегоби.

Терапија

Вообичаено терапијата вклучува комбинација од два различни антибиотици, заедно со лек кој ги намалува концентрациите на стомачна киселина. По околу 2 недели, прекинува антибиотската и продолжува терапијата со т.н. блокатори на протеинската пумпа, односно медикаметите кои го намалуваат лачењето на желудочната киселина.

Доколку и по завршувањето на терапијата пациентот повторно има симптоми, односно бактеријата е сé уште тука, се повторува истата терапија, но со друг антибиотик и/или со внесување на бизумот.

Според најновите насоки, она што во голема мера го одредува успехот на терапијата е примената на соодветни пробиотици, заедно со гореспоменатите лекови. Тоа е случај заради тоа што антибиотската терапија е агресивна и предизвикува голем број несакани дејства поради кои често мора и да се прекине.

Пробиотиците ги намалуваат несаканите ефекти на стандардниот третман на инфекцијата,  а особено дијареата. Дополнително, постојат специјално дизајнирани пробиотици со антимикробен ефект во однос на хеликобактериите. На тој начин, овозможено е физичко намалување на концентрацијата на хеликобактериите во организмот, што е особено значајно за успешноста на антибиотската терапија и за намалување на веројатноста за рецидиви.

Навременото лекување е многу важно за квалитетот на животот, но и превенцијата од малигни заболувања, односно преминувањето на гастритисот во малигно заболување.

Совети за исхрана и ,,лајфстајл” при инфекција со H.pylori

Пациентите со H.pylori  треба да избегнуваат обилни оброци (треба да јадат почесто, помали оброци), масна храна, чоколадо, пеперминт, алкохол, кисело и луто, бибер, како и газирани пијалаци со кофеин. Треба да заборават и на цигарите.

По јадење треба да се остане во исправена положба и да се избегнува движење непосредно по јадењето, како и облека која го затегнува стомакот.

Општите правила во исхраната подразбираат забрана на внесување врела, ладна и силно кисела храна. Храната треба полека и добро да се соџвака и да биде добро исечкана.

Не се препорачува внесување големи количини на течности одеднаш.

Оброците треба да се варени или динстани со минимална количина на маст, најдобро без запршка. Млеко и млечните производи, особено во поголеми количини, не се пожелни, бидејќи имаат привремено неутрализирачко дејство по кое уште повеќе се поттикнува лачењето на желудочната киселина.

Растителните млека во комбинација со полнозрнастите житарки (овесни снегулки, ориз, гриз) поволно дејствуваат на слузокожата на желудникот.

Се препорачуваат продукти како варен зеленчук, компоти, лeсни колачи со овошје, риба и соја.

Во храната треба да се вклучат пробиотици, кои ги има во јогуртот, а и употребата на маслиново масло, ленени семки, исто така е со позитивно дејство.

Особено погодни прехранбени производи се брокулите и лукот, на пример.

Една компонента на брокулите, наречена сулфурафан, во медицинските истражувања  се покажала како ефективна против H.pylori . Дополнително, оваа состојка делувала и на оние соеви кој станувале резистентни на антибиотиците. Ако навистина не можете да го поднесете вкусот на брокулата, тогаш достапни се и суплементи на сулфурафанот. Сепак, најдобро е да го внесувате преку храната, бидејќи брокулата содржи и дополнително корисни нутриенти за организмот.

Лукот е многу добро познат антимикробен, па така и антибактериски агенс. Ваквото дејство се должи, пред сé, на неговата компонента алицин. H.pylori бактеријата е особено сензитивна на лукот, што го прави овој зеленчук особено погоден за нејзиното успешно уништување.

Превенција

Заштитувањето од инфицирање со H.pylori  оди на сличен начин како и превенирањето од инфекции со други патогени:

◦ Редовно и правилно миење на рацете со сапун и топла вода (пандемијата со коронавирусот нé потсети на важноста на оваа навидум едноставна навика)
◦ Избегнување на нечиста вода
◦ Јадење на правилно подготвена храна и санитарно исправна храна
◦ Избегнување на близок контакт со луѓе за кои знаеме дека се веќе дијагностицирани

Бидејќи од ден на ден расте антибиотската резистенција на бактеријата, стратегијата санирање на инфекцијата треба да се движи кон превенција на појавување на H.pylori  во желудникот, но и превенција од нагло растење на нејзините популации во дигестивниот тракт ако е веќе таму присутна, а не предизвикува проблем.

Познати се студии кои го откриваат антихеликобактер-дејството на брокулата, црвеното вино, лукот, зелениот чај, како и на пробиотиците и флавоноидите. Дополнително, механизмите за менаџирање со стресот и здравата исхрана се одлични начини за превенција исто така.

Повеќе за гастритисот и неговото превенирање прочитајте тука.

Д-р Митов

Д-р Митов

Ние ви помагаме ВИШОКОТ КИЛОГРАМИ и поврзаните БОЛЕСТИ, на ПРИРОДЕН начин и трајно да ги отфрлите, за да бидете: ПОЗДРАВИ, ПОЛЕСНИ и ПОЛЕТНИ!

Leave a Replay

X
Добијте бесплатен пристап до нашиот неделен информатор