fbpx

Како да останеме ХИДРИРАНИ во летните жешки денови?

tonus

Топлиот бран кој владее моментално во нашата држава, навистина влијае врз нашето секојдневно функционирање. Високите температури го отежнуваат престојот на отворено, сонцето е силно и немилосрдно, а ние константно губиме течности преку потењето. Пиењето вода е клучно и неопходно во ваквиот период, а лесно и незабележително може да дехидрираме. Пиењето доволно течности во ваквите топли периоди е исклучително важно и токму поради тоа во продолжение ќе продискутираме зошто е клучна добрата хидрација, како да ја препознаеме дехидрираноста и како лесно да го зголемиме внесот на течности.

 

Зошто е толку важно да се внесуваат течности?

 

Нашето тело во просек е изградено од околу 60% вода. Водата има клучна функционална, но и структурна улога во организмот. Таа е главниот агенс за прочистување на телото, но и средина во која се одвиваат повеќето физиолошки процеси. Така, водата е неопходна за секоја една клетка од телото и е потребна за телото да може да се ослободи од сите токсини кои ги вдишуваме или внесуваме преку устата.

"“Online”/

Секое едно ткиво и орган во телото имаат потреба од вода за правилно да функционираат. Регулацијата на температурата, отстранувањето на непотребните материи, подмачкувањето на зглобовите, сите тие се процеси кои имаат потреба од вода.

Под поимот хидрација, подразбираме внес на течности од храната и од пијалоците. Препорачаниот дневен внес за вода е околу 2,7 литри за жени и 3,7 литри за мажи. Тоа не значи дека целото потребно количество мора да го внесуваме преку обичната вода, но препорачливо е да се избегнуваат пијалоците кои прават повеќе штета во телото, отколку што нè хидрираат. Како такви може да ги издвоиме пијалоците богати со додадени шеќери.

 

Кои се симптомите за дехидрираност?

 

Дехидрираноста се јавува кога внесуваме помалку течности од оние што ги губиме и што ни се потребни. Во топлите летни денови, силното сонце и потењето може прилично брзо да предизвикаат дехидрираност.

Жедта не е секогаш доволно доверлив, навремен индикатор за потребата од вода. Многу луѓе, особено постарите, не чувствуваат жед се додека не се дехидрирани. Затоа е клучно да се внесува што почесто и што повеќе течности во летниот период.

 

Знаците и симптомите за дехидрираност може да се разликуваат и варираат со возраста.

 

За новороденчиња и помали деца некои од симптомите може да се:

  • Сува уста и јазик
  • Три или повеќе часа без мокрење во пелените
  • Промени во изгледот на кожата околу очите и образите
  • Надразливост и немање енергија

 

Кај возрасните, симптомите најчесто се:

  • Екстремна жед
  • Ретко мокрење
  • Темна боја на урина
  • Умор и вртоглавица
  • Збунетост

 

Доколку забележиме дел од овие симптоми, значи дека веќе постои делумна или сериозна дехидрираност и е време за внес на течности.

 

За недостиг од вода во телото може да има повеќе причини. Најчесто таа се јавува поради недоволен внес на течности, но може да постојат и некои други состојби.

 

  • Дијареа или повраќање – ваквите состојби може многу лесно да предизвикаат дехидрираност, бидејќи преку истите во краток временски период, се губат огромни количества на вода и електролити.
  • Покачена температура
  • Прекумерно потење – причината која е најзастапена во летниот период. Топлите денови во комбинација со одредена физичка активност или обврски на отворено, може навистина лесно и незабележително да предизвикаат дехидрираност. Кога воздухот има голема влажност, доаѓа до дополнително потење, а со тоа се зголемува и потребата од внес на течности.
  • Зачестено мокрење – ваквата состојба може да се јави поради недијагностициран или нетретиран дијабет, како и поради некои лекарства за регулација на крвиот притисок.

 

Како најлесно да останеме хидрирани во топлите летни денови?

 

  1. Јадете повеќе овошја и зеленчуци кои се богати со вода. Храната може да биде одличен извор на течности – лубеница, јагоди, праски, краставица, марула, тиквичка, целер и домати се намирници кои имаат голем процент на вода во нивниот состав. Внимавајте со внесот на овошјата доколку имате проблеми со регулација на нивото на шеќер во крвта.
  2. Пијте доволно вода. Доколку немате навика да пиете вода, ставете си некаков потсетник и обидете се да се придржувате до истиот и да пиете што е можно повеќе вода во топлите денови. Водата дополнително влијае позитивно и на концентрацијата, расположението, нивото на енергија,  будноста итн.
  3. Подгответе си леден чај – секој тип на чај може да биде лесно претворен во освежителен летен пијалок. Едноставно оладете го, додадете му неколку коцки мраз, малку свеж лимон и уживајте. На овој начин се внесува навистина многу вода, а сепак уживаме во вкусот на разни типови на чај. Чаевите од билки, како и овошните чаеви не содржат кофеин, па во нив може да уживате без никакви грижи.
  4. Јадете почесто ладни супи – ладната супата од домати е пример за освежителен и интересен рецепт за предјадење. Ваквите супи се исто така и одличен извор на разни нутриенти и секако на течности.
  5. Соковите богати со шеќер заменете ги со ладна лимонада – на овој начин ги елиминирате калориите и енормно големите количества на шеќер што ваквите сокови ги содржат. Лимонадата е исто така и одличен извор на витаминот Ц.
  6. Избегнувајте често и прекумерно консумирање на алкохол и пијалоци со кофеин. И двете соединенија се диуретици, односно преку нив дополнително губиме течности преку зачестено мокрење. Кафето иако го содржи кофеинот, тоа сепак е извор на вода. Умерено и повремено консумирање на кафе не би требало да претставува проблем.

Д-р Митов

Д-р Митов

Ние ви помагаме ВИШОКОТ КИЛОГРАМИ и поврзаните БОЛЕСТИ, на ПРИРОДЕН начин и трајно да ги отфрлите, за да бидете: ПОЗДРАВИ, ПОЛЕСНИ и ПОЛЕТНИ!

Leave a Replay

X
Добијте бесплатен пристап до нашиот неделен информатор