Покачениот холестерол е често наречен и како „тивок убиец“, бидејќи нема речиси никакви симптоми. И покрај тоа, покачувањето на холестеролот се смета за значителен ризик по кардиоваскуларното здравје и може да се манифестира преку низа на здравствени компликации. Покрај кардиоваскуларното здравје, тој може да влијае и на други аспекти од здравјето, а еден од нив е и црниот дроб. Во продолжение ќе зборуваме токму на оваа тема – како покачениот холестерол влијае на црниот дроб и неговото здравје и функција.
Зошто доаѓа до покачување на нивото на холестерол во крвта?
За покачување на холестеролот над границите на нормалата, може да постојат повеќе причини и ризик фактори. Прво, покачениот холестерол може да се јави како резултат на генетиката, односно на фамилијарната историја – блиски членови од семејството кои исто така страдале од покачен холестерол.
Но, најчесто покачениот холестерол се јавува како резултат на нездрав и несоодветен начин на живот. Јадење на процесирана, масна храна, не практикување на било каква физичка активност, прекумерна телесна тежина, пушење и често консумирање алкохол, се дел од навиките кои значително го зголемуваат ризикот за појава на покачен холестерол.
За најчести ризик фактори се сметаат:
- Лоша исхрана – внесот на премногу заситени и транс масти го зголемува нивото на холестерол.
- Прекумерна телесна тежина
- Недоволна физичка активност
- Пушење
- Консумирање на прекумерни количества алкохол
- Возраста – најчесто, покачениот холестерол се јавува по 40-тата година. Со стареењето, црниот дроб има се помала способност да се ослободува од вишокот на „лош“ холестерол.
Како влијае покачениот холестерол врз здравјето и функцијата на црниот дроб?
Високиот холестерол, особено покачените нивоа на LDL холестеролот, може значително да влијаат на функцијата на црниот дроб и целокупното здравје. Црниот дроб има централна улога во метаболизмот на липидите, вклучувајќи ја синтезата и отстранувањето на холестеролот. Кога нивоата на ЛДЛ холестерол се високи, капацитетот на црниот дроб да го процесира и отстрани вишокот холестерол може да се намали, што доведува до акумулација на холестерол во црниот дроб. Ова може да резултира со неалкохолно замастување на црниот дроб, состојба каде што маснотиите се таложат во клетките на црниот дроб, предизвикувајќи воспаление и потенцијално напредувајќи во потешки состојби, како што се фиброзата и цирозата.
Високите нивоа на холестеролот може да ја нарушат и способноста на црниот дроб да го регулира производството и лачењето на жолчната киселина, што е од клучно значење за варењето и апсорпцијата на мастите од исхраната. Ова нарушување може дополнително да го влоши воспалението и оштетувањето на црниот дроб. Истражувањата покажуваат дека секојдневните навики и начинот на живот, односно: исхраната, физичката активност и здравата телесна тежина, играат клучна улога во управувањето со нивото на холестерол и во заштитата на здравјето на црниот дроб.
Исхраната базирана на овошје, зеленчук, житарки, храна богата со протеини и здрави масти, во комбинација со редовно вежбање и движење – може да помогне во намалувањето на нивото на ЛДЛ, но и вкупен холестерол. Ова би допринело кон значително подобро кардиоваскуларно здравје, но и целокупно здравје, вклучително и она на црниот дроб.
Поврзано: Кој тип на ХРАНА треба да се избегнува при ПОКАЧЕН ХОЛЕСТЕРОЛ?