fbpx

Холестерол – кои вредности се оптимални, а кои загрижувачки?

tonus

Здравјето на срцето зависи од повеќе параметри на кои треба да внимаваме и редовно да ги следиме. Едниот од нив е покачениот крвен притисок, состојба со која многу луѓе имаат проблем. Друг параметар е холестеролот, кој исто така претставува чест проблем и кај голем број луѓе има покачени нивоа. Уште еден важен дел претставуваат триглицеридите, кои како и другите два параметри се важни за кардиоваскуларното здравје. Сите овие параметри, помалку или повеќе може да се контролираат со начинот на живот. Нашите навики и нашиот начин на живеење може да ги предизвика ваквите состојби, но може и да ги контролира и стабилизира. Па токму затоа, денешната статија ја посветуваме на холестеролот, односно како истиот влијае на кардиоваскуларното здравје, како доаѓа до покачен холестерол, но и за тоа кои се нормалните нивоа на холестерол во зависност од возраста.

Што претставува холестеролот?

Холестеролот претставува восочна супстанца, која припаѓа на групата на липиди. Тој природно е присутен во крвта и има незаменлива улога во градењето на здравите клетки, нивните мембрани и сл. Постојат два вида на холестерол:

  • LDL – или често наречен и „лош“ холестерол, претставува липопротеин со помала густина кој е заслужен за транспортирање на холестеролот низ телото и крвотокот. Овој тип на холестерол се таложи во внатрешноста на крвните садови и доведува до нивно стеснување.
  • HDL – или т.н „добар“ холестерол, го собира вишокот холестерол и го транспортира до црниот дроб.

Покаченото ниво на холестерол во крвта може да биде проблематично за здравјето, особено за кардиоваскуларното. Покачениот холестерол може да доведе до таложење на еден вид масни наслаги или депозити во внатрешноста на крвните садови. Ваквото таложење со текот на времето може да стане значително и со тоа да го отежни протокот на крвта низ крвните садови. Ова секако значи дека со текот на времето овие наслаги може целосно да го попречат дотокот на крв, а тоа може да има сериозни последици по здравјето, а во некои случаи да предизвика и смрт.

"“Online”/

Покрај наталожувањето, овие наслаги може неочекувано да се одвојат и да формираат еден вид на тромб која ќе запуши потесен дел од крвниот сад.

Зошто доаѓа до покачување на нивото на холестерол во крвта?

За покачување на холестеролот над границите на нормалата, може да постојат повеќе причини и ризик фактори. Прво, покачениот холестерол може да се јави како резултат на генетиката, односно на фамилијарната историја – блиски членови од семејството кои исто така страдале од покачен холестерол.

Но, најчесто покачениот холестерол се јавува како резултат на нездрав и несоодветен начин на живот. Јадење на процесирана, масна храна, не практикување на било каква физичка активност, прекумерна телесна тежина, пушење и често консумирање алкохол, се дел од навиките кои значително го зголемуваат ризикот за појава на покачен холестерол.

За најчести ризик фактори се сметаат:

  • Лоша исхрана – внесот на премногу заситени и транс масти го зголемува нивото на холестерол.
  • Прекумерна телесна тежина
  • Недоволна физичка активност
  • Пушење
  • Консумирање на прекумерни количества алкохол
  • Возраста – најчесто, покачениот холестерол се јавува по 40-тата година. Со стареењето, црниот дроб има се помала способност да се ослободува од вишокот на „лош“ холестерол.

Кои се здравите нивоа на холестерол, во зависност од вашата возраст?

Нивоата на холестерол генерално се менуваат со возраста, тежината и полот. Со текот на времето, телото поинаку се справува со холестеролот и нормално е кај повозрасната популација да има нешто повисоки вредности. Затоа кај нив е препорачливо поредовно да го мерат нивото на холестеорол. Најчесто тие мерења се состојат од мерење на вкупниот холестерол, но може и пожелно е да се мерат и одделно нивоата на LDL и HDL холестеролот. Воглавно, се препорачува нивоата на вкупен и LDL холестерол да се одржуваат што е можно пониски, додека повисоките нивоа на HDL типот на холестерол може да имаат дури и посакуван и позитивен ефект.

Бидејќи нивото на холестерол генерално се покачува со стареењето, докторите препорачуваат да се превземат превентивни чекори, порано во животот, со цел да се спречи ваквото покачување.

За возрасните лица оптималните вредности за нивото на холестерол се:

  • Вкупен холестерол со ниво помало од 200mg/dL. Вредности измеѓу 200 и 239mg/dL се сметаат за гранично ниво, а веќе над 240mg/dL се смета за покачено ниво на вкупен холестерол.
  • LDL холестеролот треба да биде под 100mg/dL. Вредностите измеѓу 100 и 129mg/dL се сметаат за прифатливи за лица кои немаат други здравствени проблеми, но може да се проблематични за оние кои веќе имаат нарушено кардиоваскуларно здравје. Вредностите измеѓу 130 и 159mg/dL се сметаат за гранично високи, додека вредности над 160 се сметаат за високи. Вредностите над 190mg/dL се сметаат за многу високи.
  • Вредностите за HDL холестеролот е посакувано да се повисоки, па така вредности под 40mg/dL се сметаат за сериозен проблем и ризик фактор за појава на срцеви заболувања. Вредностите измеѓу 41 и 59mg/dL се сметаат за гранично-ниски, додека вредностите над 60mg/dL се оптимални и посакувани.

Како до здраво и оптимално ниво на холестерол?

Истите фактори што го предизвикуваат зголемувањето на холестеролот, се и оние кои што можат да помогнат при неговото третирање.

  • Редовна физичка активност
  • Поздрава исхрана – избегнувајте ги процесираните намирници, а особени оние кои содржат заситени и транс масти. Консумирајте повеќе овошје, зеленчук, риба, јаткасти плодови, мешунки, полнозрнести житарки и сл.
  • Одржување на здрава телесна тежина – намалување и на само 10% од вашата телесна тежина може да има значителни ефекти врз нивото на холестерол
  • Подобро и поздраво справување со стресот
  • Регулирање на нивото на шеќер во крвта, како и на крвниот притисок

Д-р Митов

Д-р Митов

Ние ви помагаме ВИШОКОТ КИЛОГРАМИ и поврзаните БОЛЕСТИ, на ПРИРОДЕН начин и трајно да ги отфрлите, за да бидете: ПОЗДРАВИ, ПОЛЕСНИ и ПОЛЕТНИ!

Leave a Replay

X
Добијте бесплатен пристап до нашиот неделен информатор