fbpx

Колку време е потребно за да се намали ХОЛЕСТЕРОЛОТ?

tonus

Проблемите со кардиоваскуларното здравје се едни од најчестите и нажалост, во светски рамки, се заслужни за најголемиот број смртни случаи годишно. Постојат повеќе аспекти коишто може да влијаат врз појавата на овој тип заболувања. Покачениот крвен притисок, покачените триглицериди и покачениот холестерол се едни од најчестите и најзастапените. Во денешната статија ќе зборуваме малку повеќе за покачените нивоа на холестерол, односно како и колку време е потребно за истите да се доведат во граници на нормала.

Што претставува холестеролот и зошто е опасно доколку е покачен?

Холестеролот претставува восочна супстанца, која припаѓа на групата на липиди. Тој природно е присутен во нашиот организам и се создава во црниот дроб. Има незаменлива улога во градењето на здравите клетки, нивните мембрани и сл. Постојат два вида на холестерол:

–       LDL – или често наречен и „лош“ холестерол, претставува липопротеин со помала густина кој е заслужен за транспортирање на холестеролот низ телото и крвотокот. Овој тип на холестерол се таложи во внатрешноста на крвните садови и доведува до нивно стеснување.

"“Online”/

–       HDL – или т.н „добар“ холестерол, го собира вишокот холестерол и го транспортира до црниот дроб.

Покаченото ниво на холестерол во крвта може да биде проблематично за здравјето, особено за кардиоваскуларното. Покачениот холестерол може да доведе до таложење на еден вид масни наслаги или депозити во внатрешноста на крвните садови. Ваквото таложење со текот на времето може да стане значително и со тоа да го отежни протокот на крвта низ крвните садови. Ова секако значи дека со текот на времето овие наслаги може целосно да го попречат дотокот на крв, а тоа може да има сериозни последици по здравјето, а во некои случаи да предизвика и смрт.

Покрај наталожувањето, овие наслаги може неочекувано да се одвојат и да формираат еден вид на тромб која ќе запуши потесен дел од крвниот сад.

Како најдобро да го контролираме нивото на холестерол?

Првиот и основен чекор кон подобрување на нивоата на холестерол е воведување на промени во исхраната. За луѓето со покачен холестерол се препорачува балансирана и разновидна исхрана која ќе се заснова на употребата на – овошје и зеленчук, полнозрнести житарки, здрави извори на протеин, риба, јатки и сл. Важно е да се лимитира или целосно елиминира внесот на транс мастите, а значително да се намали внесот на заситените масти. Исто така, препорачливо е да се избегнува и храната која содржи големи количества на додаден рафиниран шеќер или сол. Хрната која е богата со растителни влакна – овес, житарки, зеленчук, може да има особено позитивен ефект во поглед на холестеролот.

Одржувањето на здрава телесна тежина е вториот чекор. Здравата и оптимална телесна тежина значи и подобра регулација на нивото на холестерол, но и на другите параметри кои го зголемуваат ризикот од појава на кардиоваскуларни заболувања – крвен притисок и триглицериди.

Физичката активност е уште една алатка која може да биде особено корисна за подобрување на кардиоваскуларното здравје. Редовното движење се смета дека му овозможува на телото полесно и поефикасно да го отстрани вишокот холестерол од крвта. Препораките велат да се практикуваат вежби со умерен интензитет во времетраење од барем 150 минути неделно.

Доколку и покрај ваквите промени во начинот на живеење, нивото на холестерол е високо, можно е да има потреба од одредена терапија. Статините се една опција и тие се еден од најбрзите начини за намалување на нивото на холестеролот. Во одредени случаи, тие може да го доведат холестеролот во граници на нормала и по само 6-8 недели.

Колку време е потребно за да се намали нивото на холестеорол?

Со правилна исхрана и начин на живот, нивото на холестерол опаѓа постепено и не може да се очекува дека истото преку ноќ ќе биде во границите на нормала. Исто така, нема точен или прецизен период во кој би се очекувало да дојде до нормализирање на нивото на холестерол. Кај некои луѓе и покрај одредени промени во навиките, сепак не доаѓа до значително намалување, а тоа може да се должи на повеќе фактори – првенствено, генетиката.

Доколку се превземат промени во начинот на исхрана и редовно се практикува физичката активност, позитивните промени може да се јават во период од неколку недели или месеци. Понекогаш, потребни се над 3 месеци за да дојде до посериозни промени. Доколку и покрај подолг период (над 4 месеци) не дојде до значителни промени, можно е да треба да се започне со употреба на лекарства.

Секако, за да дојде до трајна промена, потребно е промените кои сме ги направиле, да продолжиме да ги практикуваме и всушност да ги претвориме во здрави, трајни животни навики.

Д-р Митов

Д-р Митов

Ние ви помагаме ВИШОКОТ КИЛОГРАМИ и поврзаните БОЛЕСТИ, на ПРИРОДЕН начин и трајно да ги отфрлите, за да бидете: ПОЗДРАВИ, ПОЛЕСНИ и ПОЛЕТНИ!

Leave a Replay

X
Добијте бесплатен пристап до нашиот неделен информатор