Како што спиењето влијае на речиси секој аспект од нашето здравје, така и нашата благосостојба ќе се одрази и врз квалитетот на спиењето. Со други зборови, различни аспекти од нашето здравје ќе влијаат и врз нашата хигиена на спиење, а денес ќе се задржиме на хормоните, односно ќе зборуваме за разните начини на кои хормонскиот дисбаланс може да влијае негативно врз квалитетот и квантитетот на спиење.
Како спиењето влијае врз нивоата на хормони во организмот?
Спиењето е период кога телото создава и ги регулира нивоата на хормоните. Тие се молекули кои се создаваат од ендокриниот систем и се транспортираат низ организмот со цел да извршуваат низа на неопходни функции. Тие се исклучително важни и се вклучени во:
- Контрола на апетитот и метаболизмот
- Телесната температура
- Репродуктивното здравје
- Крвниот притисок
- Пулсот
- Циркадниот ритам и др.
Без редовен и квалитетен сон, ризикот за појава на хормонален дисбаланс е сериозно зголемен. За време на спиењето се создаваат огромен број хормони, меѓу кои: хормонот за раст, мелатонин, хормоните за регулирање на апетитот (лептин, грелин), инсулин, кортизол, естроген и тестостерон, меѓу останатите. Тестостеронот се создава најмногу при спиењето, па така недостатокот од сон може да доведе до недоволно лачење на овој хормон.
Како ќе се одрази хормонскиот дисбаланс врз нашиот квалитет на спиење?
Хормоналниот дисбаланс може значително да го наруши квалитетот на сонот преку нарушување на циклусот заспивање-будење. Хормоните како кортизол, мелатонин, естроген и прогестерон имаат клучна улога во одржувањето на деноноќниот ритам и одржувањето на мирен и квалитетен сон.
На пример, зголемените нивоа на кортизол, често поради хроничен стрес, може да ја зголемат будноста и да го отежнат заспивањето. Мелатонинот, познат како хормон за спиење, го регулира времето на заспивање, а нерамнотежата во неговото производство може да доведе до потешкотии во заспивањето и одржувањето на редовна шема на спиење.
Кај жените, флуктуациите во нивото на естроген и прогестерон за време на менструалните циклуси, бременоста и менопаузата може да резултираат со намален квалитет на спиење и проблеми како што се несоницата и честите будења. Естрогенот генерално се смета дека го поттикнува спиењето со тоа што влијае на серотонинскиот метаболизам. Серотонинот е инаку невротрансмитер кој меѓу другото помага и во регулацијата на спиењето, додека прогестеронот има седативно дејство. Кога овие хормони се неурамнотежени, природните механизми за поттикнување на спиењето се нарушени, што доведува до лош квалитет на сонот, несоница и отежнато заспивање.
Од друга страна, тироидните хормони исто така може да влијаат на сонот, при што при хипертироидизмот поради зголемените метаболички стапки може да се јави несоницата, а хипотироидизмот доведува до прекумерна поспаност.
Примери има уште многу, но суштината е дека е важно навремено да ја забележиме и да ја разбереме ваквата поврзаност со цел да го задржиме квалитетот на нашиот сон. Хормоните имаат навистина важни и бројни функции во нашиот организам, па воопшто не е изненадувачки дека истите можат лесно да влијаат и врз спиењето.