Бубрежните камчиња се проблем кој многумина ги мачи, а кога се помали тие речиси да не пројавуваат никакви знаци и симптоми. Со текот на времето, нивната големина расте, а тогаш веќе преминуваат во проблем и може да предизвикаат силна неудобност и болка. Денес, ќе зборуваме за храна и тип на намирници кои можеби е подобро да се внесуваат поретко и помалку од лицата кои веќе имаат бубрежни камчиња или имаат склоност и предиспозиција за нивно формирање.
Причини за појава на камчиња во бубрезите
Бубрежните камчиња се цврсти депозити или наслаги во бубрезите, кои имаат потенцијал да кристализираат, односно да преминат во камчиња со различен дијаметар и облик (шилест, поправилен топчест итн), но најчесто се работи за помали обеми. Можат да се формираат на неколку начини, од кои најчести се два.
Првиот начин е преку комбинирање на калциумот со одредени соединенија од урината – оксалати или фосфор. Ова се случува кога споменатите компоненти се доста концентрирани во урината.
Другиот начин е преку таложење на уричната киселина, што најчесто се случува поради метаболизмот на протеините, односно преголемото внесување на прехранбени производи од животинско потекло.
Условите кои дополнително придонесуваат и го забрзуваат формирањето на камчиња во бубрезите се недоволната хидрираност на организмот (непиење доволно вода) и намалена pH вредност (што се случува при концентрирањето на уричната киселина).
Повеќе на оваа тема може да прочитате ТУКА.
Храна и намирници кои е најдобро да се избегнуваат од оние кои веќе имаат бубрежни камчиња или имаат склоност и претходна историја
Луѓето со тенденција и зголемен ризик за бубрежни камчиња треба да избегнуваат храна богата со оксалати, натриум и животински протеини, како и оние намирници кои можат да доведат до високи нивоа на калциум во урината.
Храна со висока содржина на оксалати вклучува: спанаќ, цвекло, јаткасти плодови, темно чоколадо и чај – намирници што може да придонесат за формирање на калциум оксалатни камења, најчестиот вид на бубрежни камчиња. Внесувањето на натриум (сол) исто така треба да се минимизира, бидејќи високите нивоа на натриум може да ја зголемат екскрецијата на калциум во урината, а со тоа го зголемуваат ризикот за формирање на камења. Животинските протеини, како што се оние од црвеното месо, пилешкото, јајцата и морските плодови, треба да се консумираат умерено, бидејќи можат да го зголемат нивото на урична киселина, но и да го намалат она на цитратот, соединение кое помага да се спречи формирањето на камења.
Дополнително, храната и пијалоците кои се богати со додадени шеќери – како што се: соковите, слатките, кондиоторските производи, сладоледот и сл. треба да се ограничат, бидејќи тие можат да придонесат за покачување на тежината и појава на метаболички синдром, дополнително зголемувајќи го ризикот од камења во бубрезите.
Воглавно, преку пиење на доволно вода и течности, јадење на разновидна, балансирана исхрана (со умерен внес на набројаните намирници) и одржување на здрава телесна тежина и ниво на шеќер – ризикот за појава на бубрежни камчиња значително се намалува.