fbpx

Што е НАЈДОБРО да се јаде при ПОКАЧЕН КРВЕН ПРИТИСОК?

tonus

Проценките се дека речиси половина од возрасната популација во САД (околу 108 милиони луѓе) има до одреден степен покачен крвен притисок. Само еден од четири луѓе (или околу 25%) го држи под контрола својот крвен притисок. Ваквата алармантна бројка не е само во САД, туку важи и за многу други држави. Хипертензијата (покачен крвен притисок) станува навистина чест проблем. Сепак, постојат начини како ваквата состојба може да се контролира, а еден од главните е секако исхраната.

 

Што претставува хипертензијата и зошто доаѓа до истата?

 

Крвниот притисок е мерка за силата (притисокот) со кој крвта притиска врз ѕидовите на крвните садови. Тој се мери преку две вредности:

 

  • Систолен или т.н горна вредност за крвниот притисок, ја покажува вредноста за притисокот во артериите во текот на една контракција на срцевиот мускул
  • Дијастолен или долната вредност при мерењето, го покажува притисокот во артериите измеѓу две срцеви контракции.

 

Висок крвен притисок или хипертензија, е состојба кога ваквото притискање врз крвните садови е прекумерно, за време на подолг временски период. Притисокот подложи на промени во текот на денот, во зависност од нашите активности. Но, доколку преку целиот ден имаме покачени вредности за крвен притисок, тоа значи дека е можно да имаме состојба на хипертензија. Најчесто вредносите при кои се смета дека има покачен притисок се 140/90 mmHg.

"“Online”/

Постојат две форми на хипертензија:

 

  • Примарна – се појавува со стареењето и за неа нема очигледна причина.
  • Секундарна – се јавува побрзо и нагло и може да биде поизразена и опасна од примарната. Како главни ризик фактори за нејзина појава се:

 

–           Бубрежни заболувања

–           Опструктивна спиечка апнеа

–           Вродени срцеви заболувања

–           Проблеми со тироидната жлезда

–           Честа употреба на алкохол

–           Проблеми со надбубрежните жлезди

 

Како храната влијае на крвниот притисок?

 

Иако хипертензијата може да се јави без очигледна причина, храната може да има голем удел при третирањето и живеењето со оваа состојба. Покрај препишаните лекарства од страна на вашиот лекар, здравата исхрана е втората препорака и често е подеднакво важна. Таа може директно да го покачи или намали притисокот, а индиректно може да влијае преку телесната тежина. Имено, со зголемување на телесната тежина доаѓа до покачување и на крвниот притисок.

 

Кои се дел од најдобрите намирници за луѓето со хипертензија?

 

1 . Банани

Бананите се богати со калиум, минерал кој е од неопходно значење при регулацијата на крвниот притисок. Една средно голема банана содржи околу 400mg калиум. Се смета дека луѓето често имаат недостаток од калиум во исхраната, а бананите може значително да помогнат во тој поглед. Овој минерал заедно со натриумот, е директно поврзан со регулацијата на крвниот притисок. Додека натриумот го покачува притисокот, калиумот има спротивен ефект.

 

2 . Цвекло и спанаќ

 

Цвеклото е богато со нитрати, соединенија кои имаат позитивно дејство врз крвниот притисок. Една студија од 2015 година, покажала дека секојдневното пиење на една чаша сок од цвекло, довело до намалување на крвниот притисок. Во просек, горната вредност за притисокот се намалила за 8 mmHg, додека долната вредност за 4 mmHg. За споредба, некои лекарства го симнуваат притисокот за вредности 9/5 mmHg.

Покрај цвеклото и спанаќот е богат со нитрати, но и со калиум, калциум и низа на антиоксиданти.

 

3 . Лубеница

 

Ова овошје ја содржи аминокиселината цитрулин, за која веќе имаме пишувано на нашиот блог. Накратко, ова соединение помага при создавањето на азотен оксид во телото. Азотниот оксид помага при релаксација на крвните садови, а со тоа и подобрен крвоток и намален крвен притисок. Една студија која вклучила луѓе со прекумерна телесна тежина кои имале покачен притисок, го испитувала ефектот што го има екстрактот од лубеница. Испитаниците кои го добиле овој екстрат имале и намален крвен притисок.

 

4 . Риба

 

Месото на рибата (особено помасните риби) е богато со омега 3 масни киселини. Тие имаат докажано, позитивно дејство на срцевото здравје и функција. Исто така, се смета дека омега-3 масните киселини може да ги намалат воспаленијата и да помогнат при намалување на крвниот притисок. Бројни студии ја покажале и утврдиле поврзаноста меѓу внесот на овие масни киселини и бенефитите кои истите ги даваат во поглед на срцевата функција и крвниот притисок.

 

5 . Чиа семе, ленено семе и семки од тиква

 

Чиа семето и лененото семе се исклучително нутритивни намирници кои се богати со калиум, магнезиум и растителни влакна. Една студија покажала дека внес на 35g брашно од чиа семе, довело до пад на крвниот притисок кај лицата кои земале лекарства, но и кај оние кои не биле под лекарства за хипертензија.

Исто така, семките од тиква и нивниот импресивен нутритивен состав биле поврзани со регулирање на крвниот притисок. Покрај минералите магнезиум и калиум, семките од тиква содржат и аргинин – аминокиселина која како и цитрулинот, помага при создавањето на азотен оксид. Азотниот оксид, како што споменавме, помага при релаксацијата на крвните садови и го подобрува крвотокот.

 

6 . Мешунки

 

Гравот и леќата како најкористените мешунки на нашите простори се богати со влакна, протеини, магнезиум  и калиум. Бројни студии покажале дека редовниот внес на мешунки може да помогне при хипертензија. Едно истражување, покажало дека замената на одредени намирници со мешунки, довело до значителен пад на крвниот притисок.

 

7 . Домат и неговите преработки

 

Доматите се извонредно нутритивни и богати со калиум, минерал кој споменавме дека има позитивен ефект при регулацијата на крвниот притисок. Покрај тоа, доматите го содржат и пигментот ликопен, кој всушност има антиоксидативно дејство. Тој има позитивно влијание на здравјето на срцето и одредени истражувања покажуваат дека внесот на ликопен може да го намали ризикот од срцеви заболувања.

 

Овие намирници се само дел од здравата храна која треба да ја консумираат лицата со хипертензија. Некои дополнителни здрави намирници се:

 

  • Јогурт
  • Ферментирани продукти
  • Брокула
  • Целер
  • Морков
  • Цитрусни овошја
  • Лук
  • Зелка, марула, кељ и други останати лиснати зелени зеленчуци
  • Овес
  • Киви
  • Темно чоколадо

 

Намирници кои треба да се избегнуваат:

  • Солена и масна храна
  • Процесирани месни продукти
  • Путер и маргарин
  • Пржена храна
  • Кофеински напитоци
  • Алкохол

Д-р Митов

Д-р Митов

Ние ви помагаме ВИШОКОТ КИЛОГРАМИ и поврзаните БОЛЕСТИ, на ПРИРОДЕН начин и трајно да ги отфрлите, за да бидете: ПОЗДРАВИ, ПОЛЕСНИ и ПОЛЕТНИ!

Leave a Replay

X
Добијте бесплатен пристап до нашиот неделен информатор