fbpx

Може ли храната да влијае на нашиот метаболизам?

tonus

Сите оние што некогаш пробувале да ја регулираат својата тежина, се сретнале во разговор кој го вклучувал терминот – метаболизам. Некои луѓе тврдат дека имаат „бавен“ а некои „брз“ метаболизам. Но, што всушност лежи позади овие термини и што воопшто се мисли кога се спомнува метаболизмот во контекст на слабеењето? Дали постојат одредени намирници и храна која може да го „подобри“ метаболизмот? Ова се дел од прашањата за кои ќе продискутираме во денешната статија.

 

Што претставува метаболизмот?

 

Метаболизам е термин што ги опишува сите биохемиски процеси и реакции кои се одвиваат во телото. Тие се навистина многу и некои од нив се исклучително комплексни. Но, најчесто во контекст на слабеењето, метаболизмот се користи како термин за начинот на кој нашето тело произведува и троши енергија.

"“Online”/

Дури и да немаме никакви физички активности во текот на денот, нашето тело има потреба од енергија за да ги извршува основните животни функции. Енергијата потребна за нив припаѓа во т.н базален метаболизам и тој е различен за секоја индивидуа. Врз него влијаат повеќе фактори, како на пример: мускулната маса, возраста, полот, големината на телото, хормоните, надворешни фактори и сл.

Генетиката исто така има голема улога во начинот на кој нашиот организам ја претвора и троши енергијата од храната.

 

Како храната може да влијае на метаболизмот?

 

Се смета дека одредена храна може да го „забрза“ или да го направи „бавен“ нашиот метаболизам. За варење, односно дигестија на внесената храна, потребно е енергија. Тоа значи дека за нејзината дигестија телото ќе потроши дел од внесените калории.

Јаглехидратите, протеините и мастите се главните макронутриенти кои го даваат најголемиот дел од калориите во исхраната. Но, за нивното искористување е потребно различно количество на енергија, а ова се смета дека е еден од начините преку кој храната може малку да го „забрза“ метабилозмот.

Иако не постојат специфични намирници кои можат магично да го променат нашиот метаболизам, внесот на храна за која е потребно повеќе енергија за дигестија може до некој степен да влијае на базалниот метаболизам.

 

Кои се разликите во дигестијата на макронутриентите?

 

За дигестија на протеините внесени во исхраната, потребно е околу 10-30% од нивната калориска вредност, за јаглехидратите тој процент се движи во границите од 5-10%, додека за мастите е 0-3%. Тоа значи дека телото воопшто и не троши енергија за дигестија на мастите, а може значително да потроши за искористувањето на протеините.

Оваа енергија за дигестија на храната се смета дека застапува 10% од дневната потреба од калории. Затоа, внесот на храна богата со протеини може да допринесе кон поголем број потрошени калории.

Луѓето кои редовно вежбаат, а особено оние кои практикуваат вежби со тежина, имаат зголемена потреба од внес на протеини со исхраната. Исто така, зголемувањето и градењето на ново мускулно ткиво влијае врз базалниот метаболизам. Имено, мускулното ткиво се смета за поголем потрошувач на калории, отколку масното ткиво. Тоа значи дека луѓето кои градат и го зголемуваат постоечкото мускулно ткиво, трошат повеќе калории во мирување.

Па така, комбинацијата од: вежбање (трошење калории преку самите вежби), зголемен внес на протеини (повеќе калории потрошени за нивната дигестија) и градење на ново мускулно ткиво (забрзување на базалниот метаболизам) може значително да допринесе кон подобрена регулација на телесната тежина.

 

Дополнително, некои студии покажуваат дека дигестијата на процесираната храна се врши со помалку потрошена енергија, наспроти свежата, помалку процесирана храна. Ова најверојатно се должи на поголемото количество протеини и растителни влакна кои ги содржат свежите намирници.

 

Дали одредени намирници го „поттикнуваат“ метаболизмот?

 

Oсвен храната која е богата со протеини, дали постојат некои специфични намирници кои можат да го подобрат метаболизмот?

Одредени истражувања покажуваат дека чили пиперките, зелениот чај и кафето може да допринесат кон подобра функција на метаболизмот.

Кофеинот кој често се внесува преку кафето или зелениот чај е соединение кое го „активира“ метаболизмот.

Капсаицинот – соединение кое се наоѓа во чили пиперчињата, исто така може да ја зголеми потрошувачката на енергија на организмот.

Секако, не постои замена за здрава и балансирана исхрана и редовна физичка активност. Храната која може да го „активира“ метаболизмот може да има минимални ефекти и истата не може значително да допринесе кон здрава телесна тежина.

Некои други навики кои може да влијаат позитивно на нашиот метаболизам се:

  • Пиењето на вода (особено ладна) во доволни количини
  • Активен живот – редовна физичка активност
  • Вежби со тежина
  • Избегнување на долги периоди во седечка положба
  • Редовен и квалитетен сон

 

Д-р Митов

Д-р Митов

Ние ви помагаме ВИШОКОТ КИЛОГРАМИ и поврзаните БОЛЕСТИ, на ПРИРОДЕН начин и трајно да ги отфрлите, за да бидете: ПОЗДРАВИ, ПОЛЕСНИ и ПОЛЕТНИ!

Leave a Replay

X
Добијте бесплатен пристап до нашиот неделен информатор