Можеби сте слушнале за т.н метаболен синдром – термин кој опишува збир на состојби: дијабет, прекумерна тежина, хипертензија, покачен холестерол и триглицериди. Ваквата состојба впрочем значи нарушено метаболичко здравје, односно целосен дисбаланс во функцијата на метаболизмот. Постојат повеќе ризик фактори за нејзина појава, а еден таков фактор е хроничното воспаление или инфламација. Токму за оваа поврзаност ќе зборуваме во продолжение.
Што претставува инфламацијата?
Инфламацијата или воспалението е природен процес и е дел од одбранбениот механизам на организмот и истото има клучна улога при процесот на заздравување. При појава на „натрапник“ во телото, се јавува одговор со цел негово отстранување. „Натрапникот“ може да биде бактерија, вирус или пак обичен неоргански предмет – трн, прашина или некаков иритант.
Постојат два типа на инфламација – акутна и хронична.
Акутната инфламација е предизвикана од некаков тип на повреда или заболување и како што кажува името, таа е акутна односно краткотрајна. Таа е проследена со симптоми од типот на: болки, црвенило на повредената област, оток, чувство на топлина и сл.
Меѓутоа, ваквите симптоми не секогаш се присутни, па воспалението може да биде и присутно без никакви симптоми. Најчесто акутната инфламација трае неколку денови. Субакутната инфламација може да трае 2-6 недели.
Другиот тип на инфламација, хроничната, може да трае со месеци па дури и години. Таа е најчесто поврзана со други заболувања како: дијабет, кардиоваскуларни заболувања, артритис, ревматоиден артритис, псоријаза и сл.
Овој тип на воспаление е далеку поштетен и опасен, бидејќи може да трае навистина долго и да предизвика низа на проблеми како покачување на телесната тежина и низа на заболувања – дијабет, срцеви заболувања, канцер и сл.
Најчест начин за мерење на степенот на воспаление е преку мерење на т.н биомаркери или инфламациони маркери.
Како влијае воспалението врз ризикот за појава на метаболен синдром?
Хроничното воспаление значително допринесува за развојот на метаболен синдром преку повеќе механизми. Ваквата трајна, континуирана состојба на покачено воспаление се карактеризира со континуирано ослободување на проинфламаторни цитокини како што е Ц-реактивниот протеин (CRP), но и многу други соединенија. Тие главно се ослободуваат од имуните клетки, но и од масното ткиво.
Ваквите молекули може да реагираат со сигналните патишта на инсулинот, што може да резултира со инсулинска резистенција. Ова главно се случува поради инхибиција на супстратот на рецепторот на инсулин и со тоа, се нарушува усшеното навлегување на глукозата во клетките.
Дополнително, хроничното воспаление придонесува за ендотелијална дисфункција, што го зголемува ризикот од хипертензија, преку намалување на биорасположивоста на азотен оксид. Ова е молекула која е важна за рекалсирање/ширење на крвните садови (вазодилатација). Хроничната инфламација, исто така, промовира дислипидемија со менување на липидниот метаболизам, односно зголемување на нивото на триглицеридите и намалување на нивото на т.н „добар“ холестерол. Масните наслаги околу стомакот, кои се исто така карактеристични и се асоцираат со метаболниот синдром, дополнително го влошуваат воспалението преку лачење на адипокини – молекули кои исто така предизвикуваат инфламација.
Постојат дополнителни механизми и начини на кои инфламацијата допринесува за нарушувања на метаболитичката функција. Ваквата состојба не може да се третира исклучиво со една терапија, па така често се потребни низа на медикаменти. Дури и при започнување со соодветна терапија, силно се препорачуваат промени во начинот на живот – главно преку менување на начинот на исхрана, степенот на физичка активност, квалитетот на спиењето, нивото на стрес и сл.
Доколку сакате да прочитате повеќе за типот на намирници и храна кои делуваат анти-воспалително, кликнете ТУКА.