fbpx

Може ли ИСХРАНАТА да влијае врз ризикот за појава на ДЕМЕНЦИЈА?

tonus

Според статистиките на Светската здравствена организација (СЗО) околу 55 милиони луѓе ширум светот се борат со деменцијата. Секоја година, има околу 10 милиони ново дијагностицирани луѓе со деменција. Околу 60-70% од овие случаи, се пропратени и со дијагностицирана Алцхајмерова болест. Кај постарата популација ваквата состојба е особено честа и е сериозен ризик по здравјето. Се смета дека ваквите бројки дополнително ќе растат во иднина, бидејќи се очекува и популацијата да живее подолго. Поради тоа, голем број истражувања ја проучуваат поврзаноста меѓу исхраната и ризикот од појава на деменција, па токму на оваа тема ќе зборуваме во оваа денешна статија.

 

Што претставува деменцијата и кои се главните ризик фактори?

Деменцијата претставува термин со кој се опишуваат група на симптоми поврзани со помнењето, размислувањето и социјалните интеракции и способности. Најчесто деменцијата како термин се асоцира со влошена меморија. Алцхајмеровата болест се смета за најчеста форма на напредна деменција и најчесто се јавува кај постарата популација. Како најчести ризик фактори за појавата на деменција се сметаат: возраста, фамилијарната историја/генетика и присуството на Даунов синдром (кај лицата со Даунов синдром, Алцхајмеровата болест се јавува доста порано и многу почесто).

Според одредени истражувања – дијабетот, прекумерната телесната тежина и срцевите заболувања се исто така здравствени состојби кои можат да го зголемат ризикот за деменција. Нажалост, застапеноста на овие здравствени состојби е во постојан раст. Секако, исхраната игра исклучително важна улога во појавата и на овие состојби. Па така, таа всушност е индиректно поврзана на овој начин со деменцијата. Но, како всушност исхраната може да го намали ризикот за појава на деменција?

"“Online”/

 

Дали може здравата исхрана да го намали ризикот за деменција?

Мозокот, како и сите други ткива и органи во телото, има потреба од константен доток на соодветни нутриенти со цел да има оптимална функција. Во тој поглед, постојат огромен број на студии кои ја покажуваат поврзаноста меѓу исхраната и менталното здравје. Често, одредени нутриенти (витамин Б6, Б12, Ц, Е, Б9, како и омега-3 масните киселини) се поврзани со подобрено здравје и функција на мозокот.

Голем број студии го издвојуваат Медитеранскиот начин на исхрана како еден од подобрите за одржување на когнитивните функции, но и во поглед на превенција од заболувања како што е Алхајмеровата болест. Медитеранската исхрана е богата со овошје и зеленчук, семки и јаткасти плодови, маслиново масло, риба и повремена употреба на млеко и млечни продукти, јајца и сосем малку црвено месо.

Покрај овие намирници, редовната консумација на зелени и лиснати зеленчуци, бобесто овошје, мешунки и полнозрнести житарки исто така може да има особено позитивно влијание врз целокупното здравје, но и на менталното здравје и когнитивнтие функции.

 

Исхраната може да има и непосакуван, штетен ефект

Како храна која треба да се избегнува се смета процесираната, односно високо процесираната храна која е извор на калории, големи количества сол и шеќер, транс и заситени масти, а нуди малку корисни нутриенти како витамини, влакна или минерали. Голем број научници сметаат дека постои поврзаност помеѓу ваквата исхрана и зголемениот ризик за деменција.

Кога биле вршени испитувања врз животни, исхраната богата со рафиниран шеќер довела до зголемен ризик за деменција и Алцхајмерова болест.

Но, ваквите резултати биле присутни и кај испитувањата вршени кај луѓето. Една студија од Франција, во која биле вклучени над 2.500 испитаници покажала дека внесот на рафиниран шеќер го зголемува ризикот за појава на деменција кај постарата популација.

Друга студија го проучувала ефектот кој го имаат процесираните месни производи – колбасици, салама, сланина и сл. Кога ваквите производи се консумирале редовно, ризикот за појава на деменција кај испитаниците се зголемил за 44%, додека за Алхајмеровата болест за 52%.

Некои студии го проучувале и ефектот кој го има алкохолот врз здравјето на мозокот и ризикот од деменција. Поголемиот број студии покажуваат дека консумирањето алкохол во поголеми количини го зголемува ризикот за деменција. Но, интересно е дека умерениот внес на алкохол, особено на црвено вино, покажува позитивен ефект, односно го намалува ризикот за деменција.

Исхраната е исто така силно поврзана со здравјето на цревната микрофлора, а голем број истражувања покажуваат дека метаболитите, односно соединенијата произведени од микрофлората, имаат значителен ефект врз целокупното здравје, но и врз ризикот за појава на деменција. Резултатите од една студија покажале дека луѓето со деменција имале значително поразлични метаболити (произведени од микрофлората), за разлика од оние кои немале деменција.

Општо гледано, постојат голем број фактори кои може да влијаат врз менталното здравје и појавата на деменција. Исхраната е секако еден од нив и истата може да има превентивна улога. Исто така, лошата исхрана и внесот на процесирани намирници може да има штетна улога. Се смета дека инфламацијата, односно воспалителните процеси се еден од поголемите предизвикувачи на деменција. Во тој поглед, здравата исхрана помага телото да ја намали и да се справи со инфламацијата, додека процесираните намирници имаат добро познато про-воспалително дејство.

Повеќе за инфламацијата и за тоа како истата да ја намалиме, можете да прочитате тука.

Д-р Митов

Д-р Митов

Ние ви помагаме ВИШОКОТ КИЛОГРАМИ и поврзаните БОЛЕСТИ, на ПРИРОДЕН начин и трајно да ги отфрлите, за да бидете: ПОЗДРАВИ, ПОЛЕСНИ и ПОЛЕТНИ!

Leave a Replay

X
Добијте бесплатен пристап до нашиот неделен информатор