fbpx

Кои се придобивките од придржување до ИСХРАНА која содржи ПОМАЛКУ СОЛ?

tonus

Веќе имаме зборувано за скриената сол во храната и за повеќето штетни ефекти од прекумерен внес на сол преку секојдневната исхрана. Денес, ќе се задржиме на бенефитите, односно позитивниот аспект од следење на исхрана која е „сиромашна“ со сол и натриум.

 

Што се случува во организмот при прекумерен внес на сол?

Ефектите од прекумерен внес на сол може да се поделат на краткорочни и долготрајни. Краткорочните ефекти од прекумерно количество сол, најчесто се: задржување на вода, покачување на крвниот притисок и зголемена жед. Главниот краткорочен ефект на солта е задржувањето на вода. Тоа се случува како резултат на работата на бубрезите кои се обидуваат да одржат одреден, оптимален сооднос на вода и натриум во телото. Поради прекумерното количество на внесен натриум, тие ја задржуваат водата со цел да компензираат. Ова ќе го забележиме преку благо отекување, особено во рацете и стапалата, како и околу очите. Поради ваквото задржување на вода, доаѓа и до покачување на крвниот притисок, бидејќи низ крвните садови сега ќе циркулира поголемо количество на течност. Но, науката покажува дека не секој реагира исто, па така кај некој ќе се јави поголемо покачување на притисокот, додека кај некој можеби сосема малку да се покачи. Ова главно се должи на останати фактори како генетика и хормони.

Долгорочните ефекти од прекумерен внес на сол се: хипертензија, зголемен ризик за кардиоваскуларни компликации, зголемен ризик од карцином, формирање на бубрежни камчиња и сл. Доколку константно се внесува прекумерно сол, притисокот ќе биде постојано покачен, односно ќе дојде до појава на хипертензија. Токму поради тоа, лицата со веќе дијагностицирана хипертензија треба особено да внимаваат на внесот на сол. Проблемот дополнително се усложнува кога луѓето немаат доволно информации или пак воопшто не ги читаат етикетите. Со внес на разни процесирани намирници, исклучително е лесно да се надмине дневниот препорачан внес. Исто така, солта е често „скриена“ и се наоѓа во големи количини онаму каде што не би ја очекувале. Повеќе на таа тема, може да прочитате тука!

"“Online”/

 

Кои се бенефитите од долгорочна исхрана која содржи помалку сол?

Придржувањето до исхрана со малку сол може да  има значителни здравствени придобивки, првенствено поврзани со кардиоваскуларното здравје. Натриумот, главната компонента на солта, игра клучна улога во регулирањето на крвниот притисок. Прекумерниот внес на натриум може да доведе до хипертензија (висок крвен притисок), состојба која го зголемува ризикот од срцеви заболувања, мозочен удар и од бубрежни заболувања. 

Дополнително, исхраната со малку сол може да помогне да се спречи развојот на хипертрофија на левата комора, состојба каде што ѕидот на срцевиот мускул се „задебелува“ и стврднува и може да доведе до срцева слабост. Покрај придобивките на кардиоваскуларниот систем, исхраната со малку сол може да помогне и во одржување на здрава бубрежна функција. Високото ниво на натриум може да го зголеми обемот на работа на бубрезите, што потенцијално ќе доведе до хронично бубрежно заболување со текот на времето. 

Понатаму, за лицата со хронична хипертензија или срцеви заболувања, исхраната со малку сол може да ја подобри ефикасноста на терапијата, што го олеснува справувањето со овие состојби. Генерално, придржувањето кон диета со малку сол придонесува за подобри долгорочни здравствени резултати, особено во однос на здравјето на срцето и бубрезите.

Како одличен тип на намирници кои имаат ниско ниво на натриум се сметаат:

  • Свежото овошје и зеленчук
  • Полнозрнестите житарки
  • Мешунките 
  • Здрави извори на протеин и здрави масти (пилешко, мисиркино, риба)
  • Јаткасти плодови (печени или сирови, но без додадена сол)
  • Семки (без додадена сол)
  • Течности (чаеви, лимонада без шеќер, вода) и сл.

Секако, треба да се внимава особено на количината на додадена сол и веќе споменатата – „скриена“ сол во храната.

Покрај тоа, особено препорачливи се намирници кои се добар извор на калиум – минерал кој има позитивно дејство и директно му „парира“ на натриумот во поглед на крвниот притисок.

Повеќе на оваа тема може да прочитате на следниот ЛИНК.

Д-р Митов

Д-р Митов

Ние ви помагаме ВИШОКОТ КИЛОГРАМИ и поврзаните БОЛЕСТИ, на ПРИРОДЕН начин и трајно да ги отфрлите, за да бидете: ПОЗДРАВИ, ПОЛЕСНИ и ПОЛЕТНИ!

Leave a Replay

X
Добијте бесплатен пристап до нашиот неделен информатор