fbpx

Како исхраната влијаe на нашата кожа?

tonus

Навиките за исхрана се одразуваат врз нашето целокупно здравје, па така исхраната има силно влијание и врз здравјето и изгледот на нашата кожа.

Според некои експерти, дефицитот на одредени хранливи материи во исхраната, лесно се воочуваат преку промените на нашата кожа. Истражувањата покажале дека постојат одредени намирници што можат да ја заштитат кожата од оштетувања и прерано стареење, а постојат и други кои можат да ги забрзаат ваквите процеси. Денес ќе разгледаме кои се тие намирници и како поконкретно нашата исхрана влијае врз здравјето и изгледот на кожата.

 

"“Online”/

Најголемиот орган и бариера која нè штити

 

Кожата се смета за најголемиот орган во човековото тело. Таа постојано се обновува и се заменува со нови слоеви. За нивно создавање се потребни витамини и нутриенти кои ги внесуваме со исхраната. Изгледот на кожата многу често е одраз на нашата исхрана, начин на живот, умор, стрес што ни влијае итн.

Нејзината улога е да нè заштитува од надворешните влијанија, но и од бактерии, вируси, хемиски соединенија, загадување и сл. Таа исто така ја регулира телесната температура, помага во одржување на балансот на течности во телото, служи како сетило, индикатор за болка и сл.

Здравјето на кожата зависи многу фактори, но за главни се сметаат: генетиката, возраста, хормоните, заболувања.. Ова се фактори врз кои не можеме да имаме влијание.

Но, постојат и низа фактори кои се под наша контрола:

 

  • Исхрана
  • Пиење доволно вода
  • Заштита од сонце (од УВ зрачења)
  • Квалитетен сон
  • Стрес
  • Физичка активност
  • Не пушење на цигари и не консумирање на алкохол

Ова се дел од работите кои можеме да ги направиме за да имаме поздрава кожа.

 

Ние денес ќе се задржиме токму на исхраната и нејзиното влијание врз здравјето и изгледот на кожата.

 

Колагенот – градбена единка на нашата кожа

 

Нашата кожа е рефлексија за нашата исхрана и здравје. Козметиката може да помогне во одржување на убава и сјајна кожа, но сепак здравјето доаѓа од внатре. Она што е добро за целокупното здравје, може да се каже дека е добро и за кожата.

 

Кожата има сложена градба, но главен градбен блок претставува протеинот колаген. Тој е исто така дел од повеќе ткива во телото, како на пример сврзното ткиво кое ги спојува коските, мускулите и сл. Иако колагенот најмногу асоцира со градбата на кожата, тој има значајна улога за здравјето на повеќе делови од наше тело.

 

Во кожата може да се каже дека колагенот има потпорна, врзувачка функција. Младите имаат повеќе колаген, па нивната кожа изгледа помазна и полна. Со текот на годините, нашите нивоа на колаген природно се намалуваат, а тоа е една од  причините за стареењето на кожата.

Врз неговото создавање може да имаат улога повеќе фактори. Постојат одредени третмани и козметички средства што помагаат во создвањето колаген. Но, се смета дека и исхраната има централна улога во продукцијата на колаген во телото.

 

Исхраната и здравјето на кожата

 

Практикувајќи здрава, разновидна и избалансирана исхрана, ние секако си допринесуваме кон подобро здравје, но и кон здрава кожа. Но, добро е да се знае дека одредени соединенија во храната имаат ефект врз создавањето на колагенот.

Се смета дека витамините А, Ц, Д, Е и К и дел од минералите, помагаат при обновувањето нивоата на колаген, а со тоа го пролонгираат процесот на стареење на кожата.

 

Витамините и кожата

 

Витаминот А има важна улога во обновувањето на клетките и здравјето на кожата. Овој витамин најчесто го добиваме од растително потекло. Како храна особено богата со овој витамин, можеме да ги издвоиме: слаткиот компир, морковот, темно зелените зеленчуци, тиквата, марулата, кајсиите, рибата и тропските овошја. Овој витамин исто како и витаминот Ц, е антиоксидативно средство, а тоа значи дека помага при неутрализирањето на слободните радикали – заслужни материи за оштетувањето и стареењето на кожата.

 

Витаминот Ц е клучен во продукцијата на колаген во телото. Тој како и витаминот А, има антиоксидативни својства, односно ги нетурализира слободните радикали кои можат да го оштетат колагенот. Витаминот Ц е водорастворлив, што значи дека ги заштитува останатие масло-растворливи витамини и масни киселини од оксидација. Храна богата со витаминот Ц: цитрусни овошја, пиперки, брокула, јагоди, кељ, шумски овошја и др.

 

Витаминот Е се верува дека помага при заштита и репарација на кожата од предвремено стареење предизвикано од УВ зрачења. Заедно со витаминот Ц, се смета дека допринесуваат во обновувањето на колагенот во телото. Овој витамин помага нашата кожа да ја задржи еластичноста и помага при задржувањето на влагата, цврстината и сјајот на кожата.

Намирници што го содржат витаминот Е во посолидни количества, се: јаткасти плодови, спанаќ, полнозрнести житарки, морска храна и риба и сл.

 

Витаминот Д е витаминот кој се создава кога нашата кожа е изложена на сонце. Во зимските периоди често поради малата изложеност на сонце, кај поголемиот дел од луѓето доаѓа до недостаток од витамин Д.

 

Овој витамин исто така допринесува за спречување на прерано стареење на кожата. Но, треба да сме внимателни со изложеноста на сонце кога сакаме да ги добиеме потребните нивоа на витаминот Д.

 

[Поврзано: Витаминот Д – КЛУЧОТ на над 4000 клеточни процеси]

 

Минералите и кожата

 

Покрај витамините и минералите имаат важна улога во здравјето и изгледот на кожата. Цинкот, бакарот и селенот се минералите со особено влијание.

 

Се смета дека надворешниот слој од кожата содржи пет пати повеќе цинк од подлабочните слоеви на кожа. Цинкот е поврзан со побрзо заздравување на оштетена кожа, ги одржува здрави клеточните мембрани и помага при создавањето на нови клетки. Тој исто така има клучна улога при функцијата на бројни ензими, а со тоа помага при заштита на кожата од УВ оштетувања.

 

Како и цинкот, витаминот Ц и витаминот Е, бакарот, кога е дел од некои ензими, има антиоксидативна улога. На овој начин тој ја штити кожата од оштетувања предизвикани од сонцето. Исто така, бакарот е познато по тоа што го стимулира создавањето на колаген. Бакарот има улога и во создавањето на меланинот – соединение кое е заслужно за нашата пигментација на кожата и косата.

Селенот исто така има заштитна улога во поглед на УВ зраците, бидејќи е дел од некои ензими со потентни антиоксидативни својства. Дефицитот на селен се поврзува со зголемен ризик од појава на рак на кожата.

 

Шеќерот и неговиот ефект врз кожата

 

Простите шеќери, од кои најмногу белиот рафиниран шеќер (сахароза) е присутен во огромен број намирници. Понекогаш не сме ниту свесни колку шеќер внесуваме преку процесираната – брза храна. Газираните сокови и безалкохолни пијалоци се уште еден „скриен“ извор на огромно количество шеќери.

 

Шеќерот е поврзан со бројни пореметувања на кожата:

 

  • Воспаленија – акни и дерматитис се дел од проблемите што може да се појават кај кожата како резултат на инфламација. Со консумирањето шеќер се лачи инсулин во телото. Но, со прекумерен внес на шеќер, инсулинот не може да постигне да ги намали нивоата на шеќер, па таквата состојба може да доведе до воспаленија.

 

  • Го забрзува стареењето – иако ова е индивидуално за секоја личност и зависи од повеќе фактори, се смета дека рафинираните шеќери допринесуваат за стареењето на кожата. Кога тие се наоѓаат во крвта може да се прикачат за протеините колаген и еластин и да ја нарушат нивната структура, а со тоа и функцијата. Ова секако допринесува за намалување на еластичноста и структурата на кожата.

 

  • Поттикнување масна кожа – храната со висок гликемиски индекс (брзо го покачува шеќерот во крвта), ги активира хормоните во телото кои па го стимулираат создавањето на себумот (маснотијата што кожата ја произведува). Прекумерното лачење на себум може да доведе до затнување на порите и појава на воспаленија, односно акни.

 

Покрај шеќерот се смета дека прекумерното консумирање на следниве намирници е потенцијално штетно за здравјето и изгледот на кожата:

 

  • Алкохол
  • Чоколадо
  • Млечни производи
  • Пржена храна
  • Мајонез

 

 

Внесувајќи доволни количества микронутриентите – витамините и минералите, ние си помагаме во одржување на здравјето на кожата, нејзината структура, еластичност и изглед. Тие исто така се дел од повеќе процеси во телото што директно или индиректно се поврзани со здравата кожа.

Избегнувајќи ја процесираната храна, богата со рафинирани шеќери ние си го подобруваме сопственото здравје, а со тоа и здравјето и убавината на нашата кожа.

Д-р Митов

Д-р Митов

Ние ви помагаме ВИШОКОТ КИЛОГРАМИ и поврзаните БОЛЕСТИ, на ПРИРОДЕН начин и трајно да ги отфрлите, за да бидете: ПОЗДРАВИ, ПОЛЕСНИ и ПОЛЕТНИ!

Leave a Replay

X
Добијте бесплатен пристап до нашиот неделен информатор