fbpx

Kaпини – црно злато

tonus

Во претходните статии зборувавме за импресивните бенефити од бобестите овошки – малини и брусница. Денес ќе видиме зошто треба максимално да ја искористиме сезоната на вкусните капини.

Капината е повеќегодишна, листопадна, полужбунаста билка од родот Rubus (fruticosus), на семејството рози (Rosaceае). Потекнува од Европа, а денес се одгледува ширум светот во северните региони со умерена клима. Таа е често одлгледувана и кај нас во Македонија.

Луѓето уште од далечни времиња користат повеќе делови од оваа билка за најразлични потреби. Плодот бил користен за стомачни болки, правење мармалади, сокови, вино, во колачи, а листовите се користеле за чај, дијареа, ,,прочистување на крвта” итн.

"“Online”/

Во продолжение, да видиме дел од најзначајните корисни ефекти од составот на оваа бобеста овошка.

Нутритивно сконцентрирана храна

Повеќето овошки, особено бобестите се нутритивно сконцентрирана храна, односно храна со мала калориска, а огромна нутритивна вредност.

Нутритивна вредност во 100g капини:

• 43kcal
• 10g јаглехидрати од кои 4,2g растителни влакна и 4,8g шеќери
• 1,4g протеини и незначително количество масти
• 25% oд Дневните Потреби за витамин Ц
• 10% од ДП за витамин А
• 20% од ДП за витамин К
• 20% од ДП за бакар
• 10% од ДП за железо
• 30% од ДП за манган
• 5% од ДП за калиум
• 5% од ДП за магнезиум
• 5% од ДП за цинк

Во нешто помали количества капините содржат и витамини од Б групата, калциум, фосфор, селен итн.


Исклучителен антиоксидативен состав кој нуди низа здравствени бенефити


Антиоксидантите се одбранбениот механизам на телото од слободните радикали – штетни компоненти кои постојано се продуцираат како метаболитички отпад во телото и оксидативно ги оштетуваат неговите различни клетки и ткива. Организмот има механизми самиот да продуцира одреден процент на потребни антиоксиданти, но сепак генерално зависи од внесените.

Постојаните оксидативни оштетувања, водат до процеси на хронична инфламација или воспаление, кое пак на подолг рок е една од главните причини за развој на хроничните заболувања.

Капините се богати со неколку многу моќни антиоксидативни компоненти, вкучително витамин Ц, А, Е и низа антоцијанини (го даваат типичното виолетово-црно обојување), цијанидини и фенолни антиоксиданти (гална, елагична киселина, кверцетин, танини).

Во споредба со останатите бобести овошки, како јагодите и малините, капините содржат дупло поголема количина антиоксиданти, но половина од онаа на боровинките.

Една анализа на поголем број анимални студии утврдува дека екстрактите од малини и капини имаат силни антиоксидативни и антивоспалителни својства и можат да го намалат ризикот од хроничните заболувања, како што се кардиоваскуларните, дијабетот, гојазноста, но и канцерот. Исто така, анимални студии покажуваат дека елагичната киселина може значително да го намали оксидативното оштетување на ДНК (генетскиот материјал) и на тој начин да го намали ризикот од малигни заболувања.

Истражувањата покажуваат дека дури и замрзнатите бобести овошки поседуваат антивоспалителни својства.


Добра храна за превенирање анемија, кардиоваскуларни заболување и за здравјето на кожата

Овие својства се овозможени пред сè од витаминот Ц, но и од останатите антиоксидатвини компоненти. Дополнително, при анемијата и во нејзинита превенција, клучно е железото. Кога овој минерал се внесува заедно со витаминот Ц, неговата апсорпција во организмот е значително поуспешна.

Антиоксидативниот и минерален состав може да придонесе во превенција од срцевите заболувања. Богатиот антиоксидативен состав на капините може да ги супресира воспалителените процеси во крвните садови и на тој начин да спречи висок крвен притисок и натрупување на наслаги во крвните садови.

Дополнително, за подобро кардиоваскуларно здравје придонесува и минералниот состав на капините – магнезиум, железото, калиумот, цинкот, но и растителните влакна кои можат да делуваат на намалување на холестеролот во крвта, да превенираат од гојазност итн., со што ќе спречат некои чести срцеви заболувања, како срцевиот и мозочен удар на пример.

Солидните количества на витаминот К во капините (а содржи и одредено количество калциум), освен бенефит за коските, придонесуваа и за соодветното згрутчување на крвта, што е исто така значајно за кардиоваскуларното здравје.

Во едно канче со капини има повеќе од половина од дневните потреби за витаминот Ц.

Овој витамин помага и за:

синтезата на колаген – најзастапениот протеин во човековиот организам, клучен за здравјето на кожата, но и за коските

полесно заздравување на раните

подобра апсорпција на железото во дигестијата

подобар имунитет – пократко траење на симптомите на настинки и грипови

намалена хронична инфламација

Повеќе околу анемијата и недостатокот од железо, прочитајте тука, а околу значењето на витаминот Ц, со кликнување тука.

Погодна храна при слабеење и одлична храна за дигестијата

Како густо-нутритивните храна, капините содржат многу висок процент растителни влакна, но и вода. Тоа ги прави особено погодна храна при слабеењето. Освен што практично не можете да претерате со јадењето капини, тие ќе ви обезбедат и низа микронутриенти и антиоксидативни компоненти со најразлични корисни дејства врз орагнизмот. Студиите го поврзуваат зголемениот внес на свежата храна (овошје и зеленчук) со поуспешното слабеење.

И растителните влакна студиите ги поврзуваат со побрзото и поуспешно слабеење.

Ова е случај заради тоа што го намалуваат гликемискиот индекс на храната и ја врзуваат водата во стомакот, со што се промовира ситост. Дополнително, тие се храна за корисната цревна микрофлора, од чиј баланс зависи и целокупното здравје.

Растителните влакна помагаат и при еден од најчестите проблеми со дигестивното здравје- констипацијата или запекот. Едно истражување покажува дека со зголемувањето на внесот на фибер во организмот, опаѓаат шансите за развивање на колоректален канцер.

Храна погодна за здравјето на мозокот


Како што споменавме, постојаните оксидативни оштетувања, водат до процеси на хронична инфламација или воспаление, кое пак на подолг рок е една од главните причини за развој на хроничните заболувања.

Бобестите овошки, како јагодите, малините, капините, рибизлите, боровинките итн., се еден од најбогатите извори на антиоксидативни компоненти, воопшто. Главно, нивната антиоксидативна содржина се состои од антоцијанини, фенолино и многу други моќни антиоксиданти. Дополнително, тие се особено добар извор на витаминот Ц, кој исто така меѓудругото е моќен антиоксидант.

Студиите утврдиле дека некои од антиоксидантите пронајдени во бобестите овошки можат да се акумулираат во мозокот и на тој начин да обезбедат подобра комуникација помеѓу мозочните клетки.

Други потенцијални придобивки од јадењето капини:


аналгетско дејство – поради присутната природна форма на салицилна киселина (активна состојка на аспиринот)

добра храна за видот

чајот од листовите на капината се користи за болно грло

добра храна за коските – не само поради витаминот К, калциумот и витаминот Ц, туку и поради одличната количина на манган

добра храна за репродуктивното здравје – исто така поради добрата содржина на манган

повеќе студии утврдуваат антимикробен ефект на капините – добра храна за здравјето на усната празнина [прочитајте што може да предизвика побелен јазик]

Д-р Митов

Д-р Митов

Ние ви помагаме ВИШОКОТ КИЛОГРАМИ и поврзаните БОЛЕСТИ, на ПРИРОДЕН начин и трајно да ги отфрлите, за да бидете: ПОЗДРАВИ, ПОЛЕСНИ и ПОЛЕТНИ!

Leave a Replay

X
Добијте бесплатен пристап до нашиот неделен информатор