fbpx

КАЈСИЈА – едноставен плод со извонредни придобивки

tonus

Нашите пазари во летните денови изобилуваат со разни овошја. Подобро познатите – цреши, праски, диња, лубеница, слива се неизоставен дел од летното освежување. Но, можеби и едно од најпознатите и популарни овошја за кое не сме зборувале до сега на нашиот портал е секако кајсијата.

Ова овошје може да се рече дека секогаш го асоцираме со летото. Нашите мајки и баби често прават и разни слатки, џемови и компоти од него. Тоа е така бидејќи кајсијата навистина има централно место на нашите пазари и во нашите домови. Исклучително е здрава и може да се искомбинира и искористи во разни рецепти, десерти, во овошни салати, појадоци и сл.

Во текстот што следува ќе ги разгледаме токму некои од нутритивните карактеристики и здравствени бенефити кои ги пружа кајсијата.

"“Online”/

 

Едно од најодгледуваните овошја на нашите простори

 

Кајсијата (Prunus armeniaca) претставува мало дрво, високо околу 8-12 метри. Неговите цветови се 2-5 cm во пречник и обично цветаат во раната пролет, пред појавата на ливчиња. Плодот е голем околу 2-3cm во пречник, но може и да е поголем во зависност од сортата. Тој има жолто- портокалова боја, со мазна структура која има ситни влакненца. Се смета дека кајсиите потекнуваат од Ерменија, каде биле култивирани уште од антички времиња. Во нашата земја, периодот од 1980-1990 година бележел најголемо производство на кајсии (околу 12.000 тони), додека во последните години тоа бележи значителен пад со околу 2.000 – 4.000 тони годишно производство.

 

Нутритивен профил

Кајсиите се сметаат за овошје кое е доста нутритивно – содржи бројни микронутриенти (витамини и минерали), а сепак е прилично ниско калорично.

 

Во 3 свежи кајсии (околу 100g) се содржат:

 

  • 48 калории
  • 0,4g масти
  • 11g јаглехидрати (од кои 2g растителни влакна)
  • 1,4g протеини

 

Покрај макронутриентите, кајсиите ги содржат витамините: А, Ц и Е, како и минералите: бакар, калиум и железо.

Најдобро е кајсиите да се консумираат нелупени, бидејќи самата лушпа содржи голем дел од растителните влакна и нутриенти.

 

Зошто е добро да јадеме кајсии?

 

Кајсиите може да бидат одлична ужина или дел од некоја овошна салата во топлите летни денови. Тие се достапни и прилично евтини во претстојните месеци. Покрај тоа, постојат бројни здравствени придобивки од јадењето кајсии, а дел од нив се :

1 . Богати со антиоксиданти

Кајсиите во својот состав имаат бројни соединенија кои имаат антиоксидативна улога во телото. Имено, бета каротенот, лутеин, зеаксантин, како и витамините А, Ц, Е се дел од ваквите соединенија. Покрај тоа, тие се богати и со полифеноли, исто така антиоксадитвна група на соединенија. Флавоноидите припаѓаат на ваквата група и се докажани како корисни при состојби како што се дијабетот и срцевите заболувања. Дополнително, антиоксидантите го штитат телото од слободните радикали – соединенија кои се создаваат постојано и се секогаш присутни. На овој начин, се намалува оксидативниот стрес, а со тоа и се намалува ризикот од појава на разни заболувања.

2 . Поздрав вид и очи

Витамините А и Е присутни во кајсиите, имаат клучна улога во одржувањето на здрав вид. Дополнително, бета каротенот – пигментот што ја дава портокаловата боја на кајсиите, е прекурсор за создавање на витаминот А. Тоа значи дека нашето тело го конвертира ваквиот пигмент во активна форма на овој витамин.

Антиоксидантите лутеин и зеаксантин се верува дека го штитат окото, поточно мрежницата (ретина) од оксидативен стрес. Ваквите нутриенти исто така може да го намалат ризикот од појава на катаракта.

3 . Добри за кожата

Здрава исхрана која е богата со антиоксиданти може да има позитивно влијание врз здравјето на кожата и предвременото стареење. Како што веќе споменавме, витамините Ц и Е имаат вакво антиоксидативно дејство. Витаминот Ц се верува дека ја штити кожата по изложувањето на сонце, со тоа што ги неутрализира слободните радикали. Овој витамин исто така е поврзан и со создавањето на колагенот – протеин кој и дава цврстина и еластичност на кожата.

4 . Подобра дигестија

Кајсиите содржат растворливи и нерастворливи форми на растителни влакна. Во растворливи форми се вбројуваат пектините, гумите и полисахаридите, додека нерастворливи се целулозата, хемицелулозата и лигнинот. Кајсиите особено ги содржат растворливите растителни влакна, кои се заслужни за подобро регулирање на шеќерот во крвта, но и на нивото на холестерол. Исто така, ваквите влакна делуваат како пребиотици, односно како храна за микрофлората во цревата.

Повеќе за тоа што претставуваат растителните влакна и кои се нивните ефекти врз здравјето, може да прочитате тука.

5 . Добар извор на калиум

Калиумот е минерал кој има улога во испраќањето на нервните сигнали и при регулација на мускулните контракции. Тој заедно со натриумот ја регулира рамнотежата на течност во телото. Соодветен внес на калиум може да спречи надуеност и потеченост, како и да го одржува во нормала крвниот притисок. Една студија покажала дека храна богата со калиум го намалува крвниот притисок и ризикот од мозочен удар за 24%.

 

Кајсиите (како свежи или сушени) може да бидат одлична опција за ужинка, за дел од појадокот, вечерата или десертот. Како сушени може да се консумираат преку целата година, а во летните денови најдобро е да ги искористиме како свежи, нелупени.

.

Д-р Митов

Д-р Митов

Ние ви помагаме ВИШОКОТ КИЛОГРАМИ и поврзаните БОЛЕСТИ, на ПРИРОДЕН начин и трајно да ги отфрлите, за да бидете: ПОЗДРАВИ, ПОЛЕСНИ и ПОЛЕТНИ!

Leave a Replay

X
Добијте бесплатен пристап до нашиот неделен информатор