fbpx

Што е КОГНИТИВНО здравје и КАКО да го подобриме?

tonus

Во 1964 година, СЗО ја ревидирала и променила дефиницијата за тоа што значи да се биде „здрав“. До тогаш, здравјето било дефинирано како состојба без присуство на некаква болест. Но, евидентно е дека таквиот поглед кон терминот „здравје“ е доста упростен и необјективен.

Знаеме дека начинот на кој живееме и навиките кои ги имаме влијаат значително врз нашето физичко здравје. Но, колку тие влијаат врз здравјето на нашиот мозок и врз неговите способности? Таквите способности често се асоцираат и со изразот когнитивни функции, а денес ќе зборуваме токму за тоа како начинот на живеење влијае врз истите.

 

"“Online”/

Што претставува когнитивното здравје?

 

Когнитивното здравје или когнитивните функции, се еден аспект и дел од здравиот мозок. Како основни когнитивни функции се сметаат:

 

  • Внимание
  • Успешно извршување на сложени движења
  • Говорење
  • Процесирање на визуелни и просторни сигнали
  • Учење на нови работи и вештини
  • Меморија
  • Социјална интеракција
  • Контрола врз емоциите

 

Ова се дел од „задачите“ што би требало човек со добро когнитивно здравје да ги извршува без никаков проблем. Тоа значи и нормално функционирање во општеството, добра интеракција и комуникација со луѓето од средината, способност за извршување на работата и обврските и сл. Врз когнитивното здравје се смета дека големо влијание има возраста, па со стареењето истото може да ослабне и да се влоши. Затоа како што старееме, клучно е да го одржуваме и негуваме здравјето на нашиот мозок, а тоа едноставно може да го постигнеме со здрав начин на живот.

 

Навики кои може да го подобрат когнитивното здравје

 

Промени во веќе постоечките и усвојување на некои нови, поздрави навики може да доведат до исклучително позитивни ефекти врз нашето здравје и подобрен квалитет на живот. Она што е добро за нашето тело е најчесто добро и за нашиот мозок, а со тоа и за нашето когнитивно здравје.

 

1 . Нови задачи и активности за мозокот

 

Кога мозокот го подложуваме на некавка нова активност или задача, доаѓа до стимул и создавање на нови поврзувања во мозочните клетки. Покрај тоа, се смета дека доаѓа и до создавање на нови клетки и нивна помала деградација во иднина.

Било каков тип на активност ќе има позитивен и стимулирачки ефект на мозокот. Тоа може да биде читање на нова книга, решавање на крстозбор, или некој друг тип на мисловна активност. Исто така, добра идеја се и активностите кои вклучуваат и некакви движења, пример – цртање, боење, пишување или било каква активност која ги вклучува и рацете. Тие ќе го „тренираат“, односно „вежбаат“ нашиот мозок и на тој начин го одржуваат неговото здравје и нормално функционирање.

 

2 . Физичка активност

 

За бенефитите од физичката активност говориме постојано и тоа го правиме навистина со причина. Покрај подобрување на нашето физичко здравје, вежбањето има значителен ефект и врз когнитивното, односно, здравјето на мозокот. Истражувањата покажуваат дека редовната физичка активност го зголемува бројот на малите крвни садови што носат крв богата со кислород до мозокот. Исто така, вежбањето може да помогне во создавањето на нови нервни клетки и да ја подобри и зголеми поврзаноста меѓу нив.

Дополнително, вежбањето индиректно помага на здравјето на мозокот преку намалување на крвниот притисок, нивоата на холестерол, шеќер во крвта и стресот.

 

3 . Социјализација и интеракција со луѓе

 

Комуникацијата со други луѓе преку различни социјални активности може да помогне и да го одржи мозокот поактивен и поздрав. Ваквите активности може да помогнат со изолираноста и осаменоста, а тие може да се особено штетни за когнитивното здравје. Интеракцијата со луѓе може да го подобри и расположението, менталното здравје и да го продолжи нашиот живот.

 

4 . Менаџирајте го стресот

 

Стресот претставува нормален и очекуван дел од животот. Краткотрајниот стрес е честа појава, но долгорочниот, хроничен стрес е оној што е опасен и што треба да се лимитира и менаџира. Тој може сериозно да го наруши нашето целокупно здравје и да го зголеми ризикот за бројни заболувања. Во поглед на когнитивното здравје, стресот може да ја ослабне и влоши меморијата, учењето на нови вештини, како и да го зголеми ризикот за Алцхајмеровата болест и деменција.

 

5 . Хранете се здраво

 

Здравата исхрана го снабдува нашето тело со сите потребни нутриенти и овозможува негово оптимално функционирање. Таа исто така може да го подобри нашето ниво на енергија, нашето расположение, квалитетот на спиењето и сл. Сето ова влијае и врз когнитивното здравје. Покрај тоа, преку намалување на ризикот за одредени заболувања (кардиоваскуларни, мозочен удар, холестерол и сл.), здравата исхрана индиректно влијае и врз здравјето на мозокот. Постојат одредени истражувања кои ја утврдиле врската меѓу медитеранскиот начин на исхрана и намалениот ризик од појава на Алцхајмеровата болест.

Исклучувањето на цигарите и алкохолот од нашиот живот, секако ќе има позитивен ефект и врз здравјето и функцијата на мозокот.

 

 

 

Д-р Митов

Д-р Митов

Ние ви помагаме ВИШОКОТ КИЛОГРАМИ и поврзаните БОЛЕСТИ, на ПРИРОДЕН начин и трајно да ги отфрлите, за да бидете: ПОЗДРАВИ, ПОЛЕСНИ и ПОЛЕТНИ!

Leave a Replay

X
Добијте бесплатен пристап до нашиот неделен информатор