fbpx

Лесни за подготовка, здрави и вкусни – два РЕЦЕПТИ за добро познатата КОМПИР МАНЏА!

tonus

За подготовка на здрав, вкусен рецепт не ви е потребно премногу слободно време, а уште помалку ви се потребни скапи и недостапни намирници. Нашите пазари се исклучително богати со достапни и евтини зеленчуци кои може да се искористат за подготовка на безброј различни нутритивни рецепти. Во тој поглед, денес ќе издвоиме два интересни рецепти за подготовка на добро познатата и омилена – компир манџа.

Достапен, евтин и нутритивен – компирот е еден од најкористените зеленчуци, а тоа е со причина!

Компирот е всушност јадливиот корен на билката Solanum tuberosum која потекнува од Јужна Америка, поточно од планините Анди. По откривањето на континентот, тој би пренесен и во Европа. Денес се одгледува во повеќе од 160 земји во светот и постои во скоро 2000 различни варијанти, бои и големини. Сепак, во однос на нутритивната вредност, различните типови компир не се разликуваат премногу.

Нутритивниот состав на овој зеленчук се смета за исклучително корисен и здрав и затоа компирот се препорачува редовно да се употребува.

"“Online”/

Еден компир со просечна големина, односно 170g, вклучително со лушпата содржи:

  • 168 калории
  • 5g протеини
  • 37 jaглехидрати
  • 4g растителни влакна
  • 24mg натриум
  • 37% од Дневно Препорачаниот Внес за витамин Ц
  • 31% од ДПВ за витамин Б6
  • 27% од ДПВ за калиум

Составот не варира значително во однос на различните видови, но на пример црвениот компир има помалку јаглехидрати и растителни влакна од обичниот, но има многу повеќе ниацин и витамин К, од друга страна.

Начинот на приготвување, исто така влијае на нутритивниот состав на компирите. Имајќи предвид дека поголемиот дел од растителните влакна и минерали се наоѓаат во лушпата, лупењето на компирите го намалува процентот на овие нутриенти. Пржењето на компирите значително ја зголемува калориската вредност поради впиеното масло од компирите, но се создаваат и компоненти кои можат да бидат штетни за здравјето. Затоа, варењето и печењето се сметаат за далеку подобри начини за приготвување на компирот.

Вкусна, медитеранска компир манџа

За подготовка на овој рецепт ќе ви бидат потребни околу 40 минути, а истиот е доволен за 4-5 порции.

Потребни намирници:

  • 3 големи чешниња лук, ситно исецкани
  • 1 главица кромид, ситно исецкана
  • 350g печурки (по ваш избор) , крупно исецкани
  • 4 моркови, исецкани на кругчиња
  • 3 парчиња целер, исецкани
  • 500g компир, исецкан на покрупни парчиња
  • 1 шолја леќа
  • Едно тетрапак пакување доматен сос (околу 400g)
  • 400ml растителен бујон
  • Маслиново масло
  • Сол, мелен црн бибер, мелен црвен пипер, кари, ким и останати зачини по желба

Подготовка:

  1. Во поголемо тенџере загрејте малку маслиново масло, а потоа додајте го лукот, кромидот и печурките. Пропржете ги околу 5 минути.
  2. Потоа, додајте ги морковите, целерот, компирите, леќата, доматниот сос, бујонот и промешајте.
  3. Доведете ја смесата до вриење, а потоа намалете го огнот и гответе со капак околу 30 минути. Доколку за време на варењето смесата стане премногу густа, додајте малку топла вода.
  4. Послужете со свежа марула салата.

Компир манџа со праз 

За подготовка на овој рецепт ќе ви бидат потребни околу 50 минути, а истиот е доволен за околу 4 порции.

Потребни намирници:

  • Околу 600-700ml растителен бујон
  • Oколу 600g компир, исецкан на покрупни парчиња
  • Сол, бибер, оригано 
  • Малку свеж магдонос
  • 1-2 црвени пиперки, исецкани на ленти
  • 1 поголема главица кромид, исецкана
  • 1 парче праз, исецкано на кругови
  • Неколку моркови, исецкани на кругови
  • 1 парче целер, исецкано
  • 4 чешниња лук, ситно исецкани

Подготовка:

  1. Во тенџере ставете го бујонот, компирите и магдоносот. Зачинете и доведете до вриење. Гответе додека компирите малку не омекнат (околу 10 минути), а потоа додајте го лукот, пиперката,кромидот, празот, морковите и целерот. 
  2. Фино промешајте и оставете смесата да се готви со капак. По околу 15-20 минути, проверете дали се сварени компирите, доколку се, тргнете го тенџерето од оган.
  3. Послужете во комбинација со свежа сезонска салата.

Д-р Митов

Д-р Митов

Ние ви помагаме ВИШОКОТ КИЛОГРАМИ и поврзаните БОЛЕСТИ, на ПРИРОДЕН начин и трајно да ги отфрлите, за да бидете: ПОЗДРАВИ, ПОЛЕСНИ и ПОЛЕТНИ!

Leave a Replay

X
Добијте бесплатен пристап до нашиот неделен информатор