fbpx

Што претставува КРЕАТИНИНОТ и што покажуваат неговите вредности?

tonus

Речиси сите знаеме дека проверката на нашето целокупно здравје започнува со правење на крвна слика. Тоа е еден општ, но сепак доволно добар показател за нашата здравствена состојба. Во крвната слика има повеќе различни параметри и вредности, секоја со своја значење и важност. Дел од нив се индикатори и за здравјето на нашите бубрези, а токму еден таков најчесто испитуван параметар е и креатининот. Затоа, во продолжение ќе зборуваме малку повеќе за креатининот, што тој претставува и што означуваат неговите вредности.

Што претставува креатининот?

Креатининот претставува спореден или отпаден продукт кој се создава при метаболизирањето на креатинот. Креатинот е соединение кое природно е присутно во организмот и речиси 95% од неговите количества се наоѓаат во мускулите. Тој е вклучен во повеќе процеси, но главно им помага на мускулите при извршувањето на одредени, интензивни активности. Тој всушност претставува извор на енергија за мускулите, односно за нивната контракција. По неговото искористување, се добива она за што зборуваме денес, а тоа е креатининот.

Зошто се мери нивото на креатинин?

Креатининот се смета за отпаден продукт и нашите бубрези ја имаат должноста да го отстранат, односно да го исфилтрираат од крвта. Преку следење на нивото на креатинин, докторите може да добијат делумно добра слика за функцијата на бубрезите. Покачени нивоа на креатинин може да бидат индикатор дека бубрезите не функционираат оптимално. Ваквото мерење на креатининот, често е проследено и со мерење на други параметри како што е уреата. Мерењето на овие параметри се смета за рутинско и може да помогне при утврдување на одредени проблеми со функцијата на бубрезите. Треба да истакнеме дека постојат два параметри за креатинин – серумски креатинин и креатинин во урина. Едниот параметар го мери нивото на креатинин во крвта, додека другиот го мери во урината.

"“Online”/

За серумскиот креатинин оптимални вредности се сметаат:

  • За мажи: 0,74 – 1,35mg/dL или 65,4 – 119,3 µmol/L
  • За жени: 0,59- 1,04mg/dL или 52,2 – 91,9 µmol/L

Покачени нивоа на серумски креатинин може да значат несоодветна работа на бубрезите. Тие исто така може да бидат покачени и поради: исхрана богата со месо и протеини, дехидрација, блокиран уринарен тракт и сл.

Останати параметри

Важно е да напоменеме дека не секогаш креатининот е добар индикатор за здравјето на бубрезите. Неговото ниво зависи од нашата возраст, пол и големина на тело. Во тој поглед, „нормалните“ нивоа често се индивидуални. Исто така, лицата кои редовно и интензивно вежбаат, односно имаат повеќе мускулно ткиво, како и исхрана богата со протеини, може да имаат покачени вредности за креатинин. Понекогаш, подобра опција за проверка на работата на бубрезите се смета дека е испитувањето на примерок урина. При испитувањето на примерокот урина, се мери количеството и на уште едно соединение – албумин. Албуминот претставува тип на протеин и неговото оптимално ниво е под 30mg/g. Покачените вредности за албумин може да се исто така индикатор за неоптимална функција на бубрезите.

Дополнително, добар показател за функцијата на бубрезите е и испитување наречено – стапка на гломеруларна филтрација. Ова се смета за померодавен показател и е посигурен начин да се провери функцијата на бубрезите.

Секако, сите овие тестови и интерпретација на нивните резултати треба да бидат направени со помош на медицинско лице.

Д-р Митов

Д-р Митов

Ние ви помагаме ВИШОКОТ КИЛОГРАМИ и поврзаните БОЛЕСТИ, на ПРИРОДЕН начин и трајно да ги отфрлите, за да бидете: ПОЗДРАВИ, ПОЛЕСНИ и ПОЛЕТНИ!

Leave a Replay

X
Добијте бесплатен пристап до нашиот неделен информатор