fbpx

Исхрана по крвни групи – како една измислица зеде залет?

tonus

Што ако толку едноставна информација како типот на вашата крв може точно да го одреди начинот на исхрана кој треба да го имате? Токму ова го ветува т.н. исхрана според крвна група.

Оргинално развиена од лекарот на ,,природна” медицина Питер Дадамо во 1996 година, таа повторно го добива моментумот денес, со акуелизирањето по социјалните мрежи.

Во продолжение: Зошто овој тип на исхрана е погрешен и на што се базираат ,,добиените резултати” од него?

"“Online”/

Што значи исхрана по крвни групи?

Како што споменавме, креаторот на оваа исхрана Питер Дадамо, во својата книга го опишува начинот на кој таа функционира. Според него, во намерата да бидеме поздрави, да живееме подолго и да ја достигнеме идеална телесна тежина, треба да јадеме само точно определена храна, во зависност од нашата крвна група. Дури и зачините, па и типовите на вежби кои ги правиме, треба да зависат од крвната група.

Главниот постулат, оваа исхрана го базира во целосно сомнителното и научно непотврдено тврдење на авторот дека секоја крвна група носи план на исхрана од нашите предци. Така, ние треба да ја навигираме исхраната според нашата крвната група која ни е водич и ни кажува какви предци сме имале: ловци, земјоделци, номади или пак нашата крвна група реферира на поновото време. Ова се основни непознавања на генетиката.

Навидум „логична” исхрана

Оние со крвна група О, според Дадамо се сметаат за ловци и треба да јадат главно протеинска храна, односно месо, риба, а да го ограничат внесот на легуминози, житарки, овошје итн.

Оние со групата А, се сметаат за потомци на одгледувачите или земјоделците. Тие треба да го избегнуваат месото и млечни производи, да јадат полнозрнаста храна, овошје, зеленчук итн.

Групата Б или потомците на номадите треба да имаат разноврсна исхрана, вклучително месо, млечни производи, растителна храна..

АБ групата се смета за ,,модерна”. Тие треба да јадат млечни производи, риба, семиња и зеленчук и овошје. Месото и легуминозите треба да ги избенуваат.

Секоја од овие теории, ловци, номади, одлгледувачи може да биде сериозно доведена во прашање. На пример, постојат докази дека крвната група А е првата крвна група кај човекот, а не О. Дополнително, не постојат докази за поврзаноста на крвната група и дигестијата.

Значи, не само што не постојат докази за оваа теорија, туку логично е да се постави и прашањето зошто воопшто би требало да функционира овој тип на исхрана?

Дали има било какви научни докази на кои е заснована оваа исхрана?

Истражувањата на крвните групи во последно време се интензивираат.

Според нив, постојат цврсти докази дека самиот тип на крвна група може да влијание во намалувањето или зголемувањето на ризикот од развој на одреден тип на заболување. На пример оние со крвна група О, имаат помал ризик од срцеви заболувања, но поголем од развој на чиреви.

Како и да е, не постојат студии кои покажуваат дека ова има било каква врска со начинот на исхрана!

Постои студија која за испитаници имала 1500 млади луѓе кои ја следеле исхраната за групата А(повеќе овошје и зеленчук и полнозрнаста храна, а многу малку месо и млечни производи). Кај овие испитаници е забележано значително подобрување во повеќето здравствени параметри. Но, значајно да се каже за темата, овој ефект бил забележан кај сите испитаници кои ја следеле исхраната, не само кај оние кои имале крвна група А.

Во 2013 година е правена детална анализа на илјадници студии поврзани со тематиката. Резултатите не покажале ниту еден единствен доказ дека исхраната базирана на крвни групи дава некаков резултат. Дополнително, сите истражувања кои покажуваат било каква поврзаност помеѓу здравјето и исхраната според крвни групи, се покажале како лошо поставени.

Зошто, навидум смешните тврдења на оваа исхрана можат да доведат до некаков резултат?

Имајќи предвид што се подразбира под модерна исхрана:
• рафинирани шеќери, брашна,
• препроцесирана храна, брза храна, богата со калории од заситени маснотии, шеќери и сол, конзервирана месна храна, многу млечни производи итн,
било кој од наброените типови на исхрана од погоре може да биде дури и значително подобрување, во однос на онаа ,,модерна” исхрана кој сме ја имале од претходно.

Сепак, станува збор за типови на исхрана кои содржат генерално здрава, целосна храна која е супериорна во однос на западниот, модерен начин на исхрана.

Тоа би била главната причина за некакви подобрувања во однос на телесната тежина и здравствените перформанси, а не врската на храната со типот на крвната група која ја имате!

Краток заклучок

Промоторите на оваа исхрана велат дека иако нема докази, тоа не значи дека ваквиот тип на исхрана е неефективен. Велат: исто така нема докази дека е штетен. Според ова, очигледно дека и овој ,,начин на исхрана”, заедно со повеќето митови ќе остане да постои уште долго.
За ваквата ситуација постои една клучна причина: науката не може сè уште да каже кој е идеалниот начин на исхрана, посебно не за секого индивидуално. Дури и да го знаеме идеалниот начин, примената ќе биде предизвик, па веројатно повторно ќе си смислуваме оправдувања.

Дополнително на сето ова, самата човекова природа, барањето на брзи и лесни решенија и во иднина ќе ги поттикнува некои луѓе да создаваат ,,магични” и брзи решенија околу исхраната и здравјето, па и повеќе луѓе кои ќе ги следат и ќе веруваат. Неретко, зад магичните диети се кријат и некакви интереси за профит. Затоа, наскоро можеме да очекуваме и некои нови светски популаризирани трендови.

Тогаш, што да превземеме?

Иако не може цврсто да се тврди кој тип на исхрана е идеален, а уште помалку кој би бил тој за секого индивидуално, барем точно ни е познато што ни прави штета на сите. А самите ние си знаеме што на нас индивидуално, воопшто не ни одговара во однос на храната.
Според досегашните истражувања, Медитеранската диета, односно медитеранскиот начин на исхрана и живеење е неприкосновена по добиените резултати.

Значи, полнозрнаста храна, семиња, јатки, маслиново масло, риба, овошје и зеленчук. Дополнително, максимално избегнување на процесираната храна, физичка активност, квалитетен сон и контролиран стрес. Ова се главните фактори кои можат да ни помогнат во превенирањето од повеќето хронични заболувања, да ни помогнат со телесната тежина и општо со чувството кое го имаме во однос на нашето тело.

Д-р Митов

Д-р Митов

Ние ви помагаме ВИШОКОТ КИЛОГРАМИ и поврзаните БОЛЕСТИ, на ПРИРОДЕН начин и трајно да ги отфрлите, за да бидете: ПОЗДРАВИ, ПОЛЕСНИ и ПОЛЕТНИ!

Leave a Replay

X
Добијте бесплатен пристап до нашиот неделен информатор