fbpx

Основни ПРИДОБИВКИ од квалитетниот и редовен СОН!

tonus

Иако сме добро свесни за неопходноста на квалитетен и долг сон, статистиките покажуваат дека луѓето сè помалку ги следат ваквите препораки. Секојдневните обврски и проблеми, стресот, анксиозноста, здравствените проблеми – се само дел од причините кои може да го нарушат добриот сон. На нашиот блог редовно зборуваме и ја нагласуваме ваквата важност на спиењето, а издвојуваме и повеќе начини на кои сонот влијае врз нашето здравје – голем дел од нив се и доста изненадувачки. Но, денес ќе зборуваме за општите бенефити кои може секој од нас да ги добие доколку малку повеќе се посвети на својата „хигиена на спиење“.

[Поврзано: Како да го подобрите сонот?]

Зошто е сонот важен за здравјето?

Спиењето претставува незаменлива и неопходна потреба на организмот со која истиот се обновува, одмара и репарира. Сонот е клучен за секое ткиво и клетка, за нормално функционирање на метаболизмот, имуниот систем, растот, развојот итн. Без доволно сон, првенствено страда нашиот мозок, со што се намалуваат неговите нормални способности и функционирање. Општите препораки за возрасната популација велат 7-9 часа сон секоја ноќ. Ваквите потреби се различни за помладата популација, каде некогаш се потребни и над 10 часа сон.

"“Online”/

Секако, ваквата потреба за сон не секогаш соодвестува со секојдневниот распоред и обврски, па често луѓето спијат помалку од препорачаното. Тоа доведува до нарушени когнитивни функции, како и промени во нивото на енергија, расположение, нарушен имунитет и сл. Дополнително загрижувачки е што луѓето градат еден вид на толеранција кон хроничниот недостаток од сон, па така тие често се залажани дека на тој начин можат да живеат без никаков проблем и последици.

Недостатокот од сон науката го поврзува со зголемен ризик за повеќе различни здравствени состојби: покачена телесна тежина, тип 2 дијабет, хипертензија, срцеви заболувања, нарушено ментално здравје, зголемени нивоа на стрес хормони и сл.

Што може да очекуваме доколку имаме редовен и квалитетен сон?

Како што споменавме, голем дел од популацијата има умерен до сериозен недостаток од сон. Истиот доколку е акутен (краткотраен) е речиси безопасен, но проблемите се јавуваат при хроничниот недостаток од сон и истиот може навистина негативно да влијае на здравјето. Затоа, во продолжение ќе издвоиме неколку позитивни ефекти кои може да се јават доколку го подобрите квалитетот и квантитетот на сонот.

1 . Може да ви помогне со телесната тежина

Голем број студии покажуваат дека спиењето помалку од 7 часа доведува до поголем ризик за обезност и прекумерна тежина. Една ваква студија спроведена во 2020 година, покажува дека спиењето под 7 часа го зголемува ризикот за обезност за дури 41%. Ваквата поврзаност се должи на повеќе различни фактори меѓу кои – желбата за вежбање, нивото на енергија, хормонални промени, промени во навиките за исхрана и сл. Недостатокот од сон често се асоцира и со консумацијата на покалорична, помалку квалитетна храна која е богата со масти и рафиниран шеќер. Многу повеќе на оваа тема, може да прочитате во нашата претходна статија, што може да ја прочитате доколку кликнете тука.

2 . Подобра концентрација и продуктивност

Сонот е неопходен за функцијата на мозокот и за когнитивните функции. Недостатокот од сон влијае негативно на повеќе аспекти, меѓу кои се – концентрацијата, продуктивноста, перформансот и сл. Ова може да биде особено ризично за лицата кои имаат високо одговорни професии, но и професии каде намалената концентрација може да го стави нивниот живот во опасност. Некои студии покажуваат дека докторите кои имаат среден или висок недостаток од сон, пријавиле грешки во работењето за 54% повеќе, односно 97% соодветно. Исто така, сонот се смета дека е клучен за децата, адолесцентите и студентите кога зборуваме за нивните способности за учење, памтење и целокупен академски успех.

3 . Повеќе сон значи и поздраво срце

Редовниот и квалитетен сон се смета за еден едноставен начин кој може да допринесе за подобро кардиоваскуларно здравје. Имено, една анализа на 19 одделни студии покажува дека спиењето под препорачаните 7 часа, го зголемува ризикот за срцеви заболувања за дури 13%. Исто така, недоволниот сон се асоцира и со ризик за зголемен крвен притисок, особено кај лицата со спиечка апнеа. Една студија покажала дека лицата кои спијат помалку од 5 часа, имаат зголемен ризик за хипертензија за дури 61% – споредено со оние кои спијат 7 часа. Интересно е што спиењето над 9 часа исто така се асоцира со одреден ризик за покачен крвен притисок, како и други срцеви заболувања.

4 . Квалитетниот сон може да го намали ризикот за дијабет тип 2

Како и со срцевите заболувања, недоволниот сон може да го зголеми ризикот и за појава на дијабет тип 2. Недостатокот од сон се асоцира и со зголемена инсулинска резистентност, па така една анализа на 36 студии во кои вкупно биле вклучени над 1 милион испитаници, покажува дека спиењето помалку од 6 или 5 часа, го зголемува ризикот за појава на дијабет за 18% и за 48% соодветно. Причината за ова се смета дека главно се должи на намалената инсулинска сензитивност, зголемување на инфламационите процеси во организмот, како и хормоналните промени кои може да влијаат врз апетитот.

  1. Недоволниот сон се поврзува со депресијата

За крај, мора да споменеме дека сонот е неопходен и клучен за одржување и на нашето ментално здравје. Во тој поглед, бројни студии покажуваат дека менталното здравје е силно зависно од квалитетниот и доволен сон, а особено се истакнува депресијата. Еднс студија со над 2600 испитаници, покажала дека недоволниот и неквалитетниот сон го зголемува ризикот за појава на анксиозност и депресија кај испитаниците. Други студии покажуваат поврзаност меѓу несоницата или спиечката апнеа и зголемениот ризик за депресија. Ова укажува дека спиењето има силно влијание врз нашето расположение, хормоните, а со тоа и врз нашето целокупно ментално здравје. 3

Покрај ова, квалитетниот и редовен сон може да помогне со:

  • Поголема мотивираност, енергија и способност за физичка активност
  • Подобрување на имунитетот
  • Намалување и контролирање на инфламацијата
  • Подобрено расположение и социјална интеракција
  • Подобро справување со стресот и анксиозноста

Д-р Митов

Д-р Митов

Ние ви помагаме ВИШОКОТ КИЛОГРАМИ и поврзаните БОЛЕСТИ, на ПРИРОДЕН начин и трајно да ги отфрлите, за да бидете: ПОЗДРАВИ, ПОЛЕСНИ и ПОЛЕТНИ!

Leave a Replay

X
Добијте бесплатен пристап до нашиот неделен информатор