fbpx

ЛАДНО ЦЕДЕНО наспроти „ОБИЧНО“ маслиново масло – во што лежи разликата?

tonus

Секоја светска кујна има свој карактеристичен тип на масло, а за медитеранската тоа без двоумење е маслиновото. Овој тип масло има централна позиција и незаменлива улога во медитеранската исхрана, а во последните децении има сериозна популарност и кај нас. Тоа има исклучително корисен и здрав состав, но и интересен, пријатен и специфичен вкус. Но, често се среќаваме со две варијанти на ова масло – ладно цедено и „обично“ – рафинирано маслиново масло. Во што лежи разликата и зошто е ладно цеденото масло значително поскапо? Токму за ова ќе зборуваме во оваа денешна статија.

Зошто е маслиновото масло толку популарно и здраво?

Како што споменавме, маслиновото масло има централна позиција во медитеранската исхрана. Тоа редовно се користи во медитеранските рецепти, а се смета и дека голем дел од здравствените придобивки кои се асоцирани со овој начин на исхрана се директно поврзани со маслиновото масло. Тоа претставува извор на особено здрави – незаситени масти во чија градба спаѓаат и омега-6 и омега-3 масните киселини. Главната масна киселина претставува мононезаситената олеинска киселина – со околу 73% од вкупните липиди. Оваа масна киселина има докажани позитивни ефекти за човековото здравје – анти-воспалително дејство, го намалува холестеролот, го подобрува кардиоваскуларното здравје и сл. Маслиновото масло е исто така и одличен извор на низа антиоксиданти, а ги содржи во умерени количини и витамините Е и К. Присуството на овие витамини и антиоксиданти допринесува за бројни корисни ефекти на маслиновото масло врз нашето здравје. Особено се смета како корисно за одржување на здравјето на мозокот, кардиоваскуларното здравје, а може да биде корисно и за превенција од прекумерна телесна тежина и појава на дијабет тип 2. Сепак, иако е особено здраво и корисно, маслиновото масло треба да се консумира умерено, бидејќи како сите масла – истото е доста калорично. Во еден грам маслиново масло се содржат 9 калории, па така голема супена лажица од 10-15g би содржела од 90 па до 135 калории. Затоа, маслиновото масло се препорачува да се употребува редовно и секојдневно, но во умерени, помали количини.

Која е разликата меѓу ладно цеденото и „обичното“ маслиново масло?

Често се среќаваме со овие две опции во супермаркетите, а разликата е доста очигледна и по нивната цена. Но, зошто се ладно цедените масла поскапи и поздрави? Главната разлика лежи во процесот на добивање на маслата од самата суровина, во случајов – маслинките. „Обичното“ маслиново масло или наречено и рафинирано, се добива преку процес кој користи висока температура и растворувачи – услови кои ги оштетуваат и уништуваат биоактивните компоненти во маслиновото масло. Маслиновото масло потоа може да подлежи на уште неколку производствени чекори кој дополнително вклучуваат употреба на разни хемикалии. Во процесот се губат дел од витамините, антиоксидантите и останатите природно присутни компоненти. Исто така, самото масло има малку поинаков вкус и мирис.

"“Online”/

Ладно цеденото или „extra virgin“ маслиново масло не подлежи на процеси кои вклучуваат топлина или растворувачи. Тоа се добива исклучиво со гмечење (цедење) на плодот, а ослободеното масло е она што го добива купувачот. На овој начин, единствено преку овој физички метод маслото се ослободува од маслинките, па така ги зачувува и своите карактеристични арома и вкус, но и бројните корисни соединенија кои се заслужни за неговите извонредни здравствени придобивки. Ваквото гмечење дава помалку масло и за самиот процес е потребно повеќе време. Поради тоа, но и поради квалитетот, овие масла се поскапи. Затоа, ладно цеденото маслиново масло содржи непроменети незаситени масти, поголема содржина на витамини, но и повеќе антиоксиданти – првенствено полифеноли.

Како најдобро да го користиме ладно цеденото маслиново масло?

Ладно цеденото маслиново масло навистина претставува дар од природата и истото треба да се искористи правилно со цел најдобро да се извлечат позитивните ефекти од неговиот извонреден состав. Во тој поглед, очигледно е дека најдобра е неговата употреба во оваа сирова форма – како додаток на салати, преливи и јадења кои не подлежат на значајна термичка обработка. Исто така, може да се додаде како сирово и кон печени или варени зеленчуци, готвени јадења, супи, чорби и сл. Покрај тоа, истражувањата покажуваат дека овој тип на масло содржи термо-стабилни липиди, односно е одлично и за готвење. Истражувањата покажале дека ладно цеденото маслиново масло ги задржува повеќето од своите природно присутни компоненти и по загревање на 180℃. Затоа, примената на маслиновото масло е речиси неограничена и истото треба да го користиме што е можно почесто, бидејќи навистина е најздравата и најдобра варијанта од сите други типови масла и масти.

Д-р Митов

Д-р Митов

Ние ви помагаме ВИШОКОТ КИЛОГРАМИ и поврзаните БОЛЕСТИ, на ПРИРОДЕН начин и трајно да ги отфрлите, за да бидете: ПОЗДРАВИ, ПОЛЕСНИ и ПОЛЕТНИ!

Leave a Replay

X
Добијте бесплатен пристап до нашиот неделен информатор